Преку одбележувањето и чествувањето на ваквите личности, настани и движења, нашиот весник им овозможува на своите читатели, но и на пошироката општествена јавност, да се присетат на оние генерации што биле пред нас, да ги чествуваат нивниот лик и дело, да го продолжат трасираниот пат на патриотизмот, родољубието, стремежот за просперитет и развој на својот народ и држава, но и да извлечат поуки за иднината. Прославата на годишнините или датумите, исто така, ни овозможува да ги потврдиме и да ги утврдиме основните принципи врз кои беше основана современата македонска држава
Повод: 122 години од раѓањето на Емануел Чучков
Кога некој се обидува да манипулира со вистината и да го видоизмени минатото на македонскиот народ преку извртување на фактите, Македонија како држава и македонскиот народ како нација не смеат да ја заборават сопствената историја. Во вековната борба за слобода и сопствена држава, илјадници знајни и незнајни македонски патриоти ги положија своите животи, а особено место во македонската национална меморија има Емануел Чучков, човекот што го посвети својот живот на слободата на Македонија и нејзиното државотворно отелотворување. Денес, кога се одбележуваат 122 години од неговото раѓање, ќе потсетиме дека во клучните историски моменти за Македонија, Чучков е член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а на Првото заседание на АСНОМ е избран за член на Президиумот на АСНОМ како негов втор потпретседател. Останува запаметен кога на средбата со Тито на островот Вис ги потенцирал очекувањата на македонскиот народ дека до крајот на војната ќе ги оствари своите национални права.
По врвиците на македонската слобода
Емануел Чучков е роден на 27 ноември 1901 година во штипската населба Ново Село во родољубива македонска средина. Како внук на Ефрем Чучков, истакнат македонски револуционерен деец и соработник на македонскиот великан Гоце Делчев, кај младиот Емануел се раѓа бунтовнички дух и како ученик во 1919 година станува член на социјалистички кружок. Во 1921 година активно учествува на изборите кога за првпат бил уапсен од страна на југословенските власти. Во 1923 година е еден од основачите на разгранокот на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) во Скопје. Станува збор за нелегална студентска организација што се залагала за создавање самостојна македонска држава, а во нејзиниот устав се вели дека нејзин член може да биде „секој студент или ученик од повисоките гимназијални одделенија и кој е Македонец по потекло“. Во мај 1927 година доаѓа до голема провала во ММТРО кога биле уапсени повеќе нејзини членови, вклучувајќи го и Чучков. За оваа провала, историчарот Иван Катарџиев вели дека дошла од Иван Михајлов и неговите приврзаници.
Како резултат на провалата на 5 декември 1927 година започнува т.н. Скопски студентски процес, кога на обвинителна клупа се седнати 20 македонски ученици и студенти. Меѓу обвинетите е и Чучков, но поради недостиг од докази бил ослободен од обвинението. Меѓутоа не се откажал од својата нелегална активност и повторно бил затворен. Во 1929 година го положува професорскиот испит во Белград и сѐ до 1941 година работи како гимназиски професор во Србија и Босна.
Учесник во македонската националноослободителна и антифашистичка борба
По разгорот на македонската антифашистичка борба, во 1943 година, Чучков е член на групата интелектуалци што го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Овој орган има особено значење за македонското национално ослободително движење, бидејќи ја координирал работата на Народноослободителниот одбор на окупираната територија од вардарскиот дел на Македонија. Подоцна вршел подготовки за формирање на повисоките органи на народната власт, а по формирањето играл улога на највисок Народноослободителен одбор. Од ова тело ќе произлезе и приговор на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб подготвен од Киро Глигоров и Благој Хаџипанзов. Во приговорот се вели дека „слобода и рамноправност на една третина од Македонија,“ онаа што беше во границите на бивша Југославија, не е доволна затоа што „делумно ослободен народ не е слободен народ.“ Затоа тие принципи не можеа да се прифатат како применливи на македонската реалност, односно во „тесните рамки на Југославија“ не можеше да се реши македонското национално прашање.
Во април 1944 година станува член на проширениот состав на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Одлуката за формирање посебно тело што ќе има задача свикување на АСНОМ е донесена на Преспанското советување одржано во август 1943 година. Активностите за негово формирање течат до ноември, кога е формиран Иницијативниот одбор (ИО). На состанокот на ИО одржан на 30 април во кумановското село Стајовце, меѓу другото, е одлучено ИО да се прошири со нови членови. Во проширениот состав на ИО влегуваат и членови од групата приговарачи на манифестот на Главниот штаб. По проширувањето неговиот состав има 22 члена: Методија Андонов-Ченто (претседател), Емануел Чучков и Бане Андреев (потпретседатели), Киро Миљовски и Киро Глигоров (секретари), Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Кирил Петрушев, Епоминонда поп Андонов, Страхил Гигов, Никола Минчев, Петре Пирузе, Мара Нацева, Благој Хаџи Панзов, Владимир Полежиновски, Ристо Бајалски, Борко Темелковски, Тодор Циповски, Панко Брашнаров, Тодор Ѕвездин, Генадие Лешков и Милан Стефанов.
