По својот пристап, по говорите на кандидатите и по прашањата што се отвораат и третираат во кампањата што е во тек може да се изведе заклучок дека изборите, иако се претседателски, повеќе личат на собраниски. Не е тоа самo „борба на титаните“ за тронот, туку истовремена битка за освојување пратеници на блиските собраниски избори и за освојување на пехарот на идната власт
Изборите во Македонија и во Европската Унија
Едно од прашањата во актуелната кампања за претседател на државата се уставните измени, каде што се работи само за едно ултимативно барање – запишување на Бугарите во Уставот. Тоа е единствениот амандман, единствената уставна промена наметната од Бугарија и од ЕУ. Позицијата на едната страна, на СДСМ и Европскиот фронт што го предводи ДУИ, е за нивно брзо спроведување, со предлози и условувања тој чин да се заврши веднаш по изборните резултати и пред формирањето нова влада. Како што е познато, тие ја сочинуваат власта што не успеа да ги направи промените во регуларна собраниска процедура и во мирна сталожена атмосфера. Сега преку терминот што го предлага се изјаснува за експрес одлука и во флуидни услови, пракса што била нивна одлика во седумгодишното владеење.
Две концепции за иста цел
Другата страна, ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери немаат против, но бараат временски одложени решенија, односно подолги рокови или можни измени во тој процес. Дел од нив предлагаат шестмесечен мораториум, но водечката опозициска партија е со предлог тој амандман да биде усвоен на денот кога Македонија ќе станува членка на ЕУ. Како поддржувачи на СДС и на ДУИ во овој случај се вбројуваат неколкумина политички елитисти, поранешни неуспешни амбасадори, анационални аналитичари и новинари, а изборната политика на ВМРО е поддржана во анкети на граѓаните.
Од исходот на судирот на двете концепции, кои, всушност, имаат иста цел, а различен приод, односно од тоа кој ќе ја добие довербата на гласачите и ќе биде победникот, би требало да произлезе конечниот македонски став во однос на патот на Македонија кон Унијата.
Дали да се брза или да се чека, прашање е сега?
Според околностите, домашни и европски, според она што ќе се случува во Европската Унија, подобро е да се почека одошто да се избрза.
Неколку актуелни фактори предупредуваат дека брзањето не е избор во вистинско време и во најповолни услови. Тие треба да ѝ бидат предочени на македонската јавност.
Покрај значењето што го имаат двата македонски изборни априлско–мајски циклуса, од значење се и едни други избори што имаат врска со иднината на Република Македонија (сега Северна). Тоа се изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 6 до 9 јуни во сите земји на Европската Унија, меѓу население од 450 милиони жители на тој сојуз. Резултатите од тие избори, секако, ќе влијаат и на односите на Македонија со Унијата и воопшто на ситуацијата во Западен Балкан.
Унијата пред големи промени
Европскиот парламент во Брисел на 24 април (на денот на првиот круг на македонските претседателски избори) го завршува мандатот, ќе ја одржи последната пленарна седница, со што ќе го означи почетокот на фазата на институционална транзиција на Унијата. Дипломатите оценуваат дека по изборите за комплетирање на сите клучни позиции ќе биде потребно повеќе време, можеби од јуни до крајот на годината, во зависност од подготвеноста на земјите членки да постигнат договор за поделба на ресорите. А тоа не оди толку брзо и лесно.
Формално нема да се отвори вакуум бидејќи актуелните комесари во комисијата ќе останат на своите функции сѐ додека не бидат избрани нови. Од политичка точка на гледање во тој период ЕУ се воздржува од носење какви било важни политички, финансиски и институционални одлуки. Така било досега. Сепак, не се исклучува можноста да се потврдат усвоените одлуки поврзани со регионот на Западен Балкан, како што не е исклучено да се почнат и некои нови иницијативи. Ретко се случувало нешто непредвидено во тој период, но имајќи ја предвид ситуацијата со руската инвазија во Украина, можно е да се носат корисни одлуки за Украина.
Што со Западен Балкан
Она што е сигурно дека ќе се спроведува е договорот меѓу Европскиот парламент и Советот на Европа околу финансискиот пакет од шест милијарди евра за реформи и економски развој на Западен Балкан. Според тој план за раст, на Македонија би ѝ се доделиле сукцесивно околу 860 милиони евра, се разбира доколку спроведува реформи, напредува на патот кон ЕУ, ги подобрува владеењето на правото и демократијата и ги почитува основните човекови права и слободи.
Иако е рано да се зборува за кадровските промени, често се говори дека сегашната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, е најсериозен кандидат за втор мандат. Нејзиниот избор ќе означи одреден континуитет и во политиката на проширување што таа ја поддржува и форсира. Неизвесно е дали како „министер за надворешни“ ќе остане Борел, за тоа место ќе има повеќе кандидати. Прашање е и дали Оливер Вархеи од Унгарија ќе остане комесар за проширувањето. Тројцата беа главните политичари на ЕУ што ги водат процесите со Македонија, иако зад нив е една армија административци и службеници за логистика.
