Од творечки аспект, најзначајна е неговата поезија, која се карактеризира со национални и политички теми, односно борбата против грчкото културно и јазично влијание, како и османлиската власт во Македонија и пошироко. Оттука, неговата поезија се карактеризира со прикажување на тешката политичка положба во рамките на Османлиската Империја, како и негативното влијание на грчките фанариоти во македонскиот културен и јазичен живот. Неговото творештво се карактеризира и со еден слободарски дух, а ова е забележливо и во стихотворбата „Охрид“, во која меѓу другото можеме да прочитаме: „Пастир прати им духовен. Да пасит славјанско стадо. С дух народен, дух свободен. Да утешит старо, младо“
Од историските архиви: како низ историјата во Македонија видни претставници од другите етникуми ги доживувале макeдонскиот народ, јазик и идентитет
Деновиве се одбележуваат 185 години од раѓањето и 147 години од смртта на Рајко Жинзифов. Во македонската национална меморија тој останува запаметен како една од најзначајните личности на македонската книжевност на 19 век, но и еден од најистакнатите преродбеници, кој со својата книжевна и публицистичка дејност даде придонес во борбата за културна независност на македонскиот народ. Жинзифов како писател и поет се пројавува во еден бурен и историски период, период што се одликува со силна пројава на македонската словенска култура и борба против грчкото културно влијание во Македонија. Жинзифов, под влијание на Димитар Миладинов, со кого се запознал во 1856 година во Прилеп, се оддалечува од грчкото културно и јазично влијание. Жинзифов ги прифаќа начелата на Димитар Миладинов, односно афирмација на македонските културни и јазични особености.
Заминал за Русија и се запишал на Московскиот универзитет. Таму се движел во кругот на студентите од Македонија, а одржувал и контакти со Константин Миладинов. Во Русија, Жинзифов гравитирал околу словенофилските средини и прифатил одредени нивни идејни погледи, кои потоа ги изразува во своето творештво. Во однос на неговата книжевна дејност, особено во поезијата, се чувствува влијанието на македонската народна песна, како и на поезијата на Константин Миладинов, но и на значајни руски автори, како што е Пушкин или Лермонтов.
Жинзифов е автор на околу четириесет стихотворби и еден прозен состав, како и на повеќе преводи од руската, украинската, чешката и полската поезија. Дополнително тој е автор на повеќе текстови со историски, политички и книжевно-историски карактер, како и преводи на руски јазик на неколку дела од автори од Балканскиот Полуостров. Под влијание на Димитар Миладинов, уште додека бил во Македонија, започнал со собирање на македонското народно творештво, а еден дел од материјалите подоцна биле објавени во Зборникот на Миладиновци.
Своите први песни ги објавил во 1860 година, а во четвртиот број на списанието „Братски труд“, печатено во Москва, биле објавени повеќе негови песни. Во 1863 година, објавил обемна збирка од своите песни и преводи на македонски народен јазик од творбите на Тарас Шевченко, една од најзначајните личности во украинската книжевност. Во 1862 година, во „Братски труд“ го објавил расказот „Прошедба“, а во 1870 година ја печати во одделна книшка поемата „Крвава кошула“.
Жинзифов објавува неколку историски труда и песни во цариградските весници „Македонија“ и „Време“. Соработувал и со чешкиот весник „Словени“, како и со повеќе други списанија и весници од Романија и Цариград (денес Истанбул). Жинзифов се пројавува и како редовен соработник на руските весници „Ден“ и „Москва“, кои се карактеризираат со словенофилска тематика.
Од творечки аспект, најзначајна е неговата поезија, која се карактеризира со национални и политички теми, односно борбата против грчкото културно и јазично влијание, како и османлиската власт во Македонија и пошироко. Оттука, неговата поезија се карактеризира со прикажување на тешката политичка положба во рамките на Османлиската Империја, како и негативното влијание на грчките фанариоти во македонскиот културен и јазичен живот. Неговото творештво се карактеризира и со еден слободарски дух, а ова е забележливо и во стихотворбата „Охрид“, во која меѓу другото можеме да прочитаме: „Пастир прати им духовен. Да пасит славјанско стадо. С дух народен, дух свободен. Да утешит старо, младо“.
Како и секој човек, Жинзифов се соочувал со одредени духовни премрежиња, кои своето место го нашле и во неговото творештво, а особено е забележливо сопственото прекорување за неисполнување на долгот кон татковината.
„Прошедба“ е единственото дело на Жинзифов што се одликува со раскажувачка проза, но од аспект на македонската култура ова дело има особено значење, затоа што претставува прв чекор кон создавање на македонската уметничка проза. Делото го опишува грчкото културно и јазично влијание во Македонија, како и македонските народни обичаи. Според некои книжевни критичари, „Прошедба“ е спој помеѓу вистинскиот расказ и патописот.
Жинзифов преку своите дела се обидува да ја информира руската, но и европската општествена јавност за положбата на словенското население во рамките на Османлиската Империја. Тој се надева дека ќе успее да ја убеди царска Русија, а и други европски држави воено да интервенираат и да ги ослободат балканските земји. Д.Ст.