Актуелноста на ситуацијата за формирање работни групи за уставни измени, кога во политичкиот амбиент и во јавноста е изразен длабок антагонизам за таков процес, ја доведува во прашање неговата целисходност. Која е поентата на вакви работни групи кога нема постигнато сеопшт консензус или барем висок степен на согласност во државата по ова прашање? Дури и експертите сметаат дека без такви афирмативни околности, работата е беспредметна. Таквиот амбиент го наметнува и прашањето за вклучувањето на законодавниот дом, односно собраниската комисија за уставни прашања, зашто во принцип Собранието е местото каде што легитимно треба да се одвиваат сите процеси поврзани со иницијативите за измени на Уставот и законодавството
Собранието е тежишно место каде што треба да се одвиваат процедурите поврзани со измени на Уставот и законодавството
Пет партии експлицитно ја одбија поканата на Министерството за правда да се вклучат во работните групи што треба да го подготват текстот на уставните измени што се бараат од Македонија со т.н. француски предлог на преговарачката рамка за продолжување на процесот на преговори со ЕУ, кој сега е во фаза на скрининг на досегашната усогласеност на македонското законодавство со европското. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Сепак, и покрај негативниот одговор на овие пет партии на повикот на Министерството за правда, процесот на формирање работни групи за уставните измени продолжува, па претседателот Пендаровски и некои од партиите на владејачкото мнозинство ги соопштија имињата на своите претставници. Претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот Александар Спасов од Правниот факултет, кој е негов правен советник. Алијансата за Албанците го номинираше Ремзи Мехмеди за претставник во работната група за измени на Уставот, информираа од партијата за МИА. Претходно, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, на прес-конференција соопшти дека партијата ја номинира Цветанка Иванова за претставничка во работната група за измени на Уставот. До истекот на рокот за номинација на претставници во работната група, до полноќ на 10 април, беше најавено дека ќе ги соопштат имињата од своите партии и ДУИ и Беса, како и од Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.
Откако минатата недела ВМРО-ДПМНЕ го претстави својот предлог за уставни измени според моделот на преамбулата на хрватскиот устав и не доби речиси никаков конкретен одговор од политичките субјекти што ја споделуваат власта, односно наиде на неприфаќање од партиите од албанскиот политички блок, сепак се вратија на позицијата дека во овој парламентарен состав нема да бидат изгласани уставните измени. Само и за изгласување на потребата за отворање на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, исто како и за прифаќање на текстот на уставните измени, со кои во македонскиот устав би се внеле номинално (засега) Бугарите, Хрватите и Црногорците. Без гласовите на опозицијата, во сегашни услови такво мнозинство не може да се постигне, а најголемата опозициска партија порачува дека овој парламентарен состав нема на ги донесе уставни измени.
Актуелноста на ситуацијата за формирање работни групи за уставни измени, кога во политичкиот амбиент и во јавноста е изразено нерасположението за таков процес, ја доведува во прашање неговата целисходност. Која е поентата на вакви работни групи кога нема постигнато сеопшт консензус во државата по ова прашање? Дури и експертите сметаат дека без консензус, работата е беспредметна. Таквиот амбиент го наметнува и прашањето во која фаза на процесот би се вклучило Собранието, односно првично собраниската комисија за уставни прашања, зашто во принцип Собранието е местото каде што легитимно треба да се одвиваат сите процеси поврзани со измени на Уставот и законодавството.
– Предлагач на текстот на измените на Уставот е Министерството за правда и легитимно е да направи експертска група, која стручно и аргументирано би работела на предлог-верзијата. Секако, за очекување е експертите да бидат под критички притисок дека не би биле во таа група доколку немале политичка согласност, но секој што прифатил да биде дел од таков процес треба да биде подготвен на таков притисок. Јасно е дека како на држава ни е поставен рок за уставни измени ако сакаме да ги продолжиме преговорите за членство во ЕУ. Владата го прифати тоа како обврска, навистина без согласност на опозицијата, и сега мора да го спроведе процесот на подготовка, иако позициите во општеството поради тоа се крајно контрадикторни. Преставниците од Владата велат дека уставните измени мора да се спроведат, а еден вицепремиер дури арогантно „предвидува“, како да има гаранции од надворешен фактор, дека сигурно ќе се изведат, додека опозицијата, иако ретерираше во тврдиот став на одбивање со предлог-модел според хрватскиот устав, сепак се врати на позицијата – дека во овој парламентарен состав нема да има уставни измени.
Сето тоа испраќа многу измешани пораки во јавноста, кои создаваат неизвесност и отпор кон целиот процес. Во нормални услови, во нормална држава, би било во ред предлогот на измените прво да го направат правни експерти (кои не мора да се само професори – правни теоретичари, туку може да се вклучат и истакнати судии, адвокати, т.е. практичари), па таквиот нацрт-предлог да ѝ биде понуден на собраниската комисија за уставни прашања, каде што партиите секако ќе номинираат свои претставници – пратеници. Се разбира дека тој нацрт-предлог може да биде и отфрлен, но и да се видоизмени низ собраниската процедура. Но во вакви услови, кога не може да се насети колкави се шансите воопшто да се случат уставните измени, во политички амбиент без позитивен пристап во процесот на ниту еден од политичките чинители, туку настапуваат со тврдоглавост, сосема легитимна е реакцијата во јавноста – зошто воопшто се случува целиот тој процес. Претходните искуства наведуваат на сомнеж дека ова нема да биде процес што ѝ прилега на нормална правна држава – вели професорката Ана Павловска-Данева од Правниот факултет при УКИМ.
Според претходно објавените информации, постапката за уставни измени, односно промена на преамбулата на Уставот, треба да заврши најдоцна до ноември годинава, по завршувањето на скринингот на ЕУ.