Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска беше домаќин на министерката за Европа на Германија Ана Лирман, на државнат секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција Лоренс Бун и на Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Полска, познати како „Вајмарска тројка“.
– Имам чест да бидам домаќин на вистински пријатели и искрени поддржувачи на Северна Македонија – рече Маричиќ на заедничката прес-конференција со министрите по средбата.
Вицепремиерот истакна дека сега е време за храбри одлуки и реафирмација на нашата европска цел, но исто така рече дека за нас е важен и одговорот на прашањето кога ќе може да очекуваме следно проширување, а истото е важно за регионот и за Украина.
Подготвени сме, потенцира тој, да ги исполниме активностите од реформската агенда, но исто така рече дека Владата не се откажува од дијалогот со сите политички партии и да ги направиме уставните измени без никаква штета.
-Уставните измени ќе бидат покажување на дело на вистинска грижа за граѓаните – нагласи Маричиќ.
Вицепремиерот очекува од сите политички партии и пратеници да придонесат за интензивирање на преговарачкиот процес. Тој апелира да се донесат уставните измени и „да се надмине периодот без никаква штета и можност да се вратиме назад во чекалната или во изолираното минато“.
Француската министерка Бун рече дека за нас има три пораки и тоа дека Македонија припаѓа на семејството на ЕУ, втората дека е одлуката е на Македонија, а третата е дека сега треба да се направи чекорот поради импулсот на сила што го имаме за проширување на ЕУ.
– Оваа дискусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија и од ниедна друга земја – рече Бун.
Таа потенцира дека исто така треба да се направат реформите за влез во ЕУ, како што се на пример оние во делот за владеењето на правото.
Германската министерка Лирман кажа дека нивната порака е јасна и дека тие ја нагласуват нивната заложба Македонија биде дел од ЕУ.
Исто така тие дадоа признание на нашата, како што рекоа, непоколеблива посветеност во НАТО.
– Ве поттикнуваме успешно да продолжите со реформите – рече Лирман.
Следниот чекор, додаде таа, се измени на Уставот и овие измени ќе ја покажат земјата како мултиетничко општество.
– Цврсто ги поттикнуваме сите политички сили да ја поддржат промена на Уставот. Се друго ќе биде штетно за влезот на Северна Македонија во ЕУ – рече германската министерка.
Полскиот министер рече дека пораката е едноставна дека Полска, Франција и Германија сакаат да ја поддржат Македонија на патот на ЕУ.
Уставните измени, како што кажа тој, ќе бидат сериозна одлука за Македонија.
Како што беше најавено тема на разговорите биле преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес.
„Вајмарската тројка“ од Клубот на пратениците оди на средба со претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.
Како што е најавено, утре министерка за Европа и за клима на Сојузна Република Германија, Ана Лирман ќе учествува на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, што го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ).