Фото: Маја Јаневска-Илиева

По многубројните реакции на стручната јавност, која бара повлекување на поднесената унилатерална изјава до ЕУ поради неточности во неа со просторниот и временски континуитет на македонските јазик, „Нова Македонија“ побара мислења што може да се направи сега. Како да се извлечеме од калта во која самите западнавме и како да се ублажи и отстрани штетата врз македонскиот јазик, а со тоа и врз македонскиот народ и држава? Од Владата потврдуваат дека се во интензивна комуникација со македонските лингвисти, но каков ќе биде крајниот епилог сѐ уште е неизвесно. Единствено МНР излезе со став дека нема да се менува содржината на поднесената изјава

ЛИНГВИСТИТЕ БАРААТ НОВА ИЗЈАВА ДО ЕУ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Владата на Македонија е во интензивна комуникација со македонските лингвисти, кои искажаа сериозни забелешки за содржината на унилатералната изјава што нашата држава неодамна ја достави до Европската Унија и која се однесуваше на редица суштествени прашања поврзани со македонскиот јазик. Македонските лингвисти бараат да се повлече поднесената изјава до ЕУ, бидејќи во неа има редица неточни факти што се спротивни на научната вистина. Македонистите се децидни дека македонскиот јазик има длабоки историски корени и тој се протегал и се протега и надвор од границите на државата. Каков ќе биде исходот од оваа, дополнителна комуникација меѓу владиниот сектор за евроинтеграции и домашните лингвисти, е неизвесно. Нејасно е и дали надлежните органи и власта ќе подготват евентуално нова изјава за македонскиот јазик, во која ќе бидат вклучени сите забелешки на научната јавност и на македонските лингвисти, која дополнително би била доставена до институциите на Унијата.
По објавувањето на содржината на унилатералната изјава поднесена од Македонија, следуваа остри реакции од јавноста и од македонските лингвисти, кои укажаа на несоодветната „формулација“ за потеклото на современиот и кодифициран македонски јазик. Повеќемина експерти и научнообразовни институции во Македонија, како најголема слабост на декларираниот текст до ЕУ го посочија делот што се однесува на споменувањето на дијалектите на кој почива литературниот македонски јазик, при што тоа се ограничува само на територијата на (сегашна) Македонија, што, според македонистите, не е точно.
Во многубројните реакции беше и ставот на професорката Елка Јачева Улчар, која на својот фејсбук-профил, во име на научните работници од МАНУ, Филолошкиот факултет, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература и други институции, објави зошто оваа еднострана изјава не смее да биде став на Македонија.

– Според ова, посочувањето на временскиот и културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти, така што наведеното во Унилатералната изјава од македонска страна, дека: „Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна РС Македонија“, претставува грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик – вели Јачева Улчар.
За текстот на овој документ реагираше и академик Катица Ќулафкова, која вели дека македонските власти се откажале од нешто за што никој воопшто нема право да се откаже.
– Со унилатералната изјава на Македонија, всушност, се откажуваме од историскиот и научен факт дека македонските говори од егејска Македонија, денешна Грција, се основа на старословенскиот и црковнословенскиот јазик од кирилометодиевската епоха на нивната кодификација. Просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик значи негово постоење вон просторот на денешната држава Македонија и вон современото време – пишува Ќулафкова.
На политичката штета од веќе поднесената унилатерална изјава од Македонија предупредува и поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европска политика, Никола Димитров, кој смета дека со ова Македонија самата се откажува од својата поширока јазична територија и користењето на македонскиот јазик го ограничува само на просторот на сегашната државна територија.
– Покрај политичката битка за идентитетот се одвива и научна битка во форумите на меѓународните лингвисти. Во општите словенски лингвистички атласи јасно се посочува дека има и македонски дијалекти, кои не се на нашата територија. Пред да се доставеше текстот на изјавата морале да направат консултации со експерти, а вака како што е доставена, таа е проблематична. Со ова си воведуваме автоцензура и полека самите на себе стануваме негатори. Не смееме да се плашиме од тоа што ни припаѓа. Да не ја заборавиме антицивилизациската изјава на Бугарија. Како ќе градиме пријателство, ако се доставуваат вакви унилатерални изјави поврзани со македонскиот јазик – изјави Никола Димитров.
Политичките аналитичари се воздржани од коментарите за тоа колку сега е правно возможно да се направат дополнителни корекции на нашата декларација за македонскиот јазик. Во неофицијалните разговори тие велат дека целата процедурална постапка околу „отворањето на пристапните преговори“ од страна на Европската Унија веќе е завршена.
За аналитичарот Синиша Пекевски, реакциите од стручната лингвистичка јавност доаѓаат пост фестум, поради тоа што целиот процес околу усогласувањето на клучните документи за добивање почеток на преговори се одвиваше нетранспарентно.

– Сѐ се одвива во стилот по свадба тапани. Ништо не е јасно од тоа што ни е презентирано досега од политичарите што ги водеа преговорите со ЕУ. Секоја следна изјава од нашите политичари е поинаква од претходно искажаната. Од Европската Унија добиваме пораки, како што тие ги толкуваат и како што ние сакаме да ги слушнеме. Сѐ е во некоја завиена форма, со флоскули и во отсуство на суштинска дебата. Реално не правиме многу за да се подобрат текстовите во преговарачката рамка, протоколите со Бугарија или ова со унилатералната изјава за македонскиот јазик. Практично, на македонската влада ѝ останува малку простор за да може нешто да промени во предложените текстови – ни изјави Пекевски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во одговор на новинарско прашање во врска со забелешките од македонистите за едностраната изјава од македонска страна за македонскиот јазик, рече дека „се водат интензивни преговори со нив и оти очекува информации“.
– Постојано има комуникации. Од министерот за надворешни и од министерката за култура и очекувам во текот на денот нешто и да се пренесе и да се каже. Има интензивна комуникација. Мислам дека се покриени сите грижи и дека не сме направиле ништо негативно врз нашиот јазик и неговиот карактер – изјави вчера Маричиќ. М.Ј.


МНР нема да ја менува унилатералната изјава за македонскиот јазик

Македонија нема да ја менува унилатералната изјава за македонскиот јазик што Владата ја достави до ЕУ на првата меѓувладина конференција пред три дена, а ваквата одлука била донесена откако изминатите два дена биле извршени повеќе консултации во МНР и било заклучено дека нема потреба од никакви дополнувања.
Министерството за надворешни работи, реагирајќи на реакциите во јавноста, преку соопштение објасни дека изјавата била со цел да се осигури употребата на чиста формулација за македонскиот јазик како службен јазик во земјава и нејзините меѓународни односи, без какви било објаснувања.
– Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ, како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука – наведуваат од МНР.