Фото: Игор Бансколиев

Познавачите на политичките состојби во земјава сметаат дека со ваквата реторика Ахмети се обидува да остане монолитен на политичката сцена, иако, како што велат, повеќе од извесно е дека е дојдено времето тој да се повлече од политиката. А сигнали за тоа има и во неговата партија, и во државните институции поврзани со правосудството, а и од Хаг…

На зовриените македонско-бугарски
страсти, лидерот на ДУИ уште повеќе
го разгорува огнот на национализмот

Во време кога во Македонија ескалираат односите на релацијата Софија – Скопје и кога има тензии во општеството во пресрет на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев, лидерот на ДУИ и коалициски партнер во Владата, Али Ахмети, ја „потфаќа“ националистичката реторика на Софија и дополнително долева „масло на огнот“. Тој, јавајќи на бранот на национализам и шовинизам (актуелно генериран од носители на државни функции кај нашиот источен сосед), самиот одново ја рециклира во фокусот албанската националистичка реторика од 2001 година, одеднаш вметнувајќи ја синхронизирано Македонија во „сендвич“ на надворешен и внатрешен политички притисок?! Која е причината за ваквото негово истапување во јавноста?

Еколошката агенда во резерва, напред со националистичко – популистичката реторика

Во време кога светот сè повеќе бара еколошки и евтини решенија како полесно да се надмине енергетската криза, Ахмети како предводник на новотрансформираната зелена партија, наместо да говори за еколошка агенда, повторно игра на националистичката карта, немајќи ништо друго реално да им понуди на своите гласачи.
Тој, говорејќи неодамна пред партиското членство во Шипковица, се наврати на конфликтот од 2001-та за да ги потсети присутните на, како што вели, победата што ја извојувале како УЧК.
– Војната Русија – Украина и натаму претставува жешка зона. Се сретнав со една делегација од Украина и им реков: „Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и не предавајте се никогаш, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш“ – порачал Ахмети.
Клучната дилема што во последно време се наметнува во македонската јавност е зошто сега Ахмети повторно се врти кон радикализмот со изјави од типот „ги победивме Македонците“, особено ако се има предвид дека токму неговите сограѓани Македонци во овој момент бијат тешка битка со Бугарија за зачувување на идентитетот и сопственото достоинство.
Стана практика секогаш кога ДУИ ќе се соочи со некаква закана за губење на функциите во власта, веднаш да излезе со воинствена реторика, како онаа на Шкодране Дардишта од пред година и половина, искажана во знак на незадоволство од развојот на политичката ситуација во земјава и можноста ДУИ да оди во опозиција.
– Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крајот сами ќе изгорите во него – порача тогаш Дардишта и, како по обичај, не беше повикана на одговорност за воинствените зборови.
Очигледно станува збор за стар и проверен рецепт што го практикуваат интегративците со години, односно незадоволството на гласачите секогаш да го амортизираат со потпалување на националистичкиот оган.

Тонот на Ахмети се совпаднаа и со моментот на влошување на релациите
Софија – Скопје, но и со тиранскиот самит

Нејасно е зошто во момент кога Ахмети буквално ја има целата контрола и власт во државата го одбира овој момент за враќање на реториката од 2001 година, имајќи предвид дека станува збор за искусен и одмерен политичар, кој ништо не прави случајно. Подигањето на тонот следува по тиранскиот самит, но и по засилениот притисок од повеќе страни што бараат Ахмети и интегративците по речиси 20 години владеење да заминат во опозиција, што очигледно предизвикува нервоза кај претседателот на ДУИ, кој не е сигурен како ќе ги менаџира внатрепартиските конфликти ако партијата му е во опозиција и нема да ги има алатките за задоволување на сè поголемите апетити на високите партиски функционери. Дополнителна главоболка му задава и таканаречената „Огнена група“, која веќе подолго време отворено бара демократизација на партијата и расчистување со некои корумпирани функционери од оваа партија, на што тој засега се спротивставува. Ако на ова се додадат и постојаните најави за објавување на американските црни листи, на кои, како што веќе најави американската амбасадорка Агелер, не е исклучено да се најдат и актуелни функционери, сликата почнува да станува комплетна.
Во една таква констелација, очигледно нервозата го прави своето, така што со националистичката реторика се прави обид да му се додвори на електоратот и на тој начин да си ги зачува влијанието и лидерската позиција во партијата, но и во државата.
Познавачите на политичките состојби во земјава сметаат дека со ваквата реторика Ахмети се обидува да остане на политичката сцена, иако, како што велат, повеќе од извесно е дека е дојдено времето тој да се повлече од политиката, бидејќи е симбол на едни времиња со кои младите повеќе не се идентификуваат.
– На Ахмети веќе му се ниша столчето и ова што деновиве излегува против него не е воопшто случајно и без поддршка и однадвор. Веќе е увидено дека неговото време е поминато и самите случувања внатре во ДУИ покажуваат дека неговото време динамично одминува и тој ја користи оваа воена реторика само да се врати на старите позиции. Излегува и на терен, дава изјави, активен е, само за да покаже дека има вредност. Неспорно дека сè уште има голема вредност, но неговото време помина – оценува аналитичарот Синиша Пекевски.
Тој појаснува дека сегашните фронтални напади врз лидерот на ДУИ од различни места само потврдуваат дека тој треба достоинствено да се повлече пред својот електорат наместо непотребно да си го нарушува имиџот. И меѓународната заедница, односно Судот во Хаг за воени злосторства прати многу јасен сигнал, повикувајќи го Ахмети во Хаг да сведочи за злосторствата на ОВК. Според некои правни експерти од странство, „многу е веројатно да се очекува и поканата во својство на сведок наскоро да се трансформира во својство на обвинет“…
– Ако е така, тоа значи дека на Ахмети му е одѕвонето. Лично мислам дека тој не сака да ги види тие сигнали што му пристигнуваат од повеќе страни, но најпаметно би било тивко да замине како голем лидер наместо вака да си ја урива целата слика за себе. Со тоа што излегува и дава несоодветни изјави со кои потсетува на лошиот период низ кој помина земјава пред 20 години, само уште подлабоко заглавува во лошите работи, бидејќи новите генерации не се сеќаваат на тоа и воопшто и не им е гајле. Тоа поминало пред 20 години и нови работи и нови случувања ги интересираат младите. Повеќе не може да се користи таа реторика, младите сакаат поквалитетен живот. Многу работи се сменети и затоа верувам дека овие изјави на Ахмети му се несоодветни, избрзани и понижувачки, што уште повеќе го зголемува негативниот импакт кон него – истакнува Пекевски.
Комуникологот Петар Арсовски во ваквата кампања на Ахмети, исполнета со изјави со кои се навраќа на воениот конфликт во земјава, препознава одговор на нападите врз ДУИ.
– Мислам дека причината за ваквата националистичка реторика на Ахмети е загрозувањето на ДУИ. Како што се засилува реториката на „Огнената група“, така Ахмети ја засилува и сопствената реторика во обид да стане популист, во обид да ја заштити позицијата на ДУИ кај електоратот – вели Арсовски.
Тој се согласува дека секогаш кога интегративците ќе почувствуваат закана, стануваат етноцентрични и настапуваат со националистичка реторика.