Искусни воени експерти велат дека не е препорачливо да се даваат некакви предвидувања во врска со идните големи воени операции, но препорачливо е да се притиска што повеќе и од сите страни за запирање на воените дејства, постигнување примирје, а потоа, во рамките на меѓународното право и меѓународните организации, и за постигнување договор за траен мир и некакво долгорочно решение за да можат конечно сите држави и народи да се посветат на сопствениот, но и на сеопштиот развој. Бидејќи воената алтернација е апокалиптична…
Декларации за деескалација наспроти активности за ескалација на воениот судир
Украинската војна не покажува знаци за смирување, при што очигледно ги принудува двете завојувани страни не само да ги продолжат туку и да ги интензивираат активностите во насока на подготовки за ескалација на воениот судир. Имено, украинската страна динамизира со вооружување со западните најсофистицирани оружја, а руската страна, пак, презема нови чекори не само во Украина и Белорусија туку и на својата територија.
Руски подготовки на своја територија за заштита од воени напади
Пред неколку дена во Русија, во повеќе региони, започнаа масовни воени вежби на руските стратегиски нуклеарни сили со доминантна улога на нејзините основни нуклеарни копнени системи – интерконтинентални балистички ракети (ИЦБМ) „јарс“, во кои учествуваат околу 3.000 елитни војници, како и околу 300 мобилни носачи (камиони), односно лансери на споменатите ракети.
Но има и други такви активности. Имено, руското министерство за одбрана и военото раководство веќе подолго време интензивно работат на зајакнување на противвоздушната одбрана на Москва и нејзината поширока индустриска зона, како и на Централниот воен округ.
Како што објави на 29 март специјализираниот американски медиум „Дифенс њуз“ (ДН) во статија од Максим Старчак, „Русија до крајот на годината ќе ја заврши модернизацијата на системите за противракетна одбрана што го штитат нејзиниот главен град“. А токму ова го потврди и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Ова се поврзува со инцидентот со пад на украинско беспилотно летало во град на 175 километри јужно од Москва. Руското министерство за одбрана соопшти дека дронот се урнал откако рускиот систем за електронско заглавување ја оневозможил навигацијата на беспилотното летало, пишува ДН. Според руската агенција ТАСС, „властите го идентификувале дронот како украински ’ту-141‘“, а се работи за беспилотно летало од ерата на Советскиот Сојуз, кое во 2014 година ѝ е повторно претставено на украинската армија и има домет од околу 1.000 километри. Станува збор за истиот дрон што лани посеа паника во Загреб, паѓајќи во непосредна близина на студентскиот дом „Стјепан Радиќ“ и кој, за среќа, не експлодира. Според ДН, Шојгу ја соопштил веста за „одбраната на Москва на состанокот на одборот на неговото министерство овој месец“.
– Во 2023 година, земјата ќе формира дивизија и бригада за противвоздушна одбрана, бригада за противвоздушна и ракетна одбрана за специјални намени и противвоздушен полк со ракетниот комплекс земја – воздух „С-350“ – рече тој.
Од 2011 година, за противвоздушна одбрана Русија вложила 7,7 милијарди долари
Развојот на капацитетите за противвоздушна одбрана е главна компонента на Државната програма за вооружување на Русија од 2020 година. Тие напори сочинуваат околу 17,5 отсто од 3,4 трилиони рубли (44,3 милијарди американски долари) потрошени на програмата од нејзиниот почеток во 2011 година. Програмата треба да доведе до распоредување на 100 баталјони, кои вклучуваат 800 лансери составени од ракетни системи „С-400“, „С-350“ и „С-500“. Според најновата верзија на руската државна програма за оружје, позната и како ГПВ-2027, средствата ќе помогнат во производството на „С-500“.
Според исцрпната анализа на „Дифенс њуз“, во моментов, руските сили за воздушна и ракетна одбрана ја контролираат Првата воздушна и ракетна армија, која ги брани Москва и централната индустриска област. Првата армија за воздушна и ракетна одбрана има полкови опремени со системи „С-300“ или „С-400“, но министерот Шојгу рече дека силите ќе добијат противвоздушни системи „С-350“.
Севкупно, според временската рамка за Државната програма за вооружување 2018-2027 година, руските сили ќе добијат 12 баталјони „С-350“ како замена на „С-300“. Шест фрлачи „С-350“ се веќе во употреба, но Првата армија за воздушна одбрана сè уште не го добила ова оружје.
Што се однесува до планираната бригада за противвоздушна и ракетна одбрана за специјална намена, Русија ќе ја вооружи 15-та армија на воздушните сили со системот „С-500“, кој може да им се спротивстави на балистичките ракети, се наведува во анализата на „Дифенс њуз“.
Во 2020 година, аналитичарите на рускиот специјализиран воен медиум „Авиа.про“ процениле дека еден „С-500“ – вклучувајќи лансери, радар, командно место, проектили и технички возила – чини помеѓу 700 и 800 милиони долари.
Русите превенираат можни напади со инсталирање нови радарски станици
Рускиот министер за одбрана Шојгу изјави и дека многу скоро ќе ја стави радарската станица Развјажка во борбена готовност. Ова е замена за радарската станица со долг дострел Дунаи-3У, која беше во служба од 1978 до раните 2000-ти. „Дифенс њуз“ анализира дека радарот за рано предупредување Развјажка ќе ја дополни постојната радарска станица Дон-2Н, која работи во зоната во Москва од 1989 година и е надградена во последните години.
