Со својата намера за именување и преименување дури на триста улици во Тетово со имиња на личности од албанската историја, меѓу кои и отворени протагонисти на идеологијата за голема Албанија, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, веќе предизвикува силни реакции на револт и отфрлања на неговите намери од страна на жители од Тетово, повеќето од нив Македонци. Амбицијата на Касами да изврши ревизија на историјата и географијата на овој дел од територијата на унитарната македонска држава, втиснувајќи печат на сегрегација, создава сериозни „искричења“ во меѓуетничките односи во градот под Шара
Жестоки реакции меѓу жителите од Тетово за намерата на градоначалникот Касами да преименува триста улици (3)
За почеток, дел од забележаните реакциите на граѓани од Тетово на различни социјални платформи
– Не се градат доверба и демократско опкружување со искривување на историјата и ревизија на историски факти. Во борбата за македонската држава и за асномска Македонија учествуваа многу Македонци, но и чесни Албанци, Срби, Хрвати и луѓе од друга национална припадност. Наспроти нив беа предавниците од разни етникуми, кои се ставија во служба на фашистичките окупатори и на таквите треба да им се определи местото како окупаторски слуги, а не да се обидува да се рехабилитираат.
– Ја претеравте, Билал! Срам да ви е, сега ќе добиете пари од Македонија за капитални и инфраструктурни проекти, но вие ќе ги употребите за да избришете сѐ што е македонско од Тетово! Каков парадокс, каква неправда, има ли крај на ова?!
–Демократијата не подразбира анархија и фашистички идеологии и личности, што се бореле против Македонија. Градоначалникот Касами со неговите досегашни постапки оди во прилог на балистичката идеологија.
– Доста е веќе со дивјаштво, ова не се трпи повеќе и нема да излезе на добро…
– На улиците ќе ставате имиња и на злосторници од тајфата на Џемо Хаса, озлогласениот балист!
– Концептот што ја создаде државата Македонија со многу жртви и народни херои, за Билал Касами бил застарен, па ќе го менувал со фашистичко-балистички концепт, кој е осуден во Европа и САД!
– Барате тетовчани да гласаат за вас и вашиот нов мандат на локалните избори, но вие сте големо разочарување за секој Македонец што го дал својот глас за вас на минатите локални избори!
– Од една улица сте го смениле името на Радован Цониќ, кој е дел од антифашистичката борба на македонскиот народ, а ќе се става на улици, а можеби и е веќе ставено, името и на Мехмет-паша Дерала, кој е еден од потписниците на Декларацијата за независноста на Албанија и нејзин министер во тогашната привремена влада на Албанија. Каква врска има овој со Македонија?
Посебно ја издвојуваме реакцијата на едно македонско семејство од Тетово: „Пред една седмица извадивме нови лични карти и пасоши, што нѐ чинеше речиси шест илјади денари. Дали ќе треба ние, но и мнозина други граѓани, да вадиме пак нови документи, пак да се изложуваме на трошоци, само за да бидат задоволени националистичките амбиции на Билал Касами?! Ќе го спречи ли некој ова?“
Реагираат и некои од Албанците и порачуваат дека Касами треба да се справи попрво со локалната урбанистичка мафија и да ги реши комуналните проблеми!
Многу тетовци, Македонци, но и дел од Албанците, не се согласуваат со тврдењето на Билал Касами дека „имињата на улиците се проект важен за Тетово и општината“. Тие реагираат дека овој град има редица проблеми, чие решавање е од суштинско значење за животот на населението и оти токму тоа е многу поважно отколку менување имиња на улиците. Градоначалникот на Тетово, Касами, наидува на одредени реакции и кај дел од Албанците, кои преку социјалните мрежи, директно во реакции на неговиот фејсбук-профил, му порачуваат: „Почни да се справуваш со урбанистичката мафија и да не ѝ дозволиш да прави хаос во Тетово, градејќи згради меѓу населбите без ниеден урбанистички параметар!“ „Прво погрижи се да има вода низ целиот град, а потоа прави што сакаш!“
Р.Н.М.
