Повеќе од очигледно е дека Бугарија е толерирана од страна на ЕУ за многу сторени непринципиелни, па дури и криминални нешта. Колку и да приговара Македонија за однесувањето на бугарската страна, сепак нашите забелешки се третираат со игнорирање како од „земја што е надвор од европското друштво“.
Софија ги врши валканите работи за Брисел, затоа сѐ ѝ е дозволено
Ветото што Бугарија го стави на македонскиот евроинтегративен процес, без оглед на сите ветувања од страна на Европската Унија дека промената на името е последниот услов за почеток на пристапните преговори, покажува дека официјална Софија безрезервно ја ужива европската поддршка без оглед на апсурдноста на причините со кои се блокираше почетокот на преговорите на Македонија за членство во Унијата.
Холандски, германски, словенечки, чешки, словачки европарламентарци во повеќе наврати во своите обраќања во Европскиот парламент отворено прашуваа зошто на Македонија ѝ се наметнуваат обврски што се надвор од копенхашките критериуми, како што е расправата за историските личности, за јазикот, како и за идентитетот на македонскиот народ.
Одговорот од Брисел секогаш беше ист, дека отворените прашања мора да се решат ако Македонија сака да чекори напред во евроинтеграциите, без да се образложи зошто е излезено надвор од вообичаената преговарачка рамка што важеше за повеќето сегашни земји членки.
Брисел отиде дотаму што идентитетските прашања ги вметна и во преговарачката рамка за земјава, така што сега напредокот во евроинтеграциите ќе зависи од зеленото светло на заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија, но и од прифаќањето на бугарскиот наратив околу јазикот и идентитетот. Официјална Софија го потврди тоа така што во европски документ стави забелешка дека не го признава македонскиот јазик, а официјалните бугарски власти во повеќе наврати јасно истакнаа дека признаваат македонски народ од 1944 година наваму.
Ова е јасен став што бугарските власти го изнесоа во повеќе наврати пред своите европски партнери и цврсто стојат на тие позиции, но дилемата е зошто Европа, која се декларира како колепка на различностите, толерира вакви наративи, кои датираат од некои дамнешни времиња и не се дел од европските цивилизациски вредности.
Гасоводот „Балкански тек“ низ Бугарија – главна маршрута за снабдување на ЕУ со руски гас.
А клучното прашање е со што толку официјална Софија ја задолжи Европа, имајќи ја предвид ситуацијата кај нив – назадувањето во одредени процеси околу владеењето на правото, ниското ниво на борба со корупцијата, непочитувањето на човековите и малцинските права, како и слабите економски резултати, поради што Бугарија се наоѓа на дното во однос на другите земји членки на ЕУ… А, сепак, Брисел ѝ прогледува низ прсти на Бугарија. Зошто?
Повеќе од очигледно е дека Бугарија е толерирана од страна на ЕУ за многу сторени непринципиелни, па дури и криминални нешта. Колку и да приговара Македонија за однесувањето на бугарската страна, сепак нашите забелешки се третираат со игнорирање како од „земја што е надвор од европското друштво“.
А клучното прашање е со што толку официјална Софија ја задолжи Европа, имајќи ја предвид ситуацијата кај нив – назадувањето во одредени процеси околу владеењето на правото, ниското ниво на борба со корупцијата, непочитувањето на човековите и малцинските права, како и слабите економски резултати, поради што Бугарија се наоѓа на дното во однос на другите земји членки на ЕУ… А, сепак, Брисел ѝ прогледува низ прсти на Бугарија. Зошто?
Имено, како што анализираат одредени европски медиуми, Бугарија мора со нешто да го заслужила повластениот однос што го ужива во европски рамки, за што неодамна пишуваше и „Еуроактив“.
Она што веќе се очекува, тоа е дека со очекуваниот крај на транзитот на руски гас преку Украина на крајот на годинава, гасоводот „Балкански тек“ низ Бугарија ќе стане главна маршрута за снабдување на ЕУ и Украина со руски гас, за што веќе станало збор за време на посетата на највисокиот енергетски претставник на ЕУ, Дите Јул Јоргенсен, на диспечерскиот центар на државната гасна компанија „Булгартрансгаз“.
– По веројатниот прекин на преносот на природен гас од Русија преку Украина од почетокот на 2025 година, вертикалниот гасен коридор низ Бугарија ќе биде единствениот проект што ќе може да обезбеди и неопходен пренос на течен гас и продолжување на работата на преносот на гас, мрежа и подземни складишта за гас во Украина – изјави неодамна Владимир Малинов, шеф на „Булгартрансгаз“.
