Претседателот на Македонија во своето обраќање изрази одредена резерва за опстојувањето на трансатлантското и паневропското единство и солидарност и кога ќе заврши војната во Украина, а тоа, според него, е клучно за да надвладее демократијата над автократијата
Македонскиот претседателот Стево Пендаровски го опиша Западен Балкан како мека точка во безбедносната архитектура на Европа и зрела за потенцијални кампањи за надворешно влијание.
– Опасноста што доаѓа од Кремљ, настрана од Украина, е за Западен Балкан, каде што има чувствителни точки во европската безбедносна архитектура – рече Пендаровски, говорејќи на вчерашната панел-сесија „Во одбрана на Европа“, која се одржува во рамките на Светскиот економски форум во Давос.
Тој додаде дека „треба да бидеме многу внимателни со тоа“ и како сојузници и како членки на НАТО, но и како членки или кандидати за членство во ЕУ.
Според македонскиот претседател, САД треба да ѝ посветат поголемо внимание на ситуацијата во регионот, бидејќи и натаму постојат безбедносни предизвици на Западен Балкан, посочувајќи ги Република Српска и северниот дел на Косово како две ранливи точки.
Македонскиот претседател посочи дека локалните актери не се среќни со мировните договори и го користат тоа да се служат со потпалувачка реторика и дејства.
Пендаровски понатаму нагласи дека е клучно кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, имајќи предвид дека и кај некои од најголемите држави се во пораст авторитарните тенденции.
– Ако демократиите не се држат и останат заедно, почитувајќи исти вредности и борејќи се за нив понекогаш и буквално, тогаш ќе преовладеат автократиите. Видовме минатата година, кога почна војната во Украина и претходно во Белорусија, дека основната дилема и битка се меѓу демократијата и автократијата. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет – порача Пендаровски.
Тој изрази одредена резерва за опстојувањето на трансатлантското и паневропското единство и солидарност и кога ќе заврши војната во Украина, а тоа, според македонскиот претседател, е клучно за да надвладее демократијата над автократијата.
Зимската сесија, насловена „Соработка во фрагментиран свет“, почна вчера, а на форумот светските лидери ќе се обидат да ги премостат политичките поделби во поларизираниот свет, да ги стабилизираат нарушените економии и, меѓу другото, да ја решат загриженоста за климатските промени.
На форумот се очекува учество на повеќе од 600 директори на компании и повеќе од 50 шефа на држави, меѓу кои е и македонскиот претседател Пендаровски, кој присуството во Давос ќе го искористи и за средби со повеќе учесници на форумот.
На зимската сесија на Светскиот економски форум нема да учествуваат американскиот и кинескиот претседател, Џо Бајден и Си Џинпинг, британскиот, индискиот и францускиот премиер, Риши Сунак, Нарендра Моди и Емануел Макрон, како и рускиот претседател Владимир Путин. П.Р.