Имајќи предвид дека следното лето има и европски избори, станува јасно дека проширувањето и натаму ќе биде ставено на стендбај додека некоја нова европска гарнитура не одлучи поинаку. Во меѓувреме, оставен е широк простор за други влијанија, кои може да добијат на интензитет со оглед на европската индиферентност кон процесот на проширување во овој дел на Европа. Таквата опасност многу добро ја согледуваат САД, кои не сакаат други влијанија на Балканот и затоа ја преземаат управувачката палка во свои раце, со цел да го забрзаат зачленувањето на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија
САД почнуваат засилено да притискаат за прием на цел Западен Балкан во ЕУ
Процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан веќе две децении е на слеп колосек, а најавите на водечките европски политичари се дека проширувањето ќе се случи, но кога и во каков формат, никој не кажува.
Таквата неодредена позиција на Брисел, особено насочувањето на европскиот фокус кон забрзана интеграција на Украина и на Молдавија, создава силен револт кај земјите кандидати што со децении не можат да напреднат во евроинтегративните процеси, но истовремено создава и впечаток дека земјите од Западен Балкан не се во моменталниот геостратегиски интерес на Унијата. Тоа што се нуди некаква финансиска помош е далеку од потребното зацврстување на врските меѓу ЕУ и Западен Балкан бидејќи ветувањата што ги даваше Брисел беа поинакви.
Имајќи предвид дека следното лето има и европски избори, станува јасно дека проширувањето и натаму ќе биде ставено на стендбај додека некоја нова европска гарнитура не одлучи поинаку, односно додека не се случат долгонајавуваните внатрешни реформи на Унијата. Никој не очекува дека тоа брзо ќе се случи, не барем до 2030 година.
Во меѓувреме, оставен е широк простор за други влијанија, кои може да добијат на интензитет со оглед на европската индиферентност кон процесот на проширување во овој дел на Европа.
Таквата опасност многу добро ја согледуваат САД, кои не сакаат други влијанија на Балканот и затоа ја преземаат управувачката палка во свои раце, со цел да го забрзаат зачленувањето на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија.
– Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот – се вели во изјавата на американскиот Стејт департмент.
Во таа насока, САД минатата недела воведоа санкции за физички лица и 12 субјекти во Западен Балкан, меѓу кои и во Македонија, поради корупција, малигни активности и руско влијание во регионот.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер ги повика институциите да почнат да работат и да ги расчистуваат случаите со корупција.
Несомнено САД преземаат акција да ги притиснат сите земји од регионот да ја забрзаат имплементацијата на Копенхашките критериуми, свесни дека имаат многу поголем углед во регионот за разлика од ЕУ, која не ги исполни дадените ветувања и затоа општествата повеќе не се подготвени на нови жртвувања што од нив ги бара Брисел. Затоа официјален Вашингтон сака сите земји да ги турне во Унијата и така да го обезбеди регионот од влијанија што се спротивни на американските геостратегиски интереси.
– САД никогаш и не биле отсутни од регионот, а особено по крајот на Втората светска војна. Во тој контекст е и американското вмешување во македонско-бугарскиот спор. Притисокот врз Македонија секако дека ќе продолжи. Без разлика кој ќе биде завршниот исход на војната во Украина, секако дека ЕУ, а особено САД, ќе инсистираат Киев да добие јасна европска перспектива, а по можност на брза лента – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер и амбасадор.
Според него, Американците сакаат да ги отстранат сите проблематични точки во регионот и широко да ги отворат вратите за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, без понатамошни пречки.
– Ова ќе значи дека мора да бидат надминати сите точки што ја кочат интеграцијата и на Западниот Балкан и на трите постсоветски земји од поранешното источно партнерство кон ЕУ. Во тој збир се косовско-српскиот јазол, уставните измени во Македонија и внатрешните реформи на уставниот поредок во БиХ. Притисокот кон сите овие земји и по сите наведени точки ќе продолжи, а САД ќе го предводат како водечка земја од западниот свет.
Покрај овие три прашања, се јави уште еден проблем со грчко-албанскиот судир околу статусот на новоизбраниот градоначалник на Химара. Ќе видиме дали некои од овие прашања ќе се надминат до самитот на ЕУ во декември, кој е клучен за проширувањето – смета Боцевски.
Тој уште додава дека САД уживаат кредибилитет меѓу земјите од Западен Балкан и токму затоа сакаат одново да ја вратат мобилизациската моќ за реформи, онаа што ЕУ не може да ја наметне.
– Во регионот на Западен Балкан сè уште трае униполарниот момент на САД. Да, ЕУ е безмалку единствениот трговски партнер на земјите од регионот и тие се де факто дел од единствениот пазар. Секако дека во делот на културната, односно меката моќ има што да каже и Турција, особено кај муслиманските заедници. Но САД се велесилата што е носителот на процесите на Западен Балкан. ЕУ, со вечниот лет во место на балканските земји, придонесе европската интеграција да ја изгуби мобилизациската моќ што ја имаше во минатото – заклучува Боцевски.