Денеска во Трст се организира национална конференција насловена „Италија и Западен Балкан: раст и интеграција“. Целта е да се промовираат улогата на Италија во регионот и процесот на европска интеграција на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Конференцијата ќе ја отвори вицепремиерот Тајани, кој е и министер за надворешни работи на Италија. По тој повод, ексклузивно го пренесуваме обраќањето на вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани

ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“: АНТОНИО ТАЈАНИ, ВИЦЕПРЕМИЕР И МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ИТАЛИЈА

Судбината на Европа во последните месеци се одвива драматично околу случувањата во Украина. Но иднината на нашиот континент е поврзана и со она што ќе се случи со Западен Балкан. Историјата нѐ учи на стратегиското значење што овој регион го има за нашата безбедност. А меѓународната динамика на која сме сведоци ја потенцира геополитичката важност на Западен Балкан за цела Европа, а особено за соседните земји, како што е Италија.
Од првиот ден на мојот мандат работев на повторното започнување на италијанската дипломатска активност кон земјите од другата страна на Јадранот. За Италија, Балканот претставува неизбежна судбина. Нашата историја, нашата култура, нашата економија нè врзуваат за оваа област на нераскинлив начин. Со векови. Свесни сме дека предизвиците со кои треба да се соочиме, од енергетската криза до борбата против илегалните миграции, бараат заеднички пристапи и заеднички решенија. Целта за зајакнување на партнерството помеѓу Италија и Западен Балкан значи инвестирање во нашата иднина.
Дефинитивна стабилизација на Западен Балкан е остварлива преку цврсто поврзување со Европската Унија и нејзините вредности. Италија е целосно убедена во тоа и се наоѓа во првите редови во Брисел во напорите да обезбеди конкретен напредок во оваа насока. Проширувањето мора динамично да ја поттикне реформската агенда на земјите од регионот. Веќе постигнавме важен резултат на Европскиот совет во декември, кога, благодарение на активната улога на Италија, Босна и Херцеговина доби статус на земја-кандидат за ЕУ.
Но следниот чекор е да се забрза интеграцијата на регионот во Европската Унија. А за да го направиме тоа, треба да го поддржиме социоекономскиот напредок. Економски гледано, преместувањето на економските активности предизвикани од пандемијата на ковид отвора значителни можности за бизнисите. Според процените на Светската банка, во првата половина на 2022 година економијата на регионот забележа значителен пораст, над очекувањата, поттикнат од приватната потрошувачка и инвестициите. Со пораст на БДП од +3,4%, перформансите на земјите од Балканот беа повисоки од оние на еврозоната (+2,5).

Со план од 30 милијарди евра за економски раст и инвестиции во Западен Балкан, Европската Унија има цел да ги развие и модернизира регионалната инфраструктура и вмрежувањето, да ги поттикне зелените и дигиталните транзиции, да ги поддржи малите и средните претпријатија и претприемаштвото кај младите.
Нашите компании ги имаат сите квалитети да ја водат оваа активност како протагонисти. Од финансиски услуги до механика, од автомобилскиот сектор до енергетскиот сектор, нашите компании веќе придонесуваат значително за економскиот раст и вработувањето во регионот денес. Ова наше присуство сега мора да се обнови и продлабочи.
Бизнисмените ќе можат да сметаат на целосна поддршка од нашата влада и институциите.Токму поради таа причина решив да организирам национална конференција во Трст, на 24 јануари, фокусирана на партнерството помеѓу Италија и Балканот. Намерата е да се споделат целите и оперативните алатки што треба да им бидат достапни на нашите оператори, искористувајќи ги максимално конкретните можности што во соработка со овие земји може да бидат понудени од страна на Италија.
Средбата во Трст ќе биде момент на дијалог меѓу Владата и националните производители, за заеднички да се развие организирана, амбициозна и далекосежна стратегија. Почнуваме од Трст и регионот Фриули Венеција Џулија, територија што отсекогаш била мост помеѓу Италија и дунавско-балканскиот свет и способна да се етаблира на меѓународните пазари, благодарение на визијата и иновативниот дух на нејзината претприемачка реалност.
Конференцијата на 24 јануари ќе биде само почетна точка. Првото оперативно следење на развојот на настаните е закажано во март во Белград, со организација на бизнис-форумот „Италија-Србија“, по што ќе следува политички настан на високо ниво во Рим, со нашите регионални партнери и организација, на конференција за коридорот VIII. Растењето на економијата во Западен Балкан ѝ помага на цела Европа, но пред сѐ му помага на мирот во Европа.

Антонио Тајани, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Италијанската Република