Времето во кое живееме е полно со стресови, со економски фрустрации, со политички апсурди дури и со културни недоразбирања, нешто што не би требало да го има или ако такви работи треба да постојат, тие неминовно треба да бидат на крајот од севкупните состојби, односно на опашката од редот.
За среќа, не е сѐ толку црно, животот станува пријатен и поднослив кога доаѓаат периоди во кои имаме мигови на одбележување секакви празници, како овие врзани за влегување во новата година, убедени дека истата таа ќе донесе среќа и благодат. Убаво е кога се верува во нешто, во што било што е позитивно. Во таквите мигови можеме да земеме воздишки и за кратко да заборавиме на политиката, која секогаш и секаде ги меша прстите, дури и тогаш кога не треба или каде што не ѝ е дозволено.
На старогрчки јазик зборот политика доаѓа од „поли“ што значи многу и „етики“, при што се мисли на етика. Веројатно од јазични причини „е“ од „етики“ е отфрлено и останало „политики“, што означува многу етика, политика. Колку во современата политика има етика, тоа е друго прашање. Етиката или неетиката во политиката ја создаваат политичарите, не сите, некои од нив, кои сигурно имаат проблем со етиката и истите тие често посакуваат да го мешаат колоритот, кога од жолто сакаат да гледаме дека е сино или обратно.
Зборот ми е, зошто во вакви празнични денови, пред новата година или по заминувањето на старата и доаѓање на новата, за Божиќ или за кој било друг повод, наместо да зборуваме за политика и политичари, не си земеме воздишки и да мислиме на Дедо Мраз, на сребрените коњи што ја влечат златната кочија полна со подароци, кои симпатичниот Дедо Мраз ќе им ги донесе на децата од целиот свет. Или зошто да не се радуваме на тоа што можеме да го пречекаме новиот ден со радост и убави воздишки.
За политичари, за партии и за политика ќе разговараме во други денови.
Од тие причини, во ова писание нема да зборувам за политика и политичари, туку ќе раскажам една приказна што е од доменот на ликовната дејност и станува збор за значаен ликовен творец, еден од творците на метафизичкото сликарство, тоа е Џорџио де Кирико.
Едно мало потсетување, пред неколку месеци во една моја колумна го споменав Кирико и ветив дека во скоро време ќе раскажам приказна за овој сликар, која е интересна и несекојдневна.
Еве сега ќе го исполнам ветувањето, и животната приказна за Кирико почнува вака.
Џорџо де Кирико е роден во 1888 година во Волос, град во Тесалија, Грција, од каде што во античко време Аргонаутите тргнаа во потрага по Златното руно. Кирико уште од млади години покажа интерес кон цртањето, единствените детски играчки за Кирико биле блок за цртање и молив, кои ги носел постојано со себе. Поради таквиот интерес кон цртањето, родителите го запишуваат во ликовната школа во Атина.
Карактеристично за Џорџио де Кирико е тоа што тој е роден во Грција, од родители Италијанци, а поголемиот дел од животот го поминал во Италија и во Франција, па од тие податоци тешко може да се каже дека тој е сликар на Грција на Италија или можеби на Франција. Всушност, Кирико е вистински европски ликовен деец.


На млади години, од Грција се преселува во Италија, неколку месеци живее во Венеција, потоа оди во Фиренца и во Рим. Неговата сликарска кариера почнува во Париз, каде што учествува на „Есенски салон“ и на „Салон на независните“.
Од неговиот престој и дејност во Париз не може да се каже дека бил претставник на некоја ликовна групација како кубизам, фовизам или надреализам. Под влијание на германски сликари и писатели, особено од Ниче, Кирико се определува за метафизичкото сликарство, а од тој период му се познати делата „Големиот метафизичар“, „Меланхолија“, „Големата кула“, „Мебел во долина“, „Хектор и Андромахе“ и други дела што го означуваат Кирико како сликар на метафизичкото сликарство.
Што е интересното кај Џорџио де Кирико? Со своите метафизички дела тој стана познат во Европа, имал изложби и во САД и можеме слободно да кажеме дека животот на Кирико бил едно големо сликарско патување. Кога престојувал во Италија, еден ден во вилата „Боргезе“ застанал пред слика од Тицијан и тогаш „сфатил“ дека вистинското сликарство е само тоа што го направиле Тицијан, Микеланџело или Рафаело. Џорџио де Кирико го опишува тој случај вака: „Видов како излегуваат јазици од пламен, додека надвор под светлото небо се слушаше судир на војски, кои сакаа да извикаат едно ’ура‘ и еден звук од труби, кои означуваа преобразба и тогаш во мене почувствував како да се случило нешто“.
Во еден дел од животот, Кирико слика постренесансни дела, полни со трагања по некое друго сликарство, кое тој го нарекуваше дека тоа е вистинското, не тоа што тој претходно го сликаше. Од тој период има неколку автопортрети, слики како „Коњи на плажа“, „Три грации“ и други.
Сепак за познавачите на ликовната историја, Џорџио де Кирико останува како деец на метафизичкото сликарство. Почина во 1978 година во Рим.

Коле Манев