Жената по својата природа, без оглед што ѝ се наметнува епитетот понежна половина, апсолутно е столбот на семејството. А во вонредни околности, како што се војните, практично тие се вистински хероини. Некои жени го земаат оружјето и се борат рамноправно со мажите, тоа е отпор кон она што се случува околу нив. Во овој момент жените го трпат и најголемото страдање, тврдат аналитичарите
Меѓународниот ден на понежниот пол во сенка на војната во Украина
Во светот денеска се одбележува 8 Март, Меѓународниот ден на жената, но во контекст на случувањата во Украина, како и во многу други конфликтни подрачја, овој датум како да ја губи вистинската смисла и цел – жените да бидат рамноправен дел во свет во кој ќе владеат мир и благосостојба за сите.
Наместо стремеж кон вакви космополитски цели, светот во 21 век се претвори во место во кое жената сè повеќе страда, во кој е прогонета од својот дом и испратена преку хуманитарни конвои да се спасува себеси и своите деца. Она што секојдневно може да се забележи на граничните премини на Украина со соседните земји се илјадниците расплакани жени, кои бегајќи од воениот конфликт се упатуваат во уште една животна непознаница, во обид да ги заштитат своите деца и да ги оттргнат од виорот на војната. Нивните семејства се растурени, а иднината неизвесна. Извесни се само нивното страдање и болка.
Тоа страдање ги разјадува однатре од моментот кога се збогувале со своите синови и сопрузи, кои останале на боиштето за да се борат, секој за својата вистина. Болката не познава нација, таа го погодува секого кога ќе го загуби својот близок, па, така, и секоја жена, мајка, кога на боиштето ќе настрада нејзиниот сопруг или, пак, син. Не е важно чија униформа носел, на која страна бил, траорната вест секому ќе му донесе трајна болка, која ќе остане засекогаш да тлее во срцето.
Тоа се страшни трауми за секоја жена. Во едни такви вонредни светски околности е и годинешното одбележување на Меѓународниот ден на жената.
Овој денешен датум треба да биде потсетник за борбата на жените за рамноправност со мажите, но таа борба за рамноправност не требаше да се претвори во рамноправност на воените полиња. Илјадници жени го зедоа оружјето во свои раце и застанаа во одбрана на татковината, наместо мајки, учителки, докторки, инженерки, станаа војници.
– Случувањата во Украина уште еднаш покажаа дека жената е столбот на семејството. Кога таа е столб на семејството, автоматски таа е столб на сè. Точно, мажот можеби е на боиште, но грижата за домот, за децата, останува на жената. Таа ќе направи сè за да ги заштити домот и семејството – вели универзитетската професорка Викторија Кафеџиска.
Според неа, во овој момент жените го трпат најголемото страдање, соочувајќи се и бегајќи од воениот конфликт во Украина.
– Жената по својата природа, без оглед што ѝ се наметнува епитетот понежна половина, апсолутно е столбот на семејството. А во вонредни околности, како што се војните, практично тие се вистинските хероини на војната. Некои жени го земаат оружјето и се борат рамноправно со мажите, тоа е отпор кон она што се случува околу нив. Во војна нема никакви поделби, сите се борат. Во овој момент во Украина има жени што во воени услови раѓаат деца и едноставно тоа е моментот и низ тоа мора да поминат, без оглед колку им е тешко. Затоа уште еднаш ќе кажам дека жените докажаа дека не се воопшто послабата страна – истакнува професорката Кафеџиска.
Таа уште додава дека во вакви вонредни околности, жената нема да размислува меѓу професијата и семејството.
– Ниту една нема да каже јас ќе останам во земјата и ќе работам, а семејството ќе ми трпи. Го ставаат семејството на прво место и ги трпат сите жртви – нагласува Кафеџиска.
Професорката, во контекст на Меѓународниот ден на жената, истакнува дека низ годините жената многу напреднала во остварувањето на заложбите за еднаквост, но сè уште, дури и во високоразвиените земји, постои разлика во однос на третманот и позицијата на жената.