Според податоците на Европската комисија, од почетокот на руската инвазија на Украина, ЕУ драстично го намалила увозот на руски гас од повеќе од 50 отсто на 15 отсто минатата година. Вкупно девет отсто од испораките на руски гас во ЕУ доаѓаат преку гасоводи, а остатокот е течен гас. По суспензијата на украинскиот коридор за гас, испораките на ЕУ и Украина ќе мора да минуваат главно преку Бугарија и таа ќе биде земјата од каде што Европа во најголем дел ќе го добива рускиот гас. На тој начин Бугарија ќе биде еден вид параван за дистрибуција на рускиот гас, кој сега е под ембарго поради руската инвазија врз Украина.
Бугарија е главниот европски играч преку кој Европа се обидува да го стабилизира снабдувањето со гас
Бугарија стопанисува со гасоводот „Балкански тек“, кој е продолжение на „Турски тек“, гасовод што беше отворен точно една година пред руската инвазија на Украина. Проектот на рускиот претседател Владимир Путин за заобиколување на Украина беше поддржан од лидерите на Бугарија и Турција – Реџеп Таип Ердоган и Бојко Борисов. Србија исто така се вклучи во проектот. Во целиот регионален проект, единствено Македонија извиси, бидејќи првичните планови беа крак од овој важен гасоводен јазол да минува и низ Македонија, но под притисок на Западот, земјава се откажа од реализација на овој проект.
По избувнувањето на војната, Русија ја прекина испораката на гас за Бугарија, но властите во Софија не го попречуваа транзитот на рускиот гас за Србија, Унгарија и оттаму во Австрија. Одделно, Бугарија и Грција изградија интерконектор за гас што ја поврзува бугарската гасоводна мрежа со „Трансјадранскиот гасовод“, кој носи гас од Азербејџан.
Ова поврзување овозможува и пренос на ЛНГ од грчките терминали и увоз на ЛНГ од руските терминали преку „Балкански тек“.
Во моментов Бугарија и Романија не го користат потенцијалот на „Трансбалканскиот гасовод“, кој беше старата маршрута за транзит на руски гас од Украина преку Романија до Бугарија пред ставањето во функција на „Турски тек“. Идејата на властите во Софија е да ја сменат насоката на овој гасовод и да ја направат Бугарија маршрута за извоз на руски гас кон Романија и Украина.
Овој проект се нарекува „Вертикален гасен коридор“ и е заеднички проект на гасните компании на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина за продолжување на постојните гасни врски меѓу нив.
– Оваа стратегиска маршрута ќе гарантира пристап до дополнителните количества течен природен гас за потрошувачите во Источна Европа. Со реализацијата на проектите за зголемување на капацитетите од Грција во Бугарија и од Бугарија во Романија ќе се обезбеди техничка можност за пренос на дополнителните количества природен гас, вклучувајќи и од Јужниот гасен коридор, и течен природен гас, со максимална искористеност за можностите на постојната инфраструктура – рече Малинов.
Бугарските власти разговараа со Европската комисија за можноста за нејзина финансиска поддршка за спроведување на проектите на „Вертикалниот коридор“. Вкупната индикативна вредност на двата проекта за вертикален гасен коридор на „Булгартрансгаз“ е 300 милиони евра, без ДДВ.
– Бараме опции за финансирање на проектите, вклучувајќи и зголемување на капиталот на компанијата, финансирање со долг, користење државни гаранции и европско финансирање – рече Малинов.
Проектот за зголемување на капацитетот со Грција исто така ќе обезбеди можност за зголемување на снабдувањето од алтернативни извори за Македонија за покривање помеѓу 50 и 80 отсто од дневните потреби на земјата.
Сето ова говори дека Бугарија е главниот европски играч преку кој Европа се обидува да го стабилизира снабдувањето со гас, пред сѐ така што преку различни маршрути и страни ќе се увезува руски гас, затскривајќи го неоспорниот факт дека повторно станува збор за гас од Русија. Европа мора да го прави тоа оти очигледно е свесна дека со сегашните цени на гасот и нестабилноста во доставата, всушност страда европската економија, а стопанствата на повеќето европски земји едно по едно влегуваат во рецесија. До вчера забревтаната германска економија веќе денес е паркирана на колосекот, така што Европа, колку и да не сака, сепак во овој момент мора да бара дополнителни количества руски гас по канали што ги обезбедува Бугарија.
Тука треба да се бараат причините зошто Македонија е едноставно немоќна во спротивставувањето на силата на своите аргументи со „аргументите на силата“ на Бугарија. Таа очигледно ќе остане европско милениче, со оглед на алибито што ѝ го обезбедува на Европа за нејзините зделки од типот „не гледај што правам, туку слушај што ти кажувам“. П.Р.