Маричиќ уште првиот ден како продолжение од својот функционерски стаж јавно се огради од македонското малцинство во Бугарија додека клима со главата на бугарските барања за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
На денешната прес-конференција со германската министерка за Европа, Ана Лирман, на прашањето дали во Бугарија има македонско малцинство, нешто што деновиве го негираше новиот премиер Кирил Петков, Маричиќ одговори дека праксата на нашата Влада досега била да не се меша во внатрешните работи на која било држава и дека на тоа не обврзува и нашиот Устав.
Од ВМРО-ДПМНЕ јавно му ги поставија прашањата: „Кој друг освен Македонија да се интересира за правата на Македонците во Бугарија? Дали изјавата на Маричиќ значи дека ќе побара Бугарија да не се меша во правата на малцинствата во Македонија?“.
Според партијата, „срамно и недостоинствено е однесувањето на потпретседател на Влада кое преставува продолжување и континуитет на срамните политики на заевизмот“.
Маричиќ денеска кажа дека малцинствата се „внатрешно прашање на сите држави од регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја етничка група, здружение или политичка партија можат да ги бараат своите права во Советот за Европа и други меѓународни организации. Според Маричиќ инсистирањето на тоа прашање сега „не е продуктивно“.