Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонски владини функционери, но и политичари од албанскиот политички кампус, наместо да ја бодрат фудбалската репрезентација на Македонија во дуелот против Англија во Скопје, отпатуваа да ја бодрат селекцијата на Албанија во Тирана…

На платен список на Македонија, со мислите за Албанија

Лојалноста кон сопствената држава се покажува така што се почитуваат нејзините закони, симболи, нејзиниот територијален интегритет, се чувствува припадност кон таа земја како своја татковина и за неа се прават најголемите жртви.
Тоа е така секаде во светот, но очигледно за македонските функционери од албанска етничка припадност, кои се на платен список на државата, лојалност значи да се бодри туѓа фудбалска репрезентација, да се слават туѓи успеси, да се добиваат туѓи политички директиви и да се работи за туѓи интереси.
Имено, во македонската јавност предизвика бурни реакции неодамнешната објава на социјалните мрежи на некои од македонските владини функционери, но и политичари од албанскиот политички кампус, кои наместо да ја бодрат фудбалската репрезентација на Македонија во дуелот против Англија во Скопје, отпатуваа да ја бодрат селекцијата на Албанија во Тирана.
Првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, придружуван од министерот за правда Кренар Лога и од министерот за економија Крешник Бектеши, преку заедничка фотографија од стадионот „Ер Албанија“ соопштија дека се во Тирана за да го прослават пласманот на албанската репрезентација на Европското првенство. На стадионот во Тирана беа и опозиционерите Изет Меџити, Африм Гаши, Билал Касами и Висар Ганиу.
Без оглед на големите политички разлики меѓу присутните политичари, сепак едно нешто заедничко ги одведе сите на стадионот во Тирана, љубовта кон репрезентацијата на друга држава, која очигледно ја доживуваат како своја матична земја.
Да биде апсурдот уште поголем, Македонија, без оглед на фактот што ги загуби сите шанси за пласман на ЕП, сепак играше натпревар против исклучително атрактивен противник и во македонскиот тим играат солиден број фудбалери од албанска националност, отсликувајќи ја вистинската мултиетничност на македонското општество. Тој тим се бореше лавовски и заеднички за македонското достоинство, па затоа поддршката на оние што наместо во Скопје, заминаа за Тирана, ќе беше многу повеќе ценета.
– Тие политичари се репрезенти на државата Македонија и тоа треба да го манифестираат и јавно. За жал, во нивните кабинети го нема македонското знаме, не ја интонираат македонската химна на настаните што ги организираат, но затоа здушно навиваат за репрезентација што е на соседна држава. Ако нешто го претставува заедништвото во оваа држава, тоа е македонската фудбалска репрезентација и затоа ќе беше подобро тие да се фотографираат и да ја бодрат македонската репрезентација на трибините на националната арена во Скопје и така да покажат лојалност кон државата Македонија. Граѓаните со право се прашуваат чии интереси бранат тие луѓе и за која држава работат, за оваа од која јадат леб или, пак, за онаа за која сонуваат – коментираат соговорниците. С.Т.