Размислувањата на Владата и на политичките
партии во врска со Уставот
Постапката за промена на Уставот, според извори од Владата, треба да почне овој или најдоцна наредниот месец. Во таквиот контекст на одвивање на настаните се вклучи и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој деновиве порача дека „единствен начин да се дојде до двотретинско мнозинство е дебата со опозицијата“. На темата динамизација на уставните измени, премиерот Ковачевски смета дека дебатата за уставните измени мора да почне, и тоа најпрво на експертско ниво, бидејќи треба прво да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните, како и сите засегнати страни, да видат како изгледаат тие и активно да се вклучат во конкретните фази на самиот процес.
– Тоа ќе го направат експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и сигурно претставници на политички партии. Во однос на вклучување на сите политички партии, нормално дека тие ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи процесот на уставни измени се одвива во Собранието во неколку фази – изјави премиерот Ковачевски.
Тој од Словенија исто така порача и дека кога ќе бидат донесени и уставните измени, кои се дел од обврските во преговарачката рамка, „автоматски ќе продолжи Втората меѓувладина конференција, отворање на кластерите, реформите во општеството и полноправно зачленување во ЕУ, за што имаме поддршка од сите земји-членки на ЕУ“.
Од владејачката партија пак порачаа дека „со започнување на процесот во Собранието ќе се отвори јавна расправа, преку работни групи, каде што може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат свои предлози. Овој процес мора да биде инклузивен, транспарентен за да дојдеме до најдобрите предлози и решенија за промените во Уставот, со цел да го продолжиме европскиот пат на нашата држава“.
Извори од Владата брифираат дека во јавните дискусии ќе бидат вклучени академската и деловната заедница, граѓанските организации, медиумите, а дека експерти и професори по уставно право наредниве денови се очекува да седнат на заедничка маса, каде што ќе ги изнесат своите ставови и предлози околу уставните измени, кои наредниве месеци треба да влезат во собраниска процедура.
Како би гласел делот од преамбулата доколку би се формулирал по хрватски
модел, како што е предлогот на најголемата опозициска партија?
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ порача дека уставните измени би можеле да се направат и да бидат прифатливи, но по примерот на Уставот од Хрватска. Од партијата сметаат дека тоа би било добро решение, а со овој модел „Македонија ќе го промени мултиетничкиот карактер во унитарен и, аналогно на тоа, ќе биде држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинства што живеат во неа“.
Преамбулата на македонскиот устав, ако се земе предвид хрватската преамбула, би гласела: „Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети нации“. Со тоа, според нив, сегашната преамбула, која гласи: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, ќе претрпи значителна промена.
Предлогот на опозицијата предизвика политичка тревога во албанскиот
политички кампус
Несомнено, предлогот за измена на македонскиот устав во делот од преамбулата по моделот на хрватскиот устав предизвика лавина негативни реакции во албанскиот политички блок. Тие не само што се јавија дека го отфрлаат предлогот, туку настапуваат и со свои предлози за измена на Уставот. Во продолжение ги наведуваме реакциите на три албански партии.
– Решението што го нуди овој политички субјект во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54 отсто, а Албанците 30 отсто и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска, кои се над 90 отсто. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење – велат во партијата Алијанса за Албанците.
За партијата Алтернатива предлогот за измени на Уставот по хрватски модел е неприфатлив. Партијата Алтернатива изнесе свои предлози како да се дефинира државата во преамбулата.
– Гледајќи дека Македонија има едно поголемо мнозинство – етнички Македонци 54 отсто, второ мнозинство – Албанци 30 отсто и група на малцинства 6-7 отсто, нашиот предлог би бил Северна Македонија да се дефинира како „држава на македонската нација, албанската нација и другите етнички заедници“. За да биде креативна на оваа тема, Алтернатива има и друг предлог – тоа е Северна Македонија да се дефинира во својата преамбула како „држава на нејзините граѓани“, отстранувајќи ги сите етнички атрибути од градењето на државата. Кој модел треба да го прифатиме како држава, тоа треба да биде дел од дебатата и политичкиот консензус – велат од Алтернатива.
