Австрискиот претседател Ван дер Белен со порака дека не треба да се драматизираат уставните измени
Притисокот врз Македонија да ги направи уставните измени и да ги вклучи Бугарите во Уставот станува сè посилен како што се наближува рокот потребен да се реализира целата уставна процедура, а притоа тајмингот да се погоди со завршувањето на скрининг-процесот во ноември.
Во земјава веќе се изредија голем број европски политичари и државници што апелираат да се случат уставните измени, истовремено релативизирајќи го целото прашање како обична безболна процедурална интервенција што треба да води кон некоја „повисока цел“, која македонските граѓани никако да ја видат. Но она што е многу посуштинско и важно е да не се повторат грешките од прекршените уставни процедури при усвојувањето на Преспанската спогодба, што остави европски отпечаток за прекршување на еден највисок правно- политички акт на една не-ЕУ држава и „претстава“ за практикување начини за невладеење на правото. Македонските граѓани се изнагледаа секакви „претстави“ овие три децении, така што покрај сиромаштијата со која секојдневно се соочуваат, најмалку им е до некаква „драматизација“, а уште помалку и самите да бидат дел од уште една национална трагедија. Од друга страна, работа на странците е да го туркаат наративот што е во нивен интерес, да го нудат европскиот сон, а да нè оставаат заглавени во балканското јаве.
Ништо поинаков не беше ниту главниот наратив со кој настапи австрискиот претседател Александер ван дер Белен за време на неколкудневната официјална посета на Македонија, кој уште еднаш потсети дека е неопходно да се направат уставните измени за да продолжи процесот на евроинтеграција на земјата.
Ван дер Белен ова му го соопштил на македонскиот државен врв, но и во обраќањето пред пратениците во Собранието, при што изразил убедување дека земјата ќе успее да го направи неопходниот чекор за уставните измени, со цел да продолжи кон ЕУ.
– Патот е тежок, но ве молиме немојте да ја изгубите целта од вид – порача Белен на заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Обајцата порачаа дека не постои план Б за евроинтеграцијата, дека земјата мора да ги спроведе уставните измени, дека таквиот процес не треба да се драматизира и ја повикаа опозицијата активно да се вклучи во донесувањето на важните одлуки за ЕУ.
Австрискиот претседател ја посочи Македонија како пример во регионот во однос на заштитата на малцинствата.
– И тоа не се однесува само на албанското малцинство туку на сите – истакна австрискиот претседател.
Тој порача дека за да може брзо да продолжи процесот на интеграција во ЕУ, уште еден дополнителен видлив знак би била уставната промена.
– Имам огромно разбирање за фрустрацијата што е присутна за времетраењето на преговорите со Унијата. Но затоа е важно овој моментум, ова ново забрзување и зајакнатиот интерес на ЕУ, да биде искористен и да не се дозволи да се изгуби дополнително време. Се надевам дека овој чекор наскоро ќе се реализира. Австрија останува сигурен партнер на РСМ – нагласи Белен.
Претседателот на Австрија вчера се обрати и пред пратениците во македонското собрание, потенцирајќи дека од нив зависи кога Македонија ќе ги почне следните чекори во преговорите со ЕУ и колку брзо ќе ги помине.
– За Австрија и за мене е голема чест што можам да ви се обратам во парламентот. Ова го сметам како знак на почит на извонредните односи меѓу С. Македонија и Австрија – истакна во своето обраќање пред пратениците Ван дер Белен, додавајќи дека Австрија ќе биде сојузник на Македонија во евроинтегративниот процес.
Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, вчера положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.