Не само од претставници на стручната јавност и на граѓанскиот сектор туку и од носители на државни функции беа посочени голем број примери на злоупотреби при изјаснувањата за национална припадност од страна на тие што аплицирале и биле вработувани во јавниот сектор. поради што од надлежното Министерство за информатичко општество и администрација објавија дека работат на решавање на проблемот. Но главниот проблем, според упатените, не е тоа што луѓето ја менуваат својата национална припадност за да се вработат во јавниот сектор туку тоа што, поради општествените и политичките констелации, се принудени на таков чекор за да си обезбедат егзистенција
ПО ДОЛГОТРАЈНАТА (ЗЛО)УПОТРЕБА НА ПРИНЦИПОТ ЗА СООДВЕТНА И ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ
Штелувањето на фамозниот „балансер“ (дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација што пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција) и со кој се врши распределбата на планираните нови вработувања во институциите на јавниот сектор, не престанува да ги инспирира критичарите на овој механизам и да им создава главоболки на властите. Па, така, во изминатиов период беше актуелна дебатата за неговото усогласување со резултатите од минатогодишниот попис на населението, но и за веродостојноста на внесените податоци, пред сѐ во делот за националната припадност. Притоа, не само од претставници на стручната јавност и на граѓанскиот сектор туку и од носители на државни функции беа посочени голем број примери на злоупотреби при изјаснувањата за национална припадност од страна на тие што аплицирале и биле вработувани во јавниот сектор, поради што од надлежното Министерство за информатичко општество и администрација објавија дека работат на решавање на проблемот.
Луѓето ја менуваат својата национална припадност за да се вработат во јавниот сектор за да си обезбедат егзистенција
Главниот проблем, според упатените, не е тоа што луѓето ја менуваат својата национална припадност за да се вработат во јавниот сектор, туку тоа што, поради политичките констелации, се принудени на таков чекор за да си обезбедат егзистенција.
– Тоа е клучот што ја расипува целата брава. Самото тоа што во огласите за вработување се наведува дека апликантот треба да биде припадник на одредена националност е повреда на Уставот и никој нема право да го бара тоа. Со тоа им се нанесува голема штета и на граѓаните, кои само поради погрешната национална припадност, автоматски се елиминираат од постапката за вработување, но и на државата, која поради тоа сега има прекубројна но неспособна администрација – објаснува пензионираниот професор по трудово право Димко Миленков.
Дека онака како што сега се дефинира, применува и спроведува принципот за соодветната и правична национална застапеност или позитивната дискриминација при вработувањата во јавниот сектор е спротивно на Уставот, согласен е и адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Тој подвлекува дека некогаш воведената позитивна дискриминација, која во суштина значела еднаква процентуална застапеност на националностите, но пред сè се однесуваше на Албанците, имала своја цел и времетраење, но дека како што се спроведува сега е политикантска и дискриминаторска во својата суштина, апсурдна, злоупотребена и штетна по квалитетот и напредокот на општеството и државата.
Истата таа, како и сè друго кај нас, не е ниту докрај дефинирана и определена, туку е оставена да се спроведува според наоѓање, желба, волја и пазарџиски на политикантите, кои во последните децении управуваат со државата и најчесто им служи за политичко пазарење и поткусурување. Уставот како највисок правен акт во државата прокламира граѓанско општество на еднакви граѓани со еднакви права, слободи и можности, на кои сите работни места и функции им се под еднакви услови достапни – пишува Давидовиќ во неговата неодамнешна колумна.
И институциите (не) знаат дека овој проблем реално постои
Надлежните како да не се свесни за оваа димензија на проблемот и сѐ уште го гледаат само како политички прифатлива формула за распределба на работните позиции помеѓу политичките партии што за себе велат дека ги застапуваат интересите на националните групи наброени во Уставот и кои во одреден сооднос се наведуваат во огласите за вработувања во јавниот сектор. Затоа, и како едно од решенијата ја најавуваат можноста изјаснувањето за националната припадност да биде фиксирано во електронскиот профил, за да не може да се менува по потреба.
– Проблемот со вработувањата постои и работиме на тоа решение. Еден од предлозите во новиот закон е, при пополнување на електронскиот профил, националноста да биде статична и затворена – објасни советничката во Министерството за информатичко општество и администрација Лаура Ајдини.
Во меѓувреме и претседателката на Антикорупциската комисија, Биљана Ивановска, потврди дека има злоупотреби со вработувања, така што луѓето по потреба си ги пополнуваат графите за националност, а нејзиниот колега од комисијата Нури Бајрами изнесе повеќе детали за овој проблем.
– Нам ни се случи едно лице на истиот оглас да се изјасни како Македонец, Албанец и Ром. И во другите огласи исто така. Онаа политичка волја што се претвори во законска одредба во однос на соодветна и правична застапеност, стана алатка за понижување. Значи, тераш луѓе да лажат за нешто најосетливо за нив, за да можат да се вработат. И никој веќе не се занимава со тоа – изјави Бајрами, констатирајќи дека е подобро балансерот за правична застапеност да се укине, отколку да се понижуваат луѓето на овој начин, и дека треба да се донесе ново законско решение за вработувања, пред сѐ врз основа на Мерит-систем.
Инаку, балансерот е дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација со која се пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција. Од друга страна, некои од раководителите на институциите што треба да вработуваат на овој начин се повикуваат на уставната одредба за „слободното изразување на националната припадност“, а правниците на тоа дека „граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ и дека „…секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место…“ Д.М.М.
Некои од политичките партии бараат укинување на балансерот
Голем број реакции следуваа деновиве по информацијата дека, за сите државни институции да имаат најмалку 31,4 отсто вработени етнички Албанци, во новиот балансер на Министерството за информатичко општество и администрација ќе се стават и оние Албанци што на ланскиот попис се попишаа дека живеат во дијаспората.
Меѓу првите реагираше претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. Тој бара укинување на балансерот, а наместо по партиска линија, државните службеници да се вработуваат врз основа на нивната стручност.
– Целата оваа постапка се изигрува и апсолутно младите и талентирани кадри не можат да дојдат до израз, бидејќи се форсираат првенствено партиските кадри. Затоа ние сметаме дека треба да се направи нова стратегија, нови критериуми, и сугерираме Владата на една од наредните седници да расправа за балансерот и да го укине, бидејќи се злоупотребува – рече Трајанов.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера побараа напуштање на балансерот, затоа што, како што велат, го нарушува системот на квалитет.
– Искуството покажува дека досегашниот систем, освен што создава неквалитет, не е ни праведен. Време е да создадеме систем за граѓаните, а не систем за неколку политички моќници, затоа што на Македонија ѝ е потребна администрација што со квалитет ќе им служи на граѓаните, а не административци што со неквалитет ќе им служат на политичките моќници – објасни Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.