Нашите соговорници посочуваат дека преку пишувањето на весникот „Целокупна Бугарија“, во периодот додека излегувал од печат, може да се осознаат одредени политики на тогашна царска Бугарија, во кои се потенцирал антисемитизам. Ваквата најава на фондацијата „Македонија“ е силен сигнал за Брисел за тоа дека една земја членка на ЕУ ги гази демократските принципи и дека Унијата треба соодветно да реагира
Уште еден бугарски потег што ги буди сеништата на фашизмот
Повеќемина историчари и борци за човекови права во изминатиов период реагираат на најавата на фондацијата „Македонија“ дека весникот „Целокупна Бугарија“ ќе продолжи да излегува онлајн и на неколку балкански јазици. Станува збор за печатен весник што излегувал во периодот 1941-1944 година, во текот на окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија. Ваквата најава, нашите соговорници ја коментираат како обновување на сеништата на минатото, како ревизија на историјата, па дури и будење на фашизмот, што весникот го пропагирал за времето на своето излегување.
Во демократските држави, особено во САД и државите членки на Европската Унија, е општо прифатено дека слободата на изразување е основното човеково право, принцип што е во констелација со суштинските демократски процеси. Во овој контекст, секој граѓанин има слобода да ги искаже своите мислења и ставови, а наедно има и неограничен пристап до информации. Меѓутоа во изминатиов период се забележливи одредени тенденции на поединци и групации, кои се обидуваат да ја изедначат слободата на изразување со говорот на омраза. Како конкретен пример може да се посочи токму најавата на бугарската фондација „Македонија“ дека ќе го обнови весникот „Целокупна Бугарија“.
Позициите на споменатиот весник се унисони со тогашната бугарска државна и фашистичка политика по основа на повеќе политички и идеолошки прашања, но пред сѐ весникот „Целокупна Бугарија“ имал пропаганден карактер, а тоа е особено забележливо во повеќето натписи и статии што се насочени кон убедување на Македонците дека имаат бугарски корени. Директор на весникот е Никола Коларов, кој по убиството на Александар Протогеров на 7 јуни 1928 година застанал на страната на Иван Михаилов, а како главен уредник се јавува Стојан Бојаџиев, автор на пропагандната книга „Дали постои македонска нација?“ од 1940 година, во која се негираат македонските национални особености. За забележување и фактот што Стојан Бојаџиев во почетокот на 90-тите години на 20 век е еден од основачите на ВМРО-БНД и нејзин претседател, партија што во македонската јавност е позната по своите радикални националистички ставови и негирањето на македонските особености.
Нашите соговорници посочуваат дека весникот „Целокупна Бугарија“ има историско значење, односно преку неговите пишувања можеме да осознаеме одредени политики на царска Бугарија, како што е написот во кој се потенцира потребата за донесување посебна наредба важечка само за македонските Евреи, со која им се забранува „да соопштуваат какви било вести и да разгледуваат политички и општествени прашања“. Но најавата на фондацијата „Македонија“ за заживување на споменатиот весник не е во оваа насока, напротив, има пропагандна цел. Како потврда за ова, нашите соговорници посочуваат дека досегашните активности на т.н. фондација беа насочени кон контроверзни дејанија, како она кога беше објавен повик до македонските граѓани да ги променат презимињата на „ов“ или „ев“. Јавно, фондацијата декларира дека создава трајни врски помеѓу бугарското и македонското општество, како и дека има цел да гради мостови помеѓу македонското и бугарското општество во сите сфери на живеењето. Меѓутоа нашите соговорници посочуваат дека во суштина споменатата фондација има шовинистичка и иредентистичка идеологија, поради што Виктор Стојанов, претседател на фондацијата, на неопределено време има забрана за влез во Република Македонија.
Според нашите соговорници, најавата на фондацијата „Македонија“ за заживување на весникот „Целокупна Бугарија“ е всушност обид за изедначување на слободата на изразување со говорот на омраза. Информирањето на пошироката јавност за одредени прашања преку онлајн достапноста на „Целокупна Бугарија“ е всушност изговор, а вистинската намера е негирање на македонските национални особености. Секој поединец има право на неограничен пристап до информации, но во овој случај станува збор за написи и текстови што шират говор на омраза и предизвикуваат вознемиреност кај пошироката јавност. Недозволиво е статии и текстови што се карактеризираат со напаѓачки и дискриминаторски јазик кон Македонците и нивните особености да бидат достапни во македонскиот информатички простор, а надлежните би требало да преземат одредени дејанија во оваа насока, велат нашите соговорници.
Уште позагрижувачки е фактот што станува збор за печатен медиум што е унисон со тогашната бугарска државна и фашистичка идеологија, така што на еден индиректен начин се заживува фашизмот преку „Целокупна Бугарија“, нешто што е несвојствено со вредностите на секое современо демократско општество и Европската Унија, велат нашите соговорници.
Во однос на оваа проблематика, аналитичарот Сотир Костов вели дека најавата на фондацијата „Македонија“ за весникот „Целокупна Бугарија“ е всушност обид за медиумско влијание и за целосна бугаризација на Македонија.
– Крајната цел е реализација на бугарската стратегија што беше усвоена во 1999 и 2007 година, стратегија што во еден дел е во дослух и соработка со Република Грција, а тоа значи, и едните и другите да си ги остварат своите национални и државни цели кон Македонија. Едните остварија за името, а другите сѐ уште се надеваат дека комплетно идентитетски ќе нѐ збришат преку историјата и јазикот и неприроден инженеринг на нашиот образовен процес. Вакво нешто треба да биде спречено со образложение дека ќе има штетно влијание врз развојот на младите македонски генерации – вели Сотир Костов. Д.Ст.