Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несомнено пораките што стигнуваат од Берлинскиот процес, како и од некои високи политички кругови во ЕУ, идентификуваат нова динамика во процесот на проширување: „Одеднаш и со сите земји од регионот“! Временската рамка за ова е до крајот на оваа декада, со образложение „да не се остави простор за други влијанија што би можеле сериозно да ја загрозат европската безбедност, како и американските интереси на Балканот“…

Германскиот канцелар Шолц со јасна порака од Берлинскиот процес

Проширувањето на Европската Унија ќе се случи во оној момент кога официјален Брисел ќе донесе политичка одлука за прием на сите земји од Западен Балкан во пакет, без оглед што некои земји повеќе години се во процес на преговори, а некои воопшто не ги започнале преговорите.
Потезите што ги влечат европските челници во последно време, како и пакетот финансиска помош доделен на сите земји кандидати, говорат јасно дека Унијата гледа на проширувањето како на единствен проект преку кој би сакала да го заокружи европското обединување.
Истовремено, намерата сите земји од Западен Балкан да се примат во пакет говори и за европските негативни искуства со билатерализацијата на процесот на проширување, што врз своја кожа најдобро го почувствува и сѐ уште го чувствува Македонија, која повеќе од 20 години е заглавена во европската чекалница поради билатерални прашања наметнати најпрво од страна на Грција, а потоа и од Бугарија.
Вака, официјален Брисел има намера сите земји да ги прими во пакет, слично на големото проширување во 2004 година, и на тој начин да спречи земјите што први ќе станат членки да го блокираат членството на другите земји кандидати.
– Јасно е оти земјите од Западен Балкан само заедно ќе можат да влезат во Европската Унија, што ја прави регионалната иницијатива за добрососедски односи уште поважна – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц по одржувањето на состанокот со лидерите од земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
Според него, билатералните проблеми на земјите кандидатки треба да останат билатерални и да не влијаат на европската интеграција, која се заснова на заслуги.
Несомнено, пораките што стигнуваат од Берлинскиот процес, како и од некои високи политички кругови во ЕУ, говорат дека новите геополитички раздвижувања во Европа и во светот, како и притисокот од официјален Вашингтон, диктираат нова динамика во процесот на проширување, кој треба да биде заокружен до крајот на оваа декада одеднаш со сите земји од регионот, за да не се остави простор за други влијанија што би можеле сериозно да ја загрозат европската безбедност, како и американските интереси на Балканот.
– Никој од земјите кандидати нема да влезе прв или втор во ЕУ, сите ќе влезат заедно. Бугарите тука се во заблуда, мислејќи дека ќе нѐ блокираат, но кога во нивното собрание ќе дојде да се гласа за членство на Македонија во ЕУ, тогаш ќе добијат пакет шест плус две држави. Како ќе можат да го одбијат тоа и да гласаат против? Тоа е нивната заблуда. Ќе добијат пакет, земи или остави – вели Љубомир Гајдов, новинар и надворешнополитички коментатор.
Според него, нема никаква дилема дека земјите од Западен Балкан ќе влезат заедно во ЕУ, бидејќи тоа е проект на САД и е од американски интерес тоа да се случи што поскоро.
– Не е наш проект Западен Балкан во ЕУ, тоа е американски проект и тоа го говорам со години. Сите ќе влеземе заедно, нема да има одделни приеми. Зошто ги примија сите поранешни комунистички земји одеднаш? Тоа се случи за да се воспостави нов ѕид против Русија, од Скандинавија до Грција – појаснува Гајдов.
Поранешни дипломати го делат мислењето дека Македонија заедно со другите земји кандидати ќе влезе во пакетот што ќе биде примен одеднаш во ЕУ.
– Шолц јасно кажа кои се намерите на ЕУ, заеднички прием на сите земји за да нема билатерализација на процесот. Ако се случи билатерализација, тогаш проширувањето ќе остане закочено на долг рок, а тоа не го посакува официјален Вашингтон, кој сака да го заокружи Балканот како сфера на свое влијание. Албанија почна да отвора поглавја и тоа е убава вест по подолго време, но несомнено сите наскоро ќе бидеме во истиот пакет и одлуката за прием ќе биде од политички и геостратегиски причини, и на Европа, но и на САД – заклучуваат поранешни дипломати.


Токму ваквите изјави од Шолц дека проширувањето на ЕУ ќе биде во пакет со сите земји од Западен Балкан оставаат простор Македонија сериозно да се зафати со внатрешни реформи, а во меѓувреме да се обидува да најде решение за излез од ќор-сокакот со уставните измени, кое нема да биде на штета на националните интереси и нема да го загрозува македонскиот идентитет

Нема простор за разочараност и летаргија по исчекорот што ѝ го овозможија на Албанија во евроинтеграциите

Македонија има јасна цел – сеопфатни внатрешни реформи!

Одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија за официјален Брисел нема никаква важност бидејќи сигналите што пристигнуваат оттаму се дека намерата е сите земји кандидати да се спакуваат во еден заеднички пакет, кој треба да биде примен во Европската Унија до крајот на оваа декада.
И додека кај нас се отвори дебата околу тоа како раздвојувањето на пакетот Македонија-Албанија ќе се одрази врз внатрешните меѓуетнички односи во земјава, особено откако Албанија вчера стартуваше со отворање на првото преговарачко поглавје, пораката на германскиот канцелар Олаф Шолц е јасна, да се сработи домашната задача околу реформите за земјите да бидат подготвени за членство.
Токму ваквите изјави од Шолц, но и од другите европски челници, оставаат простор Македонија сериозно да се зафати со внатрешни реформи, а во меѓувреме да се обидува да најде решение за излез од ќор-сокакот со уставните измени, кое нема да биде на штета на националните интереси и нема да го загрозува македонскиот идентитет.
Тоа подразбира да не се носат избрзани одлуки, туку добро осмислени и балансирани решенија на ничија штета, кои нема да генерираат понатамошни проблеми со Бугарија, туку ќе отвораат можност за обновување и зајакнување на меѓусебната доверба и соработка.
Дополнително, најавите дека Западен Балкан чекори заеднички кон ЕУ ќе демотивираат и одредени внатрешни сили што одвојувањето на Македонија и Албанија го користеа како повод да мотивираат извесно меѓуетничко незадоволство, кое лесно може да ескалира и да доведе до конфликтни сценарија.
Поранешната пратеничка во македонското собрание Ѓулистана Марковска смета дека приемот во ЕУ е политички мотивирана одлука и тоа ќе се случи во пакет.
– Пораката е јасна и недвосмислена. Приемот во ЕУ е политички мотивирана одлука, се разбира дека и критериумите се важни, а во нашиот случај со политиката на двојни аршини и претставниците на меѓународната заедница знаат дека или ќе оди целиот регион во Унијата или ништо од тој процес. Така беше и со последното „политички мотивирано“ проширување, така е и сега – вели Марковска.
Според неа, тоа што на Албанија ѝ ја подотворија вратата, отворајќи го првиот кластер „Фундаментални вредности“, суштински не значи ништо, но психолошки – значи.
– Не знам зошто е донесена таа одлука, бидејќи тогаш кога ја донесоа Албанија беше во понеповолна состојба од нас (ветинг на судиите, проблем со шверцување дрога, оружје и слично). Сметам дека нашето место е во Европа и дека треба да си „поработиме“ на нашите проблеми и тоа како девиза, секој да си ја работи својата работа максимално одговорно, а политиката да ги направи условите пристојни за работа, а Македонија пристојно место за живеење – истакнува Марковска.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека македонските власти во прв план треба да го насочат фокусот кон домашните реформи, а паралелно да се турка и европската агенда.
– ЕУ има флоскули што континуирано ги кажува во поглед на членството во ЕУ, ама во реалност се случува нешто друго. Двојните стандарди зачудуваат и тоа е јасно преку примерите со Македонија и со Србија. Дефинитивно ние не треба да се откажеме од членство во ЕУ, ама мора да почнеме да работиме на себе и да зајакнеме најпрво економски, а потоа и политички. Идентитетските билатерални прашања не доаѓа предвид да продолжиме да ги дискутираме. За жал, ние сѐ уште се занимаваме со глупости наместо да почнеме реално да работиме на себе – вели Синиша Пекевски. С.Т.


Рама: Се чувствувам засрамено од понижувањата што ЕУ ѝ ги нанесе на Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама, на отворањето на Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија, покрај задоволството што неговата земја официјално започна со отворање преговарачки поглавја, изрази жалење што Унијата ѝ нанесува неправда на Македонија.
– Се чувствуваме тажно и стотици пати кажувам дека нашите браќа од Македонија сѐ уште не успеале да влезат во оваа фаза од процесот, иако беа први. Се чувствувам малку засрамено што треба да размислувам за понижувањето на С. Македонија, која го смени и името. Различните ставови за тоа која била мајка на народниот херој и со кого водела љубов, дали биле поврзани кога решиле да водат љубов, се многу интересни теми за историчарите, но мислам дека не се дел од сето она што нѐ поврзува да станеме дел од ЕУ. За нас и за мене, достигнувањето на ЕУ е да научиме да го гледаме патот со очите на иднината – порача Рама.