Фото: Дуца Зврлевска

Постапката за донесување на предлог-законот за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категорија на национален парк беше прекината и предлог-законот не влезе во владина процедура. Фајлот за НП Маврово сѐ уште е отворен, така што Постојниот комитет на Бернската конвенција ја измени старата препорака бр. 184 (2015) и донесе нова препорака бр. 211 (2021) во врска со мерките за зачувување на националните паркови во Македонија, велат во МЗСПП

ЗА ФЕСТИВАЛОТ НА НАРЦИСОТ: ЗАШТИТА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ПРИРОДНИТЕ УБАВИНИ

Оваа година во Лазарополе, по десетти пат се одржува фестивалот на нарцисот „Лазарополе цути“, ден во кој се прославува нарцисот – симболот на заштита на природната несекојдневна убавина, симбол на животинскиот и на растителниот свет во Националниот парк Маврово. Фестивалот е единствен од ваков тип во Македонија и ги поврзува локалните традиции и пријателското гостопримство со природното опкружување на областа.

ЖИВОПИСНИТЕ ЛИВАДИ СО НАРЦИСИ

Манифестацијата фестивал на нарцисот „Лазарополе цути“ е организирана од страна на Месната заедница на селото Лазарополе, Здружението на поранешни жители на селото Лазарополе и здружението за поттикнување на партнерството и развој на граѓанското општество ТОРДИС.
Оваа манифестација ја поврзува локалната лазарополска традиција со природното опкружување и наедно претставува механизам за афирмација на руралното културно наследство – нематеријално и материјално. Таа е заштитник на лазарополските ливади со нарциси, ендемски вид ливади – влажни ливади.
Самата манифестација се одржува со единствена цел да се заштити и унапреди животната средина и да се зачуваат природните убавини.
Пред десет години, по 40 годишна пауза, организаторите ја продолжија традицијата на нивните предци и го возобновија Фестивалот на нарцисот, манифестација што нивните предци секоја година ја одржувале во периодот на цветањето на нарцисите, или како што локалните жители ги нарекуваат ружите.
– Возобновувањето го започнавме на 23 мај 2015 г. под мотото „Лебот го храни телото, но нарцисите ја освежуваат душата“. Традиционално со звукот на зурлата и тапанот, кој беше огласен од нашите исто така традиционални придружници на фестивалот Мајовците. Посетеноста секоја година е сѐ поголема и поголема, со дружба, песна и игра, со звукот на топаните заиграа сите присутни, со китки од нарцис во рацете со радост во душата… Преку мотото на манифестацијата секоја година го пренесуваме гласот на нарцисот како копнеж за спас, како копнеж за мир и спокој, како копнеж за зачувување на наследеното ни од старите наши… тој глас да стигне до секој човек, институција – вели Дуца Зврлеска, еден од организаторите на настанот.
Таа вели дека започнале со мотото „Лебот го храни телото, но нарцисите ја освежуваат душата“, за потоа да продолжат со мотото ЉУБОВ; „Силно ќе ги отвориме очите на душата и преку нарцисот ќе ја споделиме љубовта. Љубов за нарцисот, љубов за убавините, љубов за животот, љубов за човекот“.
– Продолживме со лазарополска торба на иднината – да ги ставиме во заедничка торба сите наши знаења, обичаи, традиција, искуства, вештини и ресурси во функција на зачувување и унапредување на природната убавина, културното наследство, поддршка и зајакнување на семејните вредности, унапредување на дијалогот и заемното разбирање меѓу луѓето од различни националности и етникуми, религии, култури и цивилизации, заштита на опкружувањето и учество во поддршка и развој на одржливиот развој, сѐ со цел осигурување на нашата иднина и така стигнавме и до мотото „Расцутениот нарцис симбол на поврзаноста на животот и вечниот живот на човековата душа – поврзаност на минатото, сегашноста и иднината“ – вели таа.
Како што додава таа, последното десетто јубилејно прославување беше под мотото десет години заедно со расцутениот нарцис симбол на заштита на природното движно и недвижно културно наследство.
– Манифестацијата започнува со звукот на зурлите и тапаните, кои го повикуваат народот да тргне кон прекрасните нарцисови ливади. Одејќи кон ливадите поминуваме крај недопрена незагадена природа, која се зеленее наоколу. И како што опиша една гостинка од поранешните години: по пристигнувањето на ливадите се отвора поглед што одзема здив… Сите заедно на ливадите со песна, оро, дружба го прославуваме нарцисот. Оваа година поддржани од нашите спонзори; Министерството за култура, генералниот спонзор „Пакомак“, водата „Маја“, месарницата „Атанасовски“, кроасаните „Бусто“, „Пивара“, „Горска“, Лазарополското сирење, „Вршник“.

