Во Стопанската комора на Македонија претставени сертификатни марки за посебен идентитет за македонските производи и услуги
Во една национална економија, во градењето на нејзините економски политики со иницијативите и ставовите, со експертизата, мислењата и со потврдите, издавањето на сертификатните марки за македонските производи или услуги има особено значење и силно ќе влијае врз нивната препознатливост и додадена вредност на пазарите.
Затоа, Стопанската комора на Македонија воспостави сертификатни марки за посебен идентитет за македонските производи и услуги, давајќи им директна поддршка на производителите на домашни производи и услуги, со што гарантира домашно потекло и квалитет, но и го поттикнува унапредувањето на домашното производство и на домашната економија, создавајќи посебен идентитет за македонските производи и услуги на странските пазари, но и на домашниот пазар.
Ова вчера, неколку дена пред одбележувањето 100 години коморско организирање во Македонија, на прес-конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, го изјави потпретседателката м-р Анета Трајковска.
Наедно, таа ги претстави сертификатните марки „македонски екстра квалитет“ и „традиционален македонски квалитет“, кои се воспоставуваат како одговор на барањата на нашите компании.
Целта на Стопанската комора е „со воспоставувањето на овие сертификатни марки да направи поддршка во промоцијата на македонските производи и услуги, во промоцијата на македонските компании и поддршка во унапредувањето на нивната конкурентност и зголемена профитабилност; промоција на Македонија во странство, но и поттикнување и поддржување на развојот на домашното производство, унапредување на квалитетот, креативноста, иновативноста итн. Во постапката на издавање на сертификатните марки се користат транспарентни критериуми и критериуми поставени на експертска основа за доделување на правото за користење, а постојат утврдени правила и процедури за доделување. Во процесот на проверка се вклучени експерти од различни области за утврдување на потеклото, квалитетот, за дизајнот, маркетингот, за почитување и за воспоставување потребни стандарди, рече потпретседателката м-р Анета Трајковска.
Производот или услугата мора да има висок квалитет и да е произведен во нашата држава, создаден со „доминантно учество на македонски труд и со материјали од најмалку 60 отсто“! Производот, односно услугата треба да биде со висок квалитет, да се карактеризира со добра функционалност, употребливост, современ дизајн и со издржливост, при што ќе биде обезбедена примена на еколошките стандарди, а на пазарот да биде најмалку една година. Н.М.