Македонската влада ги пушти во собраниска процедура одделните предлог-закони за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралството Шведска и на Република Финска, со цел да се создадат формални правни предуслови, по стапувањето во сила на протоколите, двете земји да може да пристапат кон Северноатлантскиот договор и нивно членство во НАТО.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и членовите на Владата отворено ја поддржаа иницијативата на Шведска и на Финска за членство во НАТО и уште во мај беше дадена согласност за прием на Република Финска и Кралството Шведска за нивно членство во Северноатлантската алијанса.
Протоколите кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралство Шведска и Република Финска се потпишани во Брисел на 5 јули 2022 година од овластени претставници на државите-членки на НАТО.
Македонија даде целосна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО, поддржувајќи го натамошното проширување, како и зачленувањето на Кралството Шведска и на Република Финска во Северноатлантската алијанса, оценувајќи го како важен чекор и придонес за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа, имајќи го предвид неоправданиот воен напад на Украина од страна на Руската Федерација.
Шведска и Финска имаат развиено многу високо ниво на соработка со НАТО и нивното членство ќе ја зајакне политичката сила на Алијансата, а со нивниот прием Алијансата демонстрира единство.