Бидете сигурни дека во 2030 година ќе бидеме членка на ЕУ. Деновиве на прашуваат зошто толку многу брзате? Зошто инсистирате токму таа година, сега да се носат тешки одлуки? Зошто реформи, зошто баш сега? Имаме време да чекаме. Ќе чекаме подобри времиња, ќе ослабе позицијата на некои други држави што мислиме дека денеска ни се пречка, ќе зајакне нашата позиција. Јас им велам во 2030 година ќе има прием на нови членки во ЕУ. На ваква бина ќе стојат претставниците на Украина, на Молдавија, на Србија, на Црна Гора, на Албанија. Ние ќе направиме се на таа бина да стојат и претставниците на нашата татковина. Што ќе им кажеме на младите ако не успееме да застанема таму во 2030 година? Како ќе им објасниме дека оваа година не сме биле подготвени да носиме одлуки за тие во 2030 година да имаат европски пасош.
Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на Отворената трибина „Македонски труд-Европска социјална политика” во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ на Секретаријатот за европски прашања, која вечерва се одржа во Струмица.
Додаде дека Струмица од пред повеќе години ги споделува и негува европските вредности и затоа, како што кажа, тука доаѓале за да земат свеж и прогресивен европски воздух, кој ја враќал енергијата и силата и надежта дека припаѓаме и дека сме Европа.
Според него, нашата држава споделува многу вредности со Европската Унија и затоа определбата за зачленување во ЕУ е определба за зачувување на стабилноста, просперитетот, соработката и успехот.
-По долго време европската агенда и перспектива не е само сон, туку е реалност. Добивме временска одредница дека во 2030 година е навистина возможно да станеме членка на ЕУ. Со чекањето секој ден губиме по една можност, секој ден надвор од Европската унија нашите луѓе имаат помалку можности – рече Маричиќ.
Караванот „Ние сме Европа“ по Струмица продолжува во Битола.