Од движењето Беса, пак, врз основа на одредбите од членот 130 од Уставот на Македонија, неодамна побараа од Владата во текот на составувањето на нацрт-верзијата на уставните измени, која ќе биде испратена за расправа до Собранието, да се направат измени и на петтиот амандман. Беса бара со отворањето на највисокиот правен акт освен вметнувањето на Бугарите, во преамбулата да се вметне и употребата на албанскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава. Од Министерството за правда им порачаа дека сите барања ќе бидат разгледани, но од владејачката СДСМ беа децидни дека не е момент да се оптоварува процесот со барања за бришење на 20 отсто за албанскиот јазик, во момент кога приоритет треба да биде членството во ЕУ.
Ставови на други помали партии
Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, има позитивно размислување за предлогот.
– Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за хрватскиот модел на уставот како урнек за измените на македонскиот устав е сосема легитимен. Особено што претходно челниците на ДУИ, па и премиерот и министрите од Владата, ги убедуваа Македонците да го прифатат условот за уставни измени од францускиот предлог, посочувајќи го токму францускиот модел. Сега, откако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека го прифаќа предлогот, дури и самите го иницираат, тие што претходно убедуваа сега се некако воздржани. Можеби оваа иницијатива е своевиден тест за тоа што навистина мислат со уставните измени тие што претходно го предлагаа хрватскиот устав како модел за нашите уставни измени, или го користеле само како форма на притисок за процес за кој нема граѓанска поддршка – вели Трајанов.
За Социјалистичката партија на Македонија е прифатлива преамбулата од хрватскиот Устав да се примени и во измените во Уставот. Партијата го задржува својот досегашен став инсистирајќи на „уставните измени со реципроцитет во бугарскиот устав“, при што очекуваат наведување на македонското малцинство во бугарскиот устав.
ВМРО-народна партија, вклучувајќи се во дискусијата за уставните промени, порача дека за нив е прифатлива промена на преамбулата по моделот на Уставот на историското ВМРО. Од партијата изјавуваат дека „ако на историското ВМРО не му пречеле Бугарите, тогаш нема потреба денес да се плашиме од нив“.
– ВМРО-народна партија смета дека посебна одговорност за позитивен однос кон овие уставни промени имаат токму партиите што го носат предзнакот или името„ВМРО – соопшти партијата.
Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија, има свое видување.
– Она што е прифатливо во предлогот за уставни измени според моделот на хрватскиот устав е пред сѐ што со него би се приближиле до оној концепт на граѓански устав според кој сите би биле Македонци со одредено етничко потекло. До сега, за жал, не успеавме да изградиме македонска нација од граѓаните на Македонија. Но многу поважно е со овој концепт да се оттргнеме од канџите на бинационална држава, каде што нѐ туркаат албанските партии со барањата за бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 отсто“ со „албански јазик“, што е вовед во федерализација. Ако оваа идеја за хрватскиот модел оди во насока на граѓанскиот концепт на Уставот, тогаш е прифатлива – вели Грчева.
Побаравме мислење и од Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
– Моделот на преамбулата на хрватскиот устав од повеќе причини е прифатлив како варијанта за измените што се бараат од ЕУ за македонскиот устав. Република Хрватска е земја-членка на ЕУ и тоа е модел на европски устав, што го имаат посочено и повеќе европски претставници и функционери од Брисел. Потребни ни се уште такви иницијативи и да се развие поширока општествена дебата, што можеби ќе ги натера политичките чинители да се изјаснат јавно за одредени прашања, да се видат вистинските заложби на албанските партии во Македонија, кои се во насока на политичка федерализација затскриена зад наративите за ЕУ и НАТО – вели Стоилковиќ.
Аднан Ќахил, долгогодишен политички претставник на Турците во Македонија, исто така има позитивно мислење за овој предлог.
– Ако со овој предлог се постигне сите граѓани на Македонија да бидеме Македонци, а етничките права да се решаваат внатрешно, со законски и подзаконски акти, тогаш тоа е сосема прифатлива појдовна точка за процесот што се очекува да го спроведеме за внесување на Бугарите во Уставот, како услов за продолжување на преговорите во ЕУ – вели Ќахил. Р.Н.М.