Во повеќе анализи на политички познавачи, последниот случај со хакираниот систем на ФЗО се согледува и како уште една парадигма на државно-општествениот прифатен принцип во Македонија за функционирање со и под уцени. А една правна држава при владеењето на правото не го дозволува тоа! Општ е впечатокот дека уцените за и во Македонија се нескриено отворени во нејзините евринтегративни процеси, во односите со соседите, но и во начинот на кој функционираат односите на политичките субјекти во државата. А според аналитичарите, и високата корупција е неразделен дел од нив!
Од хакиран систем на институција до синдром на уценета држава
„Среќниот крај“ од двонеделната хакерска опструкција на системот на податоци на Фондот за здравствен осигурување, сепак, остави неодговорени прашања и недоумици на општ план, како околу функционалната подготвеност на државата да реагира на ризици од хибридни напади, но и за симптомите што ги пројави овој случај, што наведува на синдромот – уценета држава, преговори под присила, и со основи на сомневање за постоење висока корупција од меѓународни размери.
Испорачаната изнуда кон ФЗО како метафора на целиот општествен систем
Откако профункционира системот на ФЗО и се реализираа исплатите за кои е надлежна оваа институција, сепак сè уште нема одговори на најважните прашања – кој стои зад нападот, каква штета е предизвикана со него, дали се безбедни податоците на граѓаните и дали хакерите барале и им биле исплатени пари за да го вратат системот во функција. Надлежните велат дека е во тек истрага, по што ќе може да се лоцира одговорноста за нападот. На истражните органи им е доставена и прелиминарна анализа за хакерскиот напад што го парализираше фондот 14 дена и ја сопре исплатата на плати во здравството и надоместоци за граѓаните. Сепак, на јавноста ѝ остана непознато што од можните опции/решенија е преземено и реализирано за системот повторно да се врати во функција (дали е анулиран хакерскиот напад со средување на системот, или можеби се исплатени парите за уцена што ги барале хакерите?!)
– Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам – изјави директорката на ФЗО, Магдалена Филиповска Грашкоска.
Во периодот додека системот на ФЗО беше надвор од употреба, во јавноста беше лиферувана информација дека хакерите за да ги вратат податоците, наводно, барале поголема сума пари, а премиерот Димитар Ковачевски објаснуваше дека станува збор за напад, кој е дел од хибридната војна што моментално се води во Европа. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави, особено членките на НАТО. За да се врати системот во функција помош беше побарана и од странски експерти.
Гошев: Во услови на глобално дигитално функционирање, секој може да уценува ако почувствува дека во одредена држава, всушност, нема држава
Изјавата на првиот човек на македонската извршна власт, во која овој напад на системот на важна социјално-административна институција на државата ја става во контекст на глобални предизвици од хибридно-воен карактер, наметнува прашања за споредба како другите држави реагираат на ваквите ситуации, колку се подготвени да се справуваат со овие ризици и колку време е потребно за нивно успешно надминување.
– Модерната технологија за управување на административните системи на државите, секако, наметнува некои други параметри на безбедност и справување со ризици, како на пример со уцени од хакерски вид. Во овие услови на глобално дигитално функционирање на државите, секој може да уценува ако почувствува дека во одредена држава, всушност, нема држава. Односно ако се увиди дека параметрите на државноста, во смисла на способноста на институциите да се справуваат со ризици од безбедносен карактер од секаков вид, се оставени на „среќата“, државата станува лесно подложна на уцени. Во случајот со хакерскиот напад на ФЗО, очигледно е дека немало безбедносен систем, односно немало резервна локација на бекап-системот за податоците. А тоа е елементарен безбедносен стандард за кој треба да се грижи и да го применува секоја институција во државата. Во денешно време, безбедноста на организираност на државата се цени според тоа колку се фреквентни појавите на ризици од хибридни напади и колку брзо се отстрануваат, односно колку ефикасно функционира кризниот менаџмент. Различни ситуации покажуваат дека Македонија по многу параметри не е од поорганизираните држави во однос на справување со ризиците и уцените за безбедноста на државата – вели Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на НБРМ.
Организиран криминал и висока корупција повторно на виделина?!
Анализата на експертските технички тимови покажала дека при сајбер-нападот немало излевање на податоците надвор од базите на Фондот. Надлежните се децидни дека податоците на корисниците на здравствени услуги вклучувајќи ги и личните податоци се безбедни и заштитени и дека нема неовластено преземање на личните податоци. Сепак, во јавноста и понатаму како интригантна тема остана дилемата дали и до кое ниво на државноста е навлезено функционирањето на институциите под притисок на уцените. Постојат и сомневања дека уцената на хакерите е и политичка инсценација или параван за ординарна кражба на средства во Фондот. Таквите сомневања произлегуваат од изјави на поранешни министри во Владата, за неконтролирано одлевање големи финансиски средства токму од тој фонд. Изјавите потоа беа повлечени, но сомнежите во јавноста останаа отворени и секогаш се активираат при инцидентни ситуации.
Во повеќе анализи на политички познавачи, последниот случај со хакираниот систем на ФЗО се согледува и како уште една парадигма на државно-општествениот прифатен принцип во Македонија за функционирање со и под уцени. А една правна држава при владеењето на правото не го дозволува тоа! Општ е впечатокот дека уцените за и во Македонија се нескриено отворени во нејзините евринтегративни процеси, во односите со соседите, но и во начинот на кој функционираат односите на политичките субјекти во државата. А според аналитичарите, и високата корупција е неразделен дел од нив!
– Кога за високи државни и национални прашања, политичарите во Македонија прифаќаат да функционираат под уцени, логиката говори – зошто би се воздржувале таквиот принцип да го применуваат и за остварување на своите интереси. Како граѓани на Македонија немаме веќе фантазија, на кој начин политичарите можат да постапуваат за да ги остварат своите цели, намери и интереси, кои одамна не се совпаѓаат со интересите на државата. Корупцијата, особено онаа високата, меѓу политичарите се наведува како еден од најгорливите предизвици во реформите што треба да ги спроведе Македонија. А со корумпирани политичари, добиваме уценета држава – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.
Според амбасадорката Корнети, корумпирањето на политичарите во една држава, за подоцна да бидат држени под уцена, е еден вид специјална војна во ерата на глобализацијата, методи што ги применуваат најмоќните држави секаде каде што сакаат да воспостават сопствена контрола.
– Највисокиот стадиум на уценета држава е кога нема реакција во општеството и коруптивната уцена функционира како прифатлив принцип. Македонија е веќе во тој стадиум, во кој е прифатливо владини коалиции да се прават со уцени и корупција, а непристојните уцени од соседите за меѓународната интеграција на државата да се третираат како неизбежност што мора да се спроведе, без оглед на погазувањето на сопствениот идентитет и државен интегритет – вели Мелпомени Корнети.