НАТО ги спроведува најамбициозните воени реформи
Според повеќе информации во западните медиуми, Кристофер Каволи, генералот на американската армија со четири ѕвезди (избран како воен началник на НАТО во јули минатата година), им наредил на своите најблиски соработници да подготват план за трансформирање на Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (СХАПЕ) во соодветен стратегиски „воен команден центар“. Како што пишуваат западните медиуми, наредбата се однесува на воениот штаб на НАТО во Монс, Белгија, кој своевремено бил многу користен, но изгубил поголем дел од својата моќ по Студената војна и бил ставен во втор план, како помалку функционален.
Воениот штаб на НАТО во Монс, Белгија, е една од најамбициозните воени
реформи што НАТО ги започна во последно време
Напорот да се преправи седиштето на Алијансата е само еден елемент во најамбициозните воени реформи што НАТО ги започна во последно време. Пред сѐ, НАТО има амбиција да го зголеми обемот на своите т.н. „Сили за одговор“ за осум пати! Токму од тие причини, според замислата на Кристофер Каволи, генералот на американската армија, воениот штаб во Монс е реконструиран од темел, за да може да одговори на предизвикот да го собере неопходното јадро на воените команданти и да им ги пружи сите инфраструктурни и логистички можности за организациски активности (планирање, раководење и командување). Пред сѐ, тоа се однесува за да одговори на предизвиците на еден модерен команден центар од кој ќе се стават во готовност трупи, да се планираат воени напади со долг дострел (пред сѐ кон руска територија, дури и тоа пред да избие реален воен судир). Како резултат на сето ова, оваа пролет за првпат, силите на НАТО ќе направат напор да координираат нови воени планови, токму раководени од овој команден центар.
Воениот штаб на НАТО во Монс, Белгија, треба да ја обедини командата врз вооружените сили на Алијансата од сите родови
Според она што досега е достапно за медиумите, се дознава дека Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа треба да прерасне во еден вид „централен нервен систем“ за оттаму да се обедини командата врз вооружените сили од сите родови. Првите нацрти за новиот опис на работата на СХАПЕ беа изготвени во декември 2022 година. Во врска со тоа, медиумите истакнуваат дека имало неколку главни точки, од кои две се стратегиски крупни:
1. Планирање за војна, и
2. Обезбедување ресурси за истото тоа и управување со логистиката.
Досега, со години многу работи во НАТО што се однесува до т.н. оператика, односно менаџирањето (раководење и командување) со големите воени системи, не беше соодветно координирано. Имено, трите команди на заеднички сили на НАТО требаше да ја делат одговорноста за безбедноста во Европа (преку Атлантски Океан) и за сето тоа да го известат Монс. Истите тоа го правеа без некоја поголема координација од еден команден центар.
Таквото нешто можеше да функционира во малите војни од 1990-тите, но за големи оперативно-стратегиски зафати, некоординираноста не може да биде функционална. На пример, на компјутерски симулации брзо стана јасно дека тој пристап нема да функционира во поголем обем! Во една дигитална вежба во септември 2022 година, официјалните лица од Неапол, Италија, од центарот на поморските сили на НАТО, и од Брунсум, Холандија, командниот центар за копнените трупи на НАТО, му порачаа на СХАПЕ да се тргне настрана. (!?) Вежбата започнала, сведочат специјализираните медиуми, кои имале можност одблизу да ја следат, и набргу командантите на единиците се судриле со неочекуван проблем. Кому би му дале приоритет за главниот удар? Кој би им ги дал ресурсите? И кој би ги повикал резервите?
Летото 2023 година, за време на годишниот самит во Вилнус, Литванија,
Алијансата едногласно му додели на СХАПЕ способност да отпочне со мисијата – воен авторитет за стратегиски операции
Согледувајќи ги ваквите состојби, во летото 2023 година, за време на годишниот самит во Вилнус, Литванија, Алијансата едногласно му додели на СХАПЕ способност да спроведува одредување на целите. Сега, за првпат од крајот на Студената војна, СХАПЕ го користи тој авторитет – секако, засега во мирновременски услови. Планерите на НАТО одлучуваат кои би биле валидни цели (и не кријат дека тие се на руска почва), а се координираат: командата во Неапол, Брунсум и командата на НАТО со седиште во САД во Норфолк, Вирџинија.
Со децении, SHAPE имаше многу мала моќ над војниците во земјите на НАТО. Но војната во Украина ги поттикна тие нации да му дадат повеќе авторитет на Каволи, генералот на американската армија со четири ѕвезди (избран како воен началник на НАТО).
Имено, тој може да го приспособи нивото на покривање на воздушната одбрана во Европа. Второ, тој може да ги премести двете постојани поморски оперативни сили на НАТО на море. Трето, тој може да ги зголеми осумте борбени групи на границата со Русија од баталјони, со нешто повеќе од 1.000 војници, сè до бригади, кои се најмалку трипати поголеми.
Но Каволи, генералот на американската армија, избран како воен началник на НАТО, сè уште не може да им нареди на војниците да пукаат. Меѓутоа, тој сега има под негова команда 300.000 војници подготвени да увежбуваат и да одговорат на криза – речиси осум пати повеќе од она што го имаше пред војната. Токму тие се т.н. „Сили за сојузнички одговор“. Р.С.
Новите сили треба да бидат врвот на копјето на НАТО, слично на 82-та воздушнодесантна дивизија на американската армија, падобранци на повикот на Пентагон, кои беа распоредени во Авганистан во напорите за евакуација во 2021 година, а потоа служеа на теренот во Полска кога започна војната во Украина
Што содржи концептот на новите сили на НАТО
Сили за сојузнички одговор: Што значи тоа?
Имено, интенцијата на т.н. „Сили за сојузнички одговор“ на НАТО е да се задржи поголема резерва на сили подготвени за војна, различна од борбените групи на источното крило, која би била со големина некаде измеѓу сегашните т.н. Сили за брз одговор, кои имаат околу 300.000 војници, и бројката од над 3,2 милиони војници во 31 држава членка на НАТО. На секоја единица ќе ѝ биде доделено парче за одбрана и ќе вежба врз основа на воените планови на НАТО. Генералот Каволи би можел да нареди некои од тие трупи да бидат подготвени веднаш, повеќето за еден месец, а може реално да дава и рок за подготовка за нешто повеќе од шест месеци.
Годинешната тековна вежба „Стедфаст дифендер“, која започна во јануари и нема да заврши до мај, ќе има 90.000 војници – само околу четвртина од нив Американци. Маринци од три земји ќе се натоварат во Норфолк на американскиот воен брод „Ганстон Хол“ и ќе започнат амфибиски напад во едно сценарио во кое „треба да се вратат плажите на Норвешка“. Тогаш најподготвените трупи на НАТО ќе нападнат преку реката Висла во Полска.
Тоа е најголемата воена демонстрација на Алијансата во последните 36 години.
Втора клучна причина да се прават вежби од големи размери толку брзо, откако тимот на генералот Каволи ги стави плановите на хартија, е да се види што функционира, а што не. Во еден таков контекст, воените експерти ги поставуваат клучните прашања: како се преместуваат копнените сили низ Европа и како се снабдуваат.
Обликувањето на новиот команден центар ќе продолжи сѐ додека генерал Каволи е воен командант на НАТО – барем следната година и половина.