Според повеќе наши соговорници, интелектуалци и аналитичари, барањето Бугарите да бидат внесени како конститутивен народ во Уставот на Македонија се огледа во самото тоа што ќе бидат додадени во преамбулата. Со тоа и де факто и де јуре тие стануваат конститутивен народ. А со сиот историски багаж на бугарските аспирации спрема Македонија, со влегувањето на Бугарите во македонскиот устав станува отворен патот Македонците да бидат „преправени“ во Бугари
Претседателот на државата со еден став, голем број интелектуалци со дијаметрално спротивен
Предизвикот за менување на македонскиот устав (нововграден примарен услов во т.н. француски предлог за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес за полноправно членство во Европската Унија), според одредени политички индикатори, станува сѐ поизвесен за пратениците во Собранието на Македонија, многу брзо по Нова година. Неформалниот краен рок за усвојување на измените, кој циркулира во изјавите на оние политичари што се вклучени во евроинтегративниот процес, е завршувањето на скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со европското, предвиден за ноември 2023 година. Така предвидената динамика на скринингот, но и процедуралната динамика за спроведување уставни измени во Собранието, укажува дека со тезата за „разумно почнување процедура со време“, всушност, се идентификува наметнат пресинг на одредени политички центри таа „да се почне што поскоро“!
Тоа го навести и претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието, во кое значаен дел им беше посветен на уставните измени.
Пендаровски уверува дека нема да има национална деноминација, асимилирање и денационализирање
Сублимирајќи ги резервите на македонската јавност во однос на опасноста од загрозување на националниот идентитет со уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, претседателот Пендаровски поентира со заклучокот дека „не постои начин од Македонец да се направи Бугарин“.
– Имено, модифицираниот француски предлог, поради кој се поделивме до невидени граници, предизвика голем број контроверзии, но сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кода, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример со договор да му биде сменето националното чувство на цел народ. Притоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Француската Република или, на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Унијата – порача Пендаровски од собраниската говорница.
Увереноста на претседателот во неможноста со „еден договор да се смени националното чувство на цел еден народ“, колку и да звучи вистинито и мотивирачки, сепак не ги поништува сите сомнежи во вистинските намери за таквото настојчиво барање на Бугарија, поддржана од ЕУ со францускиот прелог , за менување на македонскиот устав со цел Бугарите да бидат дел од него.
Голем број интелектуалци од Македонија воопшто не се согласуваат со
констатацијата на претседателот Пендаровски
Филозофот, универзитетски професор Ферид Мухиќ смета дека внесувањето на Бугарите во конститутивниот акт на Македонија воопшто не е наивно, со самото тоа што Бугарија инсистира Бугарите да влезат токму во македонскиот устав (и ЕУ тоа го прифаќа како услов за почнување на македонските евроинтеграции), а не го побарала тоа за ниту еден друг устав во земја-членка на ЕУ, каде што сигурно има повеќе Бугари отколку во Македонија.
– Не знам зошто во македонскиот јавен дискурс се избегнува поентата дека барањето е Бугарите да бидат внесени како конститутивен народ во Уставот на Македонија. Со самото тоа што ќе бидат додадени во преамбулата, ќе станат конститутивен народ. Со сиот историски багаж на бугарските аспирации спрема Македонија, со влегувањето на Бугарите во македонскиот устав, станува отворен патот Македонците да бидат „преправени“ во Бугари. Многу е „лабаво“ уверувањето дека со „договор не може да се смени националното чувство на еден народ“. Има примери во историјата кога некои народи биле денационализирани или асимилирани и денес го имаат изгубено своето национално чувство, заборавиле на својот некогашен национален идентитет или го чуваат само како сеќавање. Македонците имаат такво искуство од своето блиско минато, меѓу двете светски војни, пред 80-90 години, кога беа многу блиску до тоа да бидат идентификувани како „јужни Срби“. Така што уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав воопшто не се наивно и бенигно прашање. Ако се постави прашањето зошто Бугарите инсистираат да бидат внесени токму во македонскиот устав од сите други држави во ЕУ, каде што се членка (и сигурно во некои од нив има повеќе Бугари отколку во Македонија), а ЕУ тоа го става како услов за македонските евроинтеграции, станува појасно дека бугарските аспирации се поголеми од „малцински права“ во Македонија – вели професорот Ферид Мухиќ.
За историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија, суштината на спорноста на уставните измени што се бараат од ЕУ за внесување на Бугарите во македонскиот устав е во фактот што Бугарија воопшто не го признава македонскиот народ како постоен.
– Не гледам логика во барањата на Бугарија, поддржани од ЕУ, за внесување на бугарско малцинство во устав на држава (Македонија) чиј народ (македонскиот) бугарската држава не го признава. Ваквата констатација, која звучи апсурдно, но, за жал, е вистинската состојба на македонско-бугарските односи, наведува на вистинските намери на бугарската политика со влезот на Бугарите во македонскиот устав, со нив да биде пополнето „празното место“ на народот што, според Бугарија, „не постои“. Имајќи го предвид лошото историско искуство со Бугарија, која повеќе од еден век инвестираше во асимилација на Македонците, евентуалноста на внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав создава голема неизвесност какви процеси ќе предизвика понатаму. Уште невнесени во македонскиот устав, тие што се претставуваат како бугарски здруженија во Македонија бараат да бидат финансирани од Бугарија. Уставните измени за ова прашање во Македонија би биле соодветни доколку Бугарија го признае постоењето на македонскиот народ, со респектирање на разликите со бугарскиот народ, но и самата да ги почитува правата на македонското малцинство кај себе, во својата земја. Но внесување на Бугарите во македонскиот устав кога нивната држава го негира македонскиот народ создава многу непознати и неизвесност во Македонија, како држава – вели професорот Чепреганов.
Новинарот и политички аналитичар Ивор Мицковски во своето согледување на обраќањето на претседателот Пендаровски се задржува на неговата изјава дека „никој не може да даде гаранции дека Бугарија нема да има нови барања по уставните измени“.
– Одлично, убаво некој наглас да го каже тоа. Сега останува и да се каже дека влезот во Уставот ќе биде мотив за Бугарите да станат третиот ентитет во македонските институции и општество, дејтонизирајќи ја Македонија и претворајќи нѐ во комплициран случај на Босна или Либан. Односно, по влегувањето во Уставот ќе бараат да бидат третирани како историско малцинство, што не се, иако се одговорни за речиси истребување на еврејското малцинство од Македонија, и ќе станат етничка заедница со гарантирани права.
Тоа само ќе им биде плус мотив нивните активисти во Македонија да плачат дека им биле прекршувани човековите прва и дека биле дискриминирани, нешто што веќе го прават, но тоа ќе се засили. Сето тоа ќе им помогне и во наративот дека сме измислена нација од комунистите и дека немаме сопствен јазик и култура.
Од институционален аспект, стекнувањето статус на „заедница“ би значело основа за барања за вработување во државната администрација по квоти, емисија на бугарски на МРТ, право на неработен ден за етнички празник и други права што ги уживаат малцинствата во Македонија, вклучувајќи и гласање според т.н. Бадентеров принцип.
Така што ние ќе ги внесеме во Уставот за да почнеме реални преговори, бидејќи ова сега е само глумење преговори за Маричиќ и Бујар да шетаат и да имаат што да кажат.
Ама покрај во Уставот, верувајте дека Бугарија ќе има дополнителни барања, дополнително влијание и сериозна пенетрација во внатрешните работи на Македонија.
Со таков багаж не се влегува во ЕУ – поентира Ивор Мицковски.