Музички настапи, изложби, театарски претстави и танцови перформанси ќе понуди 44-то издание на фестивалот „Скопско лето“, кој секоја година традиционално се одржува од 21 јуни до 31 јули.
– Годинава исто имаме околу 30 настани на „Скопско лето, по еден секој ден. Како и секоја година, најзастапена ќе биде музиката, затоа што тоа е универзалниот јазик на комуникација меѓу цивилизациите, меѓу народите, но ќе има и театарски претстави, ликовни изложби и различни форми на уметничко изразување – нагласи директорот Никола Глигоров.
И покрај тоа што основата на програмата ја претставуваат домашни уметници, годинава ќе има и богат избор на меѓународни програми. За поголемиот дел од настаните влезот е слободен. Фестивалот се отвори синоќа, на Светскиот ден на музиката, со концерт на Факултетот за музичка уметност, како и концерти со хорот од Националната опера и балет, како и оперски гала-концерт, две театарски претстави за деца на Театарот за деца и младинци и на Сашо Ристовски.
Ансамблот на „Танец“ ќе одржи концерт денеска, на плоштадот „Карпошово востание“. Концертна промоција на албумот „Вида“ на Мијата ќе се случи на 28 јуни, во „Куршумли-ан“. Ацо Кондев и Џон Илија Апелгрин ќе се претстават со фотографии во КИЦ и во Кинотеката на Македонија. Од театарските претстави ќе бидат претставени најдобрите остварувања на Македонскиот народен театар и на Драмскиот театар: „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорд Идризи, и „Кафез кај кокони“, во режија на Димче Николовски. Некои од настаните ќе се одржат во „Сули-ан“, „Куршумли-ан“, фоајето на НОБ, Музејот на македонската борба. „Скопско лето“ ќе се затвори со настап на словенечкиот квинтет „Камерата академика“ во Музејот на македонската борба.