Градоначалникот Касами е обврзан да го слуша и почитува гласот на граѓаните на општината Тетово
На завчерашната средба со новинарите во просториите на општинската администрација градоначалникот Касами, во обид да се оправда, неубедливо тврдеше: „Именувањето на улиците во Тетово е процес што ги почитува нашата историја и идентитет и заедничките вредности што сакаме да ги наследиме. Овој процес ќе биде транспарентен и сеопфатен, во корелација со заедницата и експертите. Гласот на граѓаните и нашата отчетност остануваат темел на нашата работа“.
Касами отвори дилема која „наша историја и идентитет“ ќе бидат почитувани, штом сака со преименувањето на триста улици да ги избрише трагите на македонската историја и на македонскиот идентитет и култура од овој дел на територијата на Македонија.
Чии „вредности да бидат наследени“ сака Касами, имајќи ги предвид аргументираните предупредувања на македонските историчари дека во Тетово се планира да се стават имиња на личности поврзани со злогласната великоалбанска и профашистичка „Бали комбетар“ на Џемо Хаса?
Ако навистина допира до него „гласот на граѓаните“ како „темел на неговата работа“, тогаш Билал Касами ќе треба да го слушнеа и да го почитува и гласот на македонското население од Тетово, кое бара да нема никакви менувања на имињата на улиците во овој град, а камоли со ставање имиња на дејците на голема Албанија, на „Бали комбетар“ од 1941-1944, како и на борците на УЧК од 2001 година.
Касами и принципот на Бадентер
Вчера во редакцијата на „Нова Македонија“ реагираа Македонци од Тетово и во врска со ставот на Касами објавен во „Балкан инсајт“ на 11.10.2016 година околу „потребата за редефинирање на Македонија“ и „да се спречи само една етничка група, македонската, да ја држи власта“, на што посочи вчера „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „Тетовскиот градоначалник во улога на реаниматор на Тиранската платформа?!“.
– Ако навистина Бадентеровиот принцип го смета за „мртов“, тогаш Касами е решен да не дозволи употреба на тој механизам за Македонците во одлучувањето за имињата на улиците во градот во советот на општината. Но, тоа прашање не е во негов домен. Слободно нека иницира во рамките на централната власт решавање на ова прашање, по негова иницијатива и мислење, па тогаш нека продолжи со своите активности. Но тие мора задолжително да бидат во рамките на Уставот и законите на државава – велат нашите соговорници.
Граѓаните од Тетово, обраќајќи се до редакцијата, прашуваат „дали градоначалникот на Тетово упорно ги следи својата идеја и заложба уште од пред девет години дека „Македонците треба да бидат третирани само како етничка група, на која не треба да ѝ се дозволи сама да ја држи власта ниту сама да одлучува? Дали затоа Касами се дрзнува да им го ‘дозира’, да им го ‘дефинира корпусот на национални малцински права’ на Македонците, кои ‘можат да ги имаат’, а кои ‘нема да може да им следуваат’, бидејќи ‘ги имало под 20 проценти во структурата на населението на локално ниво’“. Преку весникот „Нова Македонија“ овие граѓани од македонска припадност од градот под Шара бараат одговори на овие свои прашања, кои ги изнесуваат во широката македонска општествено-политичка јавност.
Навистина, граѓаните жестоко реагираат преку општествените мрежи и јавно бараат жестока реакција и широка осуда, да не се дозволи никакво менување на имињата на улиците во Тетово, на други инфраструктурни објекти, како и на основните и средните училишта. Огорченоста е голема од овие потези на градоначалникот и лидер на Беса, бидејќи тетовските жители веќе сведочат на свежи „искричења“ во меѓуетничките односи во градот под Шара, токму по овој основ.
За издвојување е и нивниот апел со барање надлежните да наложат итно враќање на името на народниот херој Страшо Пинџур на конкретната улица од која е избришано, како и враќање на името на борецот Радован Цониќ, кое е заменето со името на Абдил Фрашери, еден од авторите на платформата за „обединување на сите албански етнички територии во единствена албанска држава етничка Албанија“. Р.Н.М.