Да се почека унгарското претседателство
Меѓу новите моменти е што Унгарија од 1 јули ќе го преземе претседавањето со Унијата, кое ќе трае до крајот на годината. Владата на Виктор Орбан уште отсега најавува дека еден од приоритетите ќе ѝ биде проширувањето, но под услови што ќе ги диктира Унгарија. Будимпешта ќе се фокусира на Западен Балкан и има цел да отвори неколку поглавја во преговорите со Србија, да затвори неколку поглавја со Црна Гора, да отвори преговори за првите поглавја со Албанија и Македонија и евентуално да започне преговори за членство со Босна и Херцеговина. Сепак сите овие планови, освен од волјата на Орбан ќе зависат во целост од волјата на земјите членки на ЕУ.
Унгарија има добри односи со сите наведени земји. Во самата Унија, на унгарскиот премиер гледаат како на „црна овца“ затоа што често има различни ставови од мнозинството и жестоко се труди да го чува националниот суверенитет на својата држава. На одредени критики е изложен и во домашната прозападна јавност, македонски политичари, аналитичари и новинари често го критикуваат именувајќи го со епитетот „диктатор“. Најверојатно тој наратив ќе се смири и измени барем во месеците додека неговата земја претседава со Унијата и додека го има отвореното влијание за одредување на условите и роковите за почеток на преговорите со Македонија.
Надежите на Македонија за некаков пресврт што ќе го направи Унгарија се повеќе во рамките на желбите одошто на реалноста, но надежта не би требало однапред да биде угасната. Чуда во политиката се случуваат. Можеби би било чудо, но не може да биде далеку помислата македонските власти, кои и да се, да побараат асистенција од Никола Груевски, поранешниот претседател на Владата, сега азилант во Унгарија и близок на унгарските политичари.
И Бугарија на избори
Друга причина да не се избрзува се изборите кај нашиот источен сосед. Владата на Бугарија договорена во јуни 2023 година меѓу двата прозападни политички непријатели ГЕРБ – СДС и ПП – ДБ првично планирана за 18 месеци падна по половината од тој даден мандат. Пропадна договорот меѓу Бојко Борисов и Кирил Петков, претседателите на Владата да се менуваат на девет месеци. Марија Габриел, најсериозната кандидатка, не стана бугарска премиерка. Претседателот Радев назначи нов човек што привремено ќе ја врши таа функција, а новите избори се закажани на 9 јуни заедно со изборите за европратеници.
Бугарската политичка нестабилност сигурно не значи дека би имало промени во нејзината политика кон Македонија. Откако ги остварија сите нивни барања сега мирно молчат наведувајќи дека Бугарија нема проблем со Македонија туку Македонија има проблем со Унијата. Таа стапица што никој не ја предвиде и во која упадна Северна Македонија благодарение на неспособноста на Заев и Ковачевски, сега станува товар што тешко може да се симне, енигма околу која се кршат копјата на македонската политичка сцена и подметок со кој се делат граѓаните на „наши“ и „нивни“, на македонисти и антимакедонци, на националисти и анационалисти, на простаци и Европејци, на визионери и заостанати, на херои и предавници.
Ќе се чека 9 мај
Не би било никаков срам, ниту политичко понижување новата влада на Република Северна Македонија да ги обнови разговорите со новата влада на Бугарија и со новиот состав на Европската Унија. Таа би била легитимна и потребна политичка постапка што ќе се насочува кон обновување на сега замрзнатиот дијалог и на подобрување на односите, кои сега се на најниска точка. Новите европски околности одат во прилог на тоа настојување и затоа секое избрзување може да се одрази уште полошо од брзината со која Заев наслепо го потпишуваше Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, Ковачевски го прифати таканаречениот „француски предлог“, а Бујар Османи ги верифицира протоколите што ја ставија Македонија да виси во јамка на оголено дрво.
Утрото на 9 мај 2024 година ќе го одреди патоказот по кој ќе тргне Македонија кон ревитализација, можеби и кон делумна ревизија на досегашните договори и постигнувања во односите со соседните земји, со Грција и Бугарија, со Европската Унија и со Соединетите Американски Држави, приоритетни односи на македонската политика, внатрешна и надворешна. Македонија може да наведне глава и да молчи или да се обиде нешто да промени во своја корист. Радмила Шекеринска, некогаш најмоќната жена во СДС, често знаеше да рече дека „не може да добиете на лото ако не купите ливче“. Ливчето што го пополнуваше СДС не се покажа добитно. Време е да се купи ново.