Седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Македонија
Во вторникот беше одржана редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите состојби и движења на домашната и светската економија. Во контекст на таа опсервација, Народната банка донесе ново-стари одлуки за поставеноста на монетарната политика во наредниот период.
Продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одлучи каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п., до нивото од 6 отсто. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на депозитите, за 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите прекуноќ и на седум дена ќе изнесуваат 3,90 отсто и 3,95 отсто. Со оваа промена продолжи циклусот на затегнување на монетарната политика што започна на крајот на 2021 година. Имено, тие политики започнаа со активно управување со ликвидноста со интервенциите на девизниот пазар, а потоа се продолжи со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и зголемување на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка.
Стопанството и натаму не чувствува никаков поттик од страна на Народната банка
Овој потег на Народната банка, според домашни економисти, е во согласност со очекувањата, иако нагласуваат дека имаше конкретни спротивни сигнали однадвор (запирање на растот на каматните стапки од страна на американскиот ФЕД и на Европската централна банка, особено поради можноста да се раздвижи стопанската активност односно индустријата во западните држави).
Соговорниците напоменуваат дека Народната банка преферира модели на висока претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските потреси на потрајна основа. Иако, според соговорниците, Народната банка треба да води приоритетно сметка за стимулирање на стопанството и индустријата, заради економскиот раст, таа не го прави тоа со ваквите (анемични за развој) политики, а тврдокорни инфлациски, кои засега и даваат којзнае каков плод. Засега за неа е приоритет инфлацијата да забавува, а бавно намалување бележи и базичната инфлација. Инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со неизвесност. Во однос на најновите показатели, кај домашните цени, во мај 2023 година годишната стапка на инфлација е на 11,3 отсто (13 отсто во претходниот месец), во согласност со оцените за забавување на стапката на инфлација во рамките на априлскиот циклус проекции.
На девизниот пазар движењата се поволни, а растат и приливите на менувачкиот пазар. Во такви околности, Народната банка е присутна на девизниот пазар со откуп на вишокот девизна ликвидност. Нивото на девизните резерви на крајот на мај е соодветно за одржување на фиксираниот курс на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на мај беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар.
Сондажите на НБРМ за економската активност, индустриското производство,
трговската размена…
Што се однесува до домашната економска активност, во првиот квартал од 2023 година реалниот раст на БДП забрза, достигнувајќи 2,1 отсто на годишна основа (по растот од 0,6 отсто во претходниот квартал), малку посилно во однос на проектираното забрзување на растот за овој квартал од априлскиот циклус проекции. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал. Во однос на прашањето за трговската размена, НБРМ тврди дека „трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција“. Исто така НБРМ вели дека „се поволни остварувањата на менувачкиот пазар, кои од почетокот на годината, заклучно со мај, упатуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи кај приватните трансфери во однос на проектираните“.
Народната банка вели дека „внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок“. Р.Н.М.