Владата на вчерашната, 118-та редовна седница го разгледа и го усвои предлогот на Министерството за образование и наука, второто полугодие од учебната 2022/2023 година, наместо на 18 јануари, да започне на 23 јануари (понеделник), со физичко присуство.
Во образложението од Министерството за образование и наука е наведено дека зимскиот распуст се продолжува поради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците.
На истата владина седница вчера беше разгледан и усвоен акцискиот план за реализација и спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година. Усвоениот акциски план содржи временска рамка и финансиски импликации за реализација на стратегијата до 2026 година. Националната стратегија е стратегиски документ во националната политика за еднаквост и недискриминација, чија главна цел е обезбедување конципирани решенија во реализацијата на правата на сите граѓани без дискриминација по која било основа.