Неодамна во рамките на одбележувањето на Денот на Европа се реализираа низа настани, меѓу кои и Ораторски натпревар на темата „Mојата порака за подобра иднина на мојата земја“, со учество на студенти од универзитетите во Република Македонија. Победник на Ораторскиот натпревар е Антонио Чоневски, кој е апсолвент на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола. Во продолжение го пренесуваме победничкиот говор, кој авторот посака да го сподели со пошироката јавност преку, како што вели, најдобриот дневен весник

ПОБЕДНИЧКИ ГОВОР НА ОРАТОРСКИОТ НАТПРЕВАР НА СТУДЕНТИТЕ

Аферите, аферимите и афоризмите се нераскинливо поврзани со географијата во која вчера – денски и денес – навечер се радуваме и ќе сонуваме. Денес сме овде во градов, а утре пак по старо – во нашата конзулска општина.
Секако дека нам ни е чест да гледаме убавини кои се уникатни за овие простори. Галии погодени од торпедата на залутани морепловци кои пловеле низ времето на реката која после Гевгелија го менува текот, а го менува и името.
Источно од реката проблем. Западно од реката решение. Лево од течението пустина актуелна за вежбање на Арнаути. Десно пат кој се гради за многу години Македонци. Многу ризичен е да верувате, барем дури не ја сечат лентата по два-три пати и тие на власт и оние обезмастените ко ќе прекинат со постот.
Решение: А бе, напрајте ни пат да дојме д’овде и да се вратиме за пак да си дојме и ќе си имаме подобра иди ми дојди ми иднина на земјава која се врти во круг барем последниве 30 години.
Како да се подобри езероно. Предлог – Завршете ја имплементацијата на децентрализацијата на канализацијата која ни ја ниша рационализацијата на перцепцијата и статусот на заштитеното ни парче земја од страна на Организацијата.
Тука запирам со пластично-класично-географски одредници идеи и од потреба за убав пат пак да кажам и за начините кои ќе го децимализираат одењето на пат во неповрат. Џенем да не фаќаме.
Добри пееше: „Ех да можам да разберам“, и замина и не сум сигурен дали кажа дали разбра. Без оглед што си и кој си, разбери од овде си и кај да одиш и кај да скиташ – Носи си чадор.
Под чадорот на НАСТО гледајте слушајте и перципирајте внимателно бидејќи од особена важност е правилно да ги констатирате нијансите на настаните кои не ви се повторуваат.
Оти ко ќе замини возо и ќе подзаборавите што сте виделе, чуле, почувствувале на своја кожа вие или вашите предци, тогаш ќе мора да ви кажат што ве облило, испотело, растажило, натажило и ќе ви ја тумачат вашата агрегатна состојба според нивните потреби: дневнопсихолошки или атмосферско-идеолошки.

Историја има и ќе ја има и во иднина со сите нишани избежни и неизбежни.
Петков Мисирков Крсте нашион прашал „Шчо требит да напрајме“. Одговор „Напрајте ни го патон до Битола“. И не само заради нас. Економијата зависи од пат, кој, пак, зависи од политиката. Дали?
Сигурно! Ќе им ги напикат субвенциите, а овие ќе им вратат на следните локални и така натаму пак шах-мат пат.
Сѐ додека има ден и ноќ, црно и бело, тажно и весело, мрзливо и хиперсонично, и вртењето во круг е напредок, ако не сте заспале. Доста за круг, ајде за квадрат. Прва страна на квадрато, набљудувајте што требит, втора, анализирајте како требит, трета, одлучете, четврта, пресeчете.
Пост скриптум!
Цитирам: Остави впечаток не оставајте трага – Орифлејм.
Трагајте по впечаток кој нема да остава траги и лузни на вашите соништа! Аирлија! Сега и овде и секогаш! Амин!

Антонио Чоневски