Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потребно е да се менуваме, да се надградуваме и да одиме напред. Нема да има повеќе пари за плати и пензии без повеќе демократија. Нема повеќе слобода и можности без вклучување на секоја индивидуа како рамноправна во тие процеси, велат соговорниците

ЕКСПЕРТСКИ МИСЛЕЊА И СОНДАЖИ ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА

За тоа како се доживува демократијата во нашата држава побаравме мислење од невладини организации, експерти, како и од младите и студентите. Генерален заклучок е дека во Македонија често се злоупотребува волјата на граѓаните при носењето одлуки што, пак, е спротивно на демократските постулати и начела.
– Во Македонија генерално, но особено во политичката комуникација, упорно се избегнува нагласувањето на два од основните демократски принципа. Прво, дека граѓаните се тие што непосредно одлучуваат на избори, но истовремено дека во нивно име властите на централно и на локално ниво одлучуваат помеѓу кои било два изборни циклуса. И тука сме сведочеле често на (зло)употреба на граѓанската волја за носење одредени одлуки што биле од интерес на одредена владејачка гарнитура, но и непреземање конкретни важни акции од страв дека тоа ќе придонесе за рушење на рејтинзите на политичарите при следните изборни соочувања.
Со други зборови, граѓаните многу ретко имаат можност да слушнат и да видат визионерство од нивните политички избраници, но и интегритет што треба во себе да вклучува преземањето одговорност од политичарите, а не префрлање на топката за носење одлуки врз граѓаните секогаш кога политички ќе згусне – вели Бојан Кордалов, комуниколог.
Според него, едноставно кажано, во македонската политика со децении премногу е присутен т.н. „страв од еден мандат“, односно дека ќе настане крај на светот ако одредена политичка гарнитура дојде со мисија да освои еден мандат, да ја реализира ветената програма и потоа да биде заменета со друга. И токму овој страв од паѓање од власт или губење на изборите ја става земјава, но и целиот регион во еден постојан вител на популизам, национализам и комуникација на теми што луѓето би сакале да ги слушнат.

– Резултатот е наместо поголема демократија, развој и напредок, секоја држава да се затвора сама во себе, во своите тесни припадности, нивно величање и ширење омраза најчесто кон сите околу себе. И тоа го правиме сите на Балканот, без исклучок! Вториот аспект е размисла и за секој од нас, не само за политичарите. Во изминативе децении на демократска традиција често сакаме да ја толкуваме демократијата како што нам ни одговара – нагласува Кордалов.
Според него, токму ова е голем проблем за градење демократски систем и општества, што вешто го користат и политичарите, ставајќи се на страната на т.н. посилни или повеќебројни и тоа го прават единствено од причина што гледаат поголема маса за гласови.
– Така ниту се гради ниту се создава демократско општество. А само најдемократските и најинклузивните општества се составени истовремено од богати и среќни граѓани. На пример, скандинавските општества, канадското… Потребно е да се менуваме, да се надградуваме и да одиме напред. Нема да има повеќе пари за плати и пензии без повеќе демократија. Нема повеќе слобода и можности без вклучување на секоја индивидуа како рамноправна во тие процеси. Посакувам ова да биде поука за следните децении демократска иднина на Македонија – порачува Бојан Кордалов, комуниколог.
Спроведовме наша анкета и сондажа на мислења и кај средношколците и студентите за тоа што мислат тие за демократијата и како таа се практикува во Македонија. Заклучокот е дека поголемиот дел од младите добиваат погрешна претстава за демократијата, според она што го гледаат, или она што им се нуди како опција, а всушност претставува само искривена слика за поимот демократија.

– Демократија не претставува наметнување и прифаќање на туѓото мислење, не претставува почит кон туѓи, најчесто странски одлуки, притисоци, ограничувања, уцени и исклучување на граѓаните и јавноста од општествено-политичкиот живот. Поимот демократија е истоветен и со зборот слобода, а човекот не може да опстои таму каде што нема слобода, затоа и поголем процент од младите се иселуваат од Македонија бидејќи има недостиг, отсуство на демократија во нашата држава – е пораката на студентите и младите.
Политичарите, пратениците и сите други овластени лица и функционери треба да ја претставуваат и почитуваат волјата на народот, а не народот да ја исполнува волјата на власта, која смета дека е дојдена да „владее“ со народот. Сосема обратно, народот треба да владее со власта, а не власта со народ – тврдат соговорниците.