Антиупатства за лична употреба

Интересно е дека и во „Ана Каренина“ (првата средба на Ана и Вронски во вагонот на пристигнатиот воз на московската железничка станица, кога се случува погибијата на железничарскиот работник, повторната средба во воз при враќањето на Ана во Петербург, на крајот нејзиното самоубиство под железничките тркала) и во „Кројцеровата соната“ (лесно е да се замисли дека целиот исповеден монолог на Позднишев, што исполнува поголем дел од „Кројцеровата соната“, откако тој ќе влезе во купето од почетната станица на патувањето, е проследен со тропкањето на возот по шините), железницата има клучна улога. Забрзаната експанзија на железницата во Русија, која ја изменува патната карта на Империјата и многу брзо станува вообичаено превозно средство, започнува само помалку од четири децении пред дејството на „Ана Каренина“, 1872-1876. Имено, благодарение на големите усилби на познатиот инженер Франц фон Гестнер, од 1836-1837 конечно се градат пруги, железнички станици, на први ноември 1851 е отворена Николаевската железничка пруга меѓу Санкт Петербург и Москва, долга 645 километри (што ни Пушкин ни Лермонтов не го доживеале, за разлика од Достоевски, Толстој и Чехов, па така, во една слободна размисла, би можеле да ја поделиме „руската книжевност пред“ и „руската книжевност по возот“). Познато е дека самиот Толстој, бегајќи од дома, починал во Астапово, во една провинциска железничка станица.

Да се вратиме на Позднишев. Да видиме како Толстој ja опишува надворешноста на тој во почетокот молчелив патник, кој од вториот ден на патувањето детално и напрегнато му го раскажува на нараторот своето ужасно брачно искуство: „…поситен господин… сѐ уште не толку стар, но со очигледно прерано побелена кадрава коса и необично сјајни очи што стрелаа од предмет на предмет. Носеше стар капут од скап крој со јака од јагнешка кожа и голема јагнешка шубара“. Освен тоа, Позднишев постојано пуши, пие чај и „овде-онде испушташе некои чудни звуци слични на искашлување или на започнато, па прекинато смеење“. Чуден тип, би рекле, но ни неговиот изглед не нѐ подготвува за неговата радикална, злосторничка омраза кон еросот.
Насилната смрт (самоубиство и убиство) е епилог на двете дела на Толстој. Откаде тоа писателот што веќе по искуството на Кримската војна, во „Севастополските раскази“ ја жигосува нечовечноста, бесмисленоста на убивањето, потоа, преку учењето на Прудон, го зајакнува својот пацифизам, осудувајќи го нанесувањето зло и смрт како „страшно во својата морална изопштеност“, а во своето доцно „толстоевство“ го изедначува насилството со болест, откаде тој да ја потенцира токму таа насилна смрт во прекинот на животот на Ана и сопругата на Позднишев, чие име не го дознаваме до крајот? Далеку од тоа да го оправдува чинот на (само)насилството, авторот Толстој го спојува како последица на силната, неумерена еротска страст. Но тој не можел, за среќа на читателите, и во делата на староста, како во „Кројцеровата соната“ или „Отец Сергеј“, низ кои сакал да ги наметнува своите убедувања, колку и тие да се силни, да ги надвиши над неговиот писателски гениј.

Стариот Толстој во својот етички кодекс остро определил што е зло, што е дозволено, а што морално неприфатливо, и тие негови ставови се нагласени во изведба на главниот јунак на „Кројцеровата соната“, дури и кога се нелогични (на пример, за вегетаријанството: „… А ние што јадеме по две фунти месо, дивеч и оние најразлични разгорени јадења и пијалаци – на што оди тоа? На сетилни ексцеси.“ Тешко може да се поверува дека еден таков насилник каков што е Позднишев е против јадењето месо, но Толстој, со години убеден вегетаријанец, ја вметнал оваа антимесна забелешка во контекст на долгата тирада против сетилноста на жената во бракот). Од друга страна, веќе е кажано, насилното убиство што го извршува Позднишев врз својата „неверна“ сопруга е директно против Толстоевото учење за ненасилството. Но во исто време, низ целиот свој живот, самиот Толстој поседувал несмалена сексуална жед, што некогаш, наспроти неговиот толстоизам за воздржаната брачна сексуалност, може да дејствува хумористично, како во белешката во дневникот на Соња, кога една вечер, откако се смирил (којзнае по кој пат) со жена си, тој, преку ќеркичката Тања, ѝ порачува дека легнал. „Невините уснички ми пренесуваат токму вакви зборови. Многу добро знам што значи тоа…“, запишува Соња со нежен потсмев.

(продолжува)