„Битка“ за Лазарополе

Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со јавната установа Националниот парк Маврово, минатата година организираше презентација за спроведување ревизија на Студијата за ревалоризација и изработка на план за управување со НП Маврово, како основи за добро и одржливо менаџирање со ова заштитено подрачје. Во процесот се вклучени и партнерските организации „Глобал конзервејшн“ и Македонското еколошко друштво.
Историјата на НП Маврово датира од далечната 1949 година, кога за првпат е прогласен за заштитено подрачје, но условите со текот на годините се променети. Со стапување во сила на Законот за заштита на природата од 2005 година се создадени законски услови, но и обврска за повторно прогласување на веќе заштитените подрачја во РМ меѓу кои и НП Маврово.
Според пишувањата на медиумите лани, Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Маврово беше изработена во 2012 година од НП Маврово и доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање со цел да се почне постапка за повторно репрогласување на Маврово за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Според министерството, поради реакциите на невладиниот сектор за отворениот фајл во Бернската конвенција за планираните хидропроекти во НП Маврово, реакциите на домашни и меѓународни експерти, Светската унија за заштита на природата и локалното население што живее во границите на паркот, постапката за донесување на предлог-законот за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категорија на национален парк беше прекината и предлог-законот не влезе во владина процедура. Фајлот за НП Маврово сѐ уште е отворен, така што Постојниот комитет на Бернската конвенција ја измени старата препорака бр. 184 (2015) и донесе нова препорака бр. 211 (2021) во врска мерките за зачувување на националните паркови во Македонија велат во МЗСПП.
– Ние лазарополци продолжуваме и понатаму активно да ја следиме процедурата за репрогласување на НП Маврово во заштитено подрачје во категорија на национален парк. При првата јавна презентација, Месната заедница на селото Лазарополе и Здружението на поранешни жители на селото Лазарополе, врз база на изготвената Студија за валоризација на Националниот парк Маврово изготвена од страна на министерството и „Оксфам“ од Италија, дадоа приговор во Министерството за животна средина и просторно планирање од аспект на нецелосно, неточно утврдени фактички ситуации во однос на флората и фауната на територијата на селото Лазарополе. Не беа земени предвид ендемските видови, кои се многубројни при изработката на планот за управување со НП Маврово, особено при утврдување на зоните на Националниот парк Маврово – потенцира Зврлеска.
Денеска, 10.6.2024, во 11 часот, врз основа на изготвена ревизија / дополна на Студијата за ревалоризација на Национален парк Маврово, јавната установа Национален парк Маврово организира јавна консултативна средба на која ќе биде презентирана Студијата со предлог – надворешни граници на распространување и предлог – зонирање на Националниот парк Маврово.
– Месната заедница на селото Лазарополе и поранешните жители на селото Лазарополе продолжуваат со активно учество во заштитата на животната средина, во заштитата на природата, во заштита на растителниот и животинскиот свет на територијата на селото Лазарополе како дел од НП Маврово. За да имаме точна фактичка состојба во однос на растителниот и животинскиот свет, флората и фауната, во преговори сме со видни професионалци во областите за изработка на студија за валоризација на селото Лазарополе – додава таа.


Факти за Лазарополе

Лазарополе е мијачко село во Општина Маврово и Ростуше, во рамките на малореканскиот крај. Се наоѓа во близината на речната долина во западниот дел од Република Македонија, наречена Река. Познати како типично мијачки населби во малореканскиот предел се наоѓаат селата Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари, Осој, Росоки, Селце и Сушица, а Лазарополе е второ по големина село, кое се наоѓа на дваесетина километри источно од Дебар на планината Бистра. Населбата се наоѓа на 1.350 метри надморска височина и е највисоката населба во Македонија, изградена на карстно-варовничко поле по име Коритник, а околни планини се Јама и Лопушник, на простор опкружен со бујни дабови и букови шуми и питоми планински пасишта.
Селото Лазарополе, кое врз база на утврдени и пишани документи опстојува уште од крајот на 14 век, и во своето постоење имало свои подеми и падови, денес претставува урбана населба, која има повеќе од 360 куќи и ја има една од најстарите и најубави цркви, има нов модерен хотел, пошта, месна канцеларија, продавница, фурна, објекти капацитети за производство на млечни производи (млеко, сирење, кашкавал, урда и др.) и метеоролошка станица во системот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), признаена од Европската метеоролошка асоцијација ЕУМЕТСАТ. Лазарополе се карактеризира со голема биолошка разновидност и други зачувани сегменти од животната средина. Шумите, со исклучително богат етат, и пасиштата, веројатно најквалитетните македонски површини под пасишта, се доминантен тип вегетација. Од аспект на биодиверзитетот многу е значајно што во реонот на Лазарополе се среќаваат повеќе ретки ендемични растителни заедници, како и голем број ретки, ендемични и загрозени растителни (влажни ливади, нарцис, разни видови планински чаеви), како и животински видови (рис, волк, мечка).
Селото во значителна мера ја зачувало својата недопрена културна традиција. Се истакнува специфичната и автентична архитектура: камени куќи што постојат и денес како своевидни споменици на развиен општествен и духовен живот и висока смисла за убаво.
Денес Лазарополе е туристичка викенд-дестинација бидејќи локалните жители одамна го имаат напуштено како трајно живеалиште. Повеќето од нив се враќаат за да ги реновираат старите семејни куќи и да ги искористат за одмор, но и со адаптација за сместувачки капацитети, со оглед на интересот од посетители за крајот.

 

[email protected]