Фото: Игор Бансколиев

Сега веќе станува и повеќе од јасно зошто во земјава немаше попис повеќе од 20 години, односно зошто албанската етничка заедница во земјава упорно го опструираше овој процес и до последен момент инсистираше во пописната операција да биде вклучено и нерезидентното население, статистички преседан што го нема во ниту една европска држава. Наместо да се оди на квалитет врз основа на мерит-системот, сега уште повеќе се зголемуваат квотите за етнички вработувања без никакви критериуми и основи, со што државата станува најголемиот работодавец и истовремено заложник на непринципиелните партиски комбинаторики и математики

Наместо за унапредување на државните политики, резултатите од пописот се ставаат во функција на државен дисбаланс

Бура реакции предизвика новата методологија што ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, според која, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население.
Министерот Алити ја направил веселата математика така што до бројката од 31,54 отсто дошол додавајќи ги бројките од нерезидентното население од последниот попис и на тоа додавајќи уште два отсто од седумте отсто административно попишани.
Сега веќе станува и повеќе од јасно зошто во земјава немаше попис повеќе од 20 години, односно зошто албанската етничка заедница во земјава упорно го опструираше овој процес и до последен момент инсистираше во пописната операција да биде вклучено и нерезидентното население, статистички преседан што го нема во ниту една европска држава.
Дополнително, ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој, распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Република Македонија.
– Во институциите на јавниот сектор што се основани од страна на централната власт, а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основа за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија – се вели во ставот 4 од членот 20-а на законот.
Дилемата што сега се наметнува во јавноста е до која граница ќе оди тероризирањето на институциите од страна на некои министри, поединци, раководители, кои сами пумпаат бројки, игнорирајќи ги постојните пописни податоци, но и законите.
Наместо да се оди на квалитет врз основа на мерит-системот, сега уште повеќе се зголемуваат квотите за етнички вработувања без никакви критериуми и основи, со што државата станува најголемиот работодавец и истовремено заложник на непринципиелните партиски комбинаторики и математики.
Според универзитетскиот професор Живко Андревски, крајно време е овие практики на етничко пополнување на државната администрација веќе да престанат, со што и таквите процентуални математики ќе загубат секаква смисла.

– Мислам дека од 2001 година поминаа 20 ефективни години во кои се спроведуваат деловите од Охридскиот рамковен договор што се однесуваат на вработувањата во јавната администрација и дека време е да се размислува таа определба на општеството да се надмине и да се премине на чисто стручно, одговорно и долгорочно планирање на вкупниот државен апарат и механизам. Ова што сега некој се обидува да го направи, со вакво пумпање на бројките, само подразбира дека ќе ги стимулира и другите етнички заедници на слични постапки. Ако евентуално во следниот период се случат уставни промени и влезат и други етнички заедници и ако и тоа се рефлектира врз процесот на вработување, тоа ќе значи дека државната администрација и сите други служби за определен период нема воопшто да се потпираат на европски стандарди, критериуми и правила. Се отвора многу трустен простор за функционирање на државната администрација и на тој начин и на вкупниот државен механизам – вели Андревски.
Според него, ова отвора едно прашање што е многу позагрижувачко, а кое во нашето општество се наменува постојано со години.
– Тоа значи дека така вработените луѓе не би биле одговорни во рамките на механизмот на државниот систем од каде што ќе земаат плата, од каде што ќе бидат здравствено и пензиско осигурени, туку дека нивната одговорност би се свела само пред тимовите што на некој начин ги предлагаат етничките заедници – констатира Андревски.
Тој додава дека ова ниво на историски цивилизациски развој на државата е такво што државната работа се покажува како најсигурна и најбезбедна, па затоа сиот фокус се става на вработување во овој сегмент.

– Во барата сите си бараат решенија, а се покажува и натаму дека ова ниво на историски цивилизациски развој на државата е такво што државната работа се покажува како најсигурна, најбезбедна, од каде што не може да се загуби работното место или тешко се губи, каде што мерењето на ефектите практично не постои или е такво што многу се приспособува кон барањата и практично станува збор за еден вид затворен систем. Отворен систем за влез, од кој никој нема да сака да излезе – истакнува Андревски.
Негово мислење е дека ако сакаме да бидеме дел од Европа, тоа значи дека мора да ги прифатиме европските вредности и наместо по етнички клуч, да се вработуваат луѓе според нивните компетенции.
– Во таа смисла ние треба да бидеме Европа, треба да имаме администрација што покажува висок степен на стручност, приспособливост кон модерните движења во општеството и на пазарот на трудот, администрација што ќе испорачува услуги во најширока смисла какви што им се потребни на општеството, на граѓаните, што ќе биде одговорна во рамките на работата и за квалитетот и за придонесот за општеството. Едноставно, таквата администрација треба да им се реваншира на граѓаните за тоа што ќе добива плата од буџетот – смета професорот Андревски.
Тој не очекува овие практики на вработување по етнички клуч скоро да се променат и не исклучува ваквите процентуални математики и притисоци да продолжат и во иднина, но се надева оти државата конечно ќе покаже способност да почне да ги уредува областите каде што треба да функционира, истовремено промовирајќи вредности и практики што ќе ги покажат предностите во смисла на развој на целото општество, нешто што ќе биде долгорочно решение во следните 15-20 години.
И за професорката Мирјана Најчевска оваа практика на етничко пополнување на институциите ќе заврши кога Охридскиот договор ќе се тргне настрана и кога за работните места во администрацијата ќе се одлучува врз основа на правото, принципите, правилата и критериумите.
– Крајно време е Охридскиот рамковен договор да биде ставен на полица, да бидат отстранети сите институции поврзани со негово спроведување и да се воспостави систем на правила, процедури и критериуми, кои ќе го издигнат функционирањето на државата на повисоко ниво во полза на сите граѓани, независно од нивната етничка припадност – смета Најчевска.


Симовски: Само резидентното население е валидно при вработувањата по етнички клуч

Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е во согласност со сите стандарди на ОН што важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, појаснувајќи за тоа кои податоци треба да се користат од Министерството за информатичко општество и администрација при усогласување на податоците за алатката „Балансер“.
– Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население – изјави Симовски.
Според него, оние седум отсто граѓани што беа попишани користејќи различни бази на податоци и за кои нема податоци за национална припадност, треба да останат во групата останати.