Фото: Игор Бансколиев

Крајно лицемерно е однесувањето на албанската политичка елита во земјава, која се оглушува кога таа треба да направи некакви отстапки, односно да се согласи на укинување на балансерот (како „алатка за вработување по етнички клуч“) или, на пример, да ги прифати препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, а бара Македонците да се откажат од името на државата, од јазикот, од историјата, да го менуваат Уставот по диктат од надвор

НАОДИТЕ ВО НАЦРТ-ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК ФРЛААТ НОВА СВЕТЛИНА ВРЗ Т.Н. „АЛАТКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ПО ЕТНИЧКИ КЛУЧ“

Таканаречениот балансер со кој се регулираше вработувањето во државните институции по етнички клуч е главниот виновник што доведе до натрупување на јавната администрација без никакви критериуми и стручност, што од друга страна резултираше со целосно еродирање на институциите што ниту стручно, а уште помалку квалитетно ги вршат услугите кон граѓаните.
Речиси нема државна институција во која балансерот не бил грубо злоупотребен, а ваквите злоупотреби продолжуваат и натаму, без оглед што и Европската комисија предупреди дека повеќе нема никаква оправданост од постоењето на алатка со која се регулира вработување во јавната администрација по етнички клуч наместо врз основа на квалитет.
Во најновиот нацрт-извештај на Европската комисија од скринингот за првиот кластер, „Фундаментални вредности“, се наведува дека т.н. балансер, алатката за човечки ресурси што го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, повеќе не ги исполнува целите и нема потреба да се применува.
Но без оглед на многубројните забелешки од Брисел за неконтролираното полнење на институциите со нестручен кадар по етнички клуч, сепак се чини дека токму балансерот е единствената алатка на партиите на Албанците во земјава, кои немајќи што друго да им понудат на своите граѓани, им нудат вработувања во администрацијата.
Од друга страна, крајно лицемерно е однесувањето на албанската политичка елита во земјава, која се оглушува на пораките на Брисел кога таа треба да направи некакви откажувања, односно да се согласи на укинување на балансерот или да ги прифати препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, а бара Македонците да се откажат од името на државата, од јазикот, од историјата, да го менуваат Уставот по диктат од надвор.
Познавачите во областа на јавната администрација и целата стручна фела во повеќе наврати предупредуваа дека вработувањето по етнички квоти преку балансерот уште повеќе ќе ги уништи институциите.
– Државните институции наместо да бидат сервис на граѓаните, претворени се во партиски испостави каде што се вработува по етнички клуч. Ниту има стручност, ниту се применува мерит—системот, едноставно се гледа да се напикаат што повеќе партиски кадри и институциите целосно да се контролираат од страна на партиите. Па, погледајте како се девалвираат државните институции, во нив се игра фудбал, се слават родендени на партиски лидери, се држат партиски состаноци – велат соговорниците.
Според нив, добро е што ЕК констатирала дека балансерот е веќе излишен, но оваа забелешка, како што велат, треба да ја упати на вистинската адреса, исто онака како што многубројните европски политичари доаѓаат тука и ни кажуваат колку е важно да се направат уставните измени.

– Сите оние што со недели доаѓаат во земјава и зборуваат дека е клучно да се направат уставните измени, треба да седнат и со албанските лидери и да им кажат дека нема веќе балансери, бадентери и слично, туку исклучиво мерит-систем, оној што е најдобар, тој да работи – нагласуваат соговорниците.
Нивно мислење е дека балансерот е измислица само за да можат партиите на Албанците да ги вработуваат партиските послушници, во недостиг од реални програми и проекти што би донеле бенефиција за целото општество.
– ДУИ е повеќе од 20 години на власт и реално нема остварено ниту еден посериозен проект што го подобрил животот на граѓаните. Се измислуваа балансери за да напикаат свои луѓе во институциите, во управни одбори, буквално секаде. Тешко дека ќе се откажат од таквата алатка, без оглед што Брисел го бара тоа од нив. Но знаат да бараат од Македонците да се откажат од сè што имаат. Крајно лицемерно – истакнуваат соговорниците.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски целосно се согласува дека балансерот не треба да се користи и дека квалитетот и стручноста треба да бидат единствен репер за нечие вработување, а не етничката припадност.
– Нормално е дека балансерот не треба да се користи, бидејќи се покажа дека е тотално нефункционален и дека донесе само партиски вработувања без никаков квалитет. Ние треба да се фокусираме само кон квалитет, а не балансер, такво нешто не постои никаде. Дополнително на ДУИ, а особено на Бујар Османи, Македонија никогаш не им била приоритет, уште помалку грижата за државните интереси. Цртањето на Османи е само мал дел од вториот дел на театарот и глумењето – констатира Пекевски.