Исто така, се очекува дека Државната програма за оружје ќе ги исполни следните задачи до 2027 година:
Создавање „С-550“, противракетен и противвселенски систем со подобрени способности за откривање и поголем дострел во споредба со „С-400“ и „С-500“. Воздухопловните сили треба да го добијат „С-550“ до 2025 година. Сепак, Русија не најави никакво пробно лансирање.
Утврдување на противракетниот и антисателитскиот систем „А-235 нудол“ како еден од одбранбените приоритети. Копнениот, мобилен, ненуклеарен систем треба да биде способен да удира објекти во орбитата на максимална височина од 700 километри. Русија го создава за да го замени системот „А-135“ од советската ера. Дванаесеттото пробно лансирање на „А-235“ се случи во декември 2022 година на полигонот Сари Шаган во Казахстан.
Испорака на противвоздушно оружје „панцир С-1“ на руските сили за воздушна и ракетна одбрана за заштита на другите системи што ја бранат земјата. Вкупно 507 парчиња ќе бидат доставени до воздухопловните сили оваа година. Според Шојгу, околу 85 отсто од опремата на воздухопловните сили ќе бидат модернизирани верзии до крајот на годината – пишува опсежно американскиот медиум „Дифенс њуз“.
Тактички нуклеарни проектили во Белорусија и суспендиран договорот СТАРТ
Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин донесе одлука за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, што предизвика реакции во НАТО. Меѓутоа, по оваа вест, САД ладнокрвно реагираа со соопштение во кое се вели дека „не гледаат знаци за подготвеност на Москва да употреби нуклеарно оружје.“
Медиумите притоа потсетија и дека во февруари Кремљ нареди руско суспендирање на нуклеарниот договор со САД, попознат како Нов СТАРТ. Со ова, Москва, меѓу другото, официјално ги прекина американските инспекции на своите нуклеарни постројки во согласност со истиот договор за меѓусебни инспекции – на што до неодамна инсистираше Вашингтон. Сепак, Москва нагласи дека ќе продолжи да ја почитува границата на бројот на нуклеарно оружје предвидена во тој договор, освен ако спротивната страна не почне да го прекршува.
СТАРТ 3 или Нов СТАРТ беше свечено потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на двете нуклеарни велесили – Барак Обама и Дмитриј Медведев. Со него, двете земји се обврзаа да задржат максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени проектили и бомбардери.
Договорот истекува во февруари 2026 година, а сега има минимални шанси за негово продолжување со оглед на тоа што американско-руските односи се речиси на нула.
Светот се соочува со сериозна опасност поради украинската војна, која се заканува да ескалира до невидени размери
Засега не е познато во јавноста дека има меѓусебни официјални дипломатски контакти на завојуваните страни. Но засега, со цел да се спречат инцидентни ситуации од поголеми размери, или да се реагира на нив (како што беше случајот неодамна со руското соборување на американското борбено беспилотно летало над Црно Море – и во Украина и во Сирија) – сè уште главно тоа го вршат највисоките воени команданти на армиите на двете земји – генералите Марк Мили и Валери Герасимов, како и одбраната, министрите Лојд Остин и Сергеј Шојгу.
Дипломатските претставништва во Вашингтон и во Москва служат само како „декор“, односно да се задржи формата на официјално одржување дипломатски односи меѓу двете земји. Прашањето е само до кога, имајќи предвид дека „Русија во последните денови повеќепати беше предупредувана од највисокиот државен врв дека НАТО стана активен учесник во украинската војна против Русија и дека оваа војна доби егзистенцијален карактер за неа“.
Имено, како што деновиве наведува Москва, НАТО официјално објави дека целта му е целосен воен пораз на руските сили во Украина, што Кремљ, како што изјави „никогаш нема да го дозволи.“
На сите познавачи на глобалните геополитички и воени односи им е јасно со каков сериозен предизвик и опасност се соочува светот поради украинската војна, на која навистина засега не ѝ се гледа крајот и се заканува да ескалира до невидени размери.
Затоа можеби не е ни чудо што најавените пролетни офанзиви од украинска страна сè уште не се започнати и покрај апелот на американското воено раководство Киев да го стори тоа што е можно поскоро, бидејќи, наводно, може да постигне победа (ова беше експлицитно кажано со јавната изјава деновиве на американскиот министер за одбрана Лојд Остин). Сепак, бргу следуваше одговорот од украинското раководство (министерот за одбрана Олексеј Резников) дека офанзивата нема да се започне пред крајот на април или почетокот на мај, додека не се создадат потребните временски услови и не се пополнат одбранбените капацитети.
Од друга страна, руските воени аналитичари жестоко вербално возвраќаат дека „западните тенкови ќе изгорат“.
Во сето ова, секако, има и многу пропаганда, со цел да се измами противникот и да се натера на погрешни процени и потези. Затоа не е препорачливо да се даваат никакви предвидувања во врска со идните големи воени операции, но препорачливо е да се притиска што повеќе и од сите страни за запирање на воените дејства, постигнување примирје, а потоа, во рамките на меѓународното право и меѓународните организации, и за постигнување договор за траен мир и некакво долгорочно решение за да можат конечно сите држави и народи да се посветат на сопствениот, но и на сеопштиот развој. Бидејќи воената алтернација е апокалиптична.