Средбата со Тито на островот Вис
На 6 мај 1944 година се одржала заедничка седница на ИО за свикување на АСНОМ и Главниот штаб под претседателство на Методија Андонов-Ченто, на која била избрана тричлена македонска делегација за посета на југословенското раководство во состав: Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, а нешто подоцна било договорено кон делегацијата да се приклучи и Светозар Вукмановиќ-Темпо. Непосредно пред доаѓањето на македонската делегација на Вис, југословенското раководство имало средба со делегација од КПГ. Делегацијата на КПГ на разговорите со Тито го обвинува македонското политичко и воено раководство за загрозување на линијата на КПГ. Притоа, извесно е дека југословенското раководство прифатило продлабочување на соработката меѓу двете партии и задржување на версајските граници, но наедно добиле впечаток за погрешниот став на КПГ кон Македонците во Грција.
Во јуни 1944 година, македонската делегацијата оди на островот Вис, тогашното седиште на НКОЈ, Врховниот штаб на НОВЈ и Президиумот на АВНОЈ. На споменатата седницата од 6 мај 1944 година, покрај изборот на македонската делегацијата, таа била ополномоштена за следниве барања до југословенското раководство: да се продолжи борбата за целосно обединување на Македонија, ако тоа го допушта меѓународната состојба; да се побара од Советскиот Сојуз да испрати своја мисија во Главниот штаб на HOB и ПОМ, да се засили пропагандата на македонски јазик и да му се даде ист третман со другите југословенски јазици, во емисиите „Слободна Југославија,“ на радио Лондон и радио Њујорк.
Состанокот со Јосип Броз Тито и со високи претставници на НКОЈ и Президиумот на АВНОЈ и македонската делегација се одржува на 24 јуни 1944 година. Членот на македонската делегација Емануел Чучков на состанокот поднесе реферат во кој го потенцира очекувањето на македонскиот народ дека до крајот на војната ќе ги оствари своите национални права. Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев го дополнија изнесеното во рефератот. Методија Андонов-Ченто ги презентирал заклучоците и инструкциите што македонската делегација ги доби од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Ставот на НКОЈ на македонските претставници категорично им го соопшти Јосип Броз-Тито. Поставувањето на целосното решавање на македонското прашање ги загрозувало меѓународните позиции и виталните интереси на Југославија. Но бидејќи се разговараше со македонската делегација, југословенското раководство на состанокот декларативно го поддржало барањето на македонскиот народ и националното право на обединување. Притоа било укажано дека тоа право може да cе оствари единствено по пат на самоопределување на деловите на македонскиот народ, откако секој од нив самостојно ќе се избори за тоа свое право во заедничка антифашистичка борба со народите во државите под чија власт се наоѓа. Прашањето на правото на самоопределување требало да се решава со раководствата на комунистичките партии во тие држави.
Изградба на современата македонска држава
Во август 1944 година, Чучков учествува на Првото заседание на АСНОМ, кога доаѓа до државното конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во склоп на југословенската федерација. Тогаш се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и извршно тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија. Покрај овие одлуки, на ова заседание се прифатени решенијата од Второто заседание на АВНОЈ, одобрена е работата на Главниот штаб и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, донесено е решение за формирање комисија за испитување на воените злосторства направени од окупаторите и нивните слуги, како и комисија задолжена за изработување на законски проекти. Избрани се и 40 претставници на македонскиот народ во АВНОЈ и во неговиот Президиум. За претставници во Президиумот на АВНОЈ се избрани: Димитар Влахов, Методија Андонов-Ченто, Михаило Апостолски, Лазар Колишевски, Бане Андреев, Венко Марковски и Мара Нацева.
Од заседанието до македонскиот народ е упатен Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Првото заседание на АСНОМ формира свој Президиум, кој фактички претставува прва македонска влада. Покрај претседател, Президиумот имал двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена. За претседател е избран Методија Андонов-Ченто, за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, а за секретари: Љупчо Арсов и Владимир Полежиновски.
На 14 август, Президиумот на АСНОМ го избира Чучков за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги. Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година е испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија. Во НКОЈ ја врши функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз Тито, станува министер за Македонија.
Судир со новите власти
Ставовите на Чучков како сојузен министер за Македонија во раководните кругови на Федерацијата се оценети како националистички, сепаратистички и антијугословенски, поради што е отстранет од функцијата и е вратен во Македонија.
Иако деградиран, од 1946 до 1950 година е пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја врши функцијата директор на Народната библиотека во Скопје. Како музиколог етнолог, во 1947 г. го основа заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станува соработник на новооснованиот Институт за национална историја. Во 1949 г. станува директор на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.
Во педесеттите години повторно се враќа на својата професија и извесно време е потпретседател на Комитетот за високи школи. Потоа во 1954 година станува хонорарен доцент, а во 1957 година и редовен наставник по економска географија на Економскиот факултет во Скопје. Во март 1958 година ја одбранува порано започнатата докторска дисертација „Овче Поле.
Географско-стопанска студија“. Автор е на повеќе универзитетски и средношколски учебници и прирачници и истражувања од областа на историјата, географијата, економијата, фолклористиката, етнографијата и просветата во Македонија. Својот живот го завршил во 1967 година како професор на Економскиот факултет во Скопје. Д.Ст.