Денес, како и со векови претходно, галичани, како и многубројните гости од целиот свет ќе го одбележат празникот Преображение, со традиционални манифестации, меѓу кои е и поминување на ноќта на отворено во дворот на црквата „Света Петка“. Токму ваквите обичаи и македонската традиција оставаат неизбришлива трага во сеќавањата на странците. Во една пригода, сликарката Ецуко Јагами од Токио, Јапонија, воодушевена од Галичник и од македонските обичаи и традиција, со воздишка и носталгија во гласот извика: „Зошто Галичник не е поблиску до Токио“, за да може почесто да се насладува на овие македонски убавини

И СТРАНЦИТЕ ВООДУШЕВЕНИ ОД МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА И ОД НАШЕТО ДУХОВНО, КУЛТУРНО И ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО

Негувањето на богатото културно и духовно наследство, создавано низ десетвековното опстојување во ридестиот Галичник од неговите бистроумни жители, дарувани со талент од Господ да создаваат вредни уметнички и духовни дела во сите сфери на животот, продолжува. Секоја генерација галичани не само што го чуваат и го негуваат трезорот на културното наследство туку постојано го збогатуваат, со пригодни манифестации на годишнини се чествуваат галичките великани, се прави присет на создателите на уникатните уметнички и мисловни вредности во прекрасниот по многу нешта, уникатен и единствен Галичник. Туристичко-културолошката манифестација „Галичка свадба“ го афирмира Галичник во светот и кога се чинеше дека Галичник ќе се струполи во бездна без надеж за враќање. Токму оваа манифестација не го дозволи тоа и му ја поврати душата, па над половина век ги лекува раните од непромислената државна политика во средината на 20 век, која влијаеше галичани да се иселат, не по нивна желба, туку од егзистенционални причини го напуштаа родното место со голем јад и болка во душата.
Галичани вљубени во својот Галичник и љубителите на Галичник, со макотрпна ангажираност успеваат да го вратат животот, ги обновуваат и ги негуваат духовните и културните традиции и обичаи. И не само тоа, за да не се заборават галичките великани, галичани и нивните потомци и покрај тоа што не живеат постојано во Галичник, ги зачуваа куќите, се градат нови и ги користат за одмор и рекреација на чист планински воздух, доаѓаат и да учествуваат во негувањето на традициите и обичаите. Со векови се празнува Преображение Господово, настан каде што Исус се преобразува и станува сјаен во планината. Според вековните обичаи, вечерта на 18 август, спроти празникот Преображение, во дворот на црквата „Св.Петка“, која се наоѓа на шест-седум километри југоисточно од Галичник, младите ја минуваат ноќта на отворено во шумата, со песни, разговори, шеги и со евоцирање спомени за животот во минатото, покрај оган и со посни јадења.

Тука се наоѓало Старо Село, населба што се спомнува меѓу 11 и 12 век, од каде што жителите биле принудени да се иселат поради честите напади на арамиите Арнаути од Албанија, кои им нанесувале материјални штети и човечки жртви. Жителите во потрага по побезбедно место за живеење ја одбрале локацијата на денешен Галичник, кој опстојува со векови. Во Старо Село, црквата „Света Петка“ останала да сведочи за минатото, осамена во бујна дабова и букова шума. Галичани доаѓаат на излет и да запалат свеќа за здравје, да ги споменат блиските роднини и да му се помолат на Господ. Црквата била изградена меѓу 11 и 12 век, а обновена во 1891 година од фамилијата Чоланчевци, која била економски моќно сточарско семејство. На денот Преображение, 19 август 1998 година, во присуство на околу 1.000 присутни, се изврши реосветување на црквата. Во спомен и аманет од родителите Ќире и Евдокија, нивните синови Илија, Благоја, Филип и Васе Филиповски извршија целосна реконструкција на црквата.
Традицијата не е прекината, младите ја минуваат ноќта на отворено покрај црквата, на празникот доаѓаат повозрасните, по литургијата се одржува општонародна црковна веселба. Интересно е да се спомене дека секоја галичка фамилија си има свое место каде што го минува денот.
Покрај галичани, на празникот Преображение доаѓаат лица и од други места на Македонија и од странство, а посебно жители од мијачките села.
Во далечната 1998 година, присуствуваа и десетмина сликари учесници на Галичката ликовна колонија. Забележавме две искажувања за импресиите од празнувањето, кое за нив беше несекојдневно и преубаво.
„Заминувам за Лондон со уште едно големо чувство дека Галичник и галичани се центар на културата, дека духот е најсилен на овие простори. Ова што го доживеав на Галичката ликовна колонија и овде на ’Света Петка‘ е нешто што не можам да го опишам со зборови. На моите пријатели ќе им кажам да дојдат и да ја почувствуваат оваа несекојдневна весела атмосфера среде шума.

Среќна сум што бев во Галичник, има многу што да им раскажувам на најблиските“, ги изнесе импресиите академскиот сликар Франсис Ричардсон, учесник на деветтата Галичка ликовна колонија. Неговата колешка Ецуко Јагами од Токио, Јапонија, беше воодушевена од Галичник, од работата на колонијата, од природата, пејзажите, носијата, песните и ората, посебно доживување ѝ била ноќта што ја минала со младите галичани на отворено во дворот на црквата „Света Петка“ кога уживала во изворните песни што ги пееле галичани. На крајот имаше една забелешка, „зошто Галичник не е поблиску до Токио“.
Галичани продолжуваат да ја негуваат традицијата ноќта спроти Преображение и денот на празникот да ги минат во дворот на осамената црква „Света Петка“. Во текот на летото, црквата постојано е посетувана од излетници, кои доаѓаат со велосипеди и со коњи, како одлична дестинација за рекреација. На „Света Петка“, по традиција, галичани доаѓаат и на првиот петок по празникот Велигден, на Балаклија петок, доаѓаат и жителите од селата на Долна Река, да се измијат со водата од црковната чешма, која е лековита и на многу им помогнала да ги решат здравствените проблеми.