Ако е точно дека еден од трите услови на Вселенската патријаршија за признавање на самостојноста на нашата црква е да биде ставена надвор од употреба придавката „македонска“, која е името и идентитетот на нашата Македонска православна црква – ОА (и тој услов да важи и за надворешна и за внатрешна употреба), тогаш тоа неверојатно потсетува на оној наметнат услов од „меѓународната заедница и Грција, во пресрет на Преспанскиот договор, и уцената со преименувањето на нашата држава“. Тогаш се работеше за уцена/ултиматум со менување на името на нашата држава Република Македонија заради наше влегување во евроатлантските асоцијации… Сега, во случајот со црквата, условот за преименување на МПЦ и елиминирање на придавката „македонска“ од името е наметната околност за добивање томос за автокефалност од Вселенската патријаршија!? Според аналитичарите, тоа се премногу поклопувања и идентичности за целиот „случај“ да биде третиран како случајна коинциденција. А ако не е коинциденција, тогаш за што се работи?
Заеднички именител на две сценарија: Најпрвин политички, а сега и световен центар на моќ со разнебитување на нашиот идентитет
Иако Македонија е современа демократска и секуларна државата, во која функционирањето на верските институции е одвоено од јавниот живот и функционирањето и одлуките што ги носат државните институции и световната власт, сепак на реален план не може да се постави дури ни „невидлива“ бариера на значењето и влијанието што го имаат прашањата за религиската припадност, врз некои суштински белези на државата и на народот. Токму затоа, бранувањата на темите за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во општата православна екумена, но и во христијанскиот свет, предизвикува поширок јавен интерес во општеството, па и на политичко ниво.
Идентични уцени од два различни центри на
светска моќ: Политички и световен центар на моќ
Најновите навестувања, пласирани во јавноста за трите услови од Вселенската патријаршија од Цариград, за да ѝ издаде томос за некаков „порамноправен статус“ на МПЦ-ОА во православната црковна заедница, кои имплицираат на отстранување на националното обележје со придавката „македонска“ во името на црквата (покрај другите два услова), ги активираше препознавањата на сличните условувања и уцени од надворешни фактори на кои беше (и сѐ уште е) подложена државата за менување на уставното име, што повлекува и предефинирање со преименување на националниот идентитет.
Релевантни извори од Синодот на МПЦ, јавно, во македонските медиуми говорат за тие три услови, кои за одредена друга „струја“ во црквата не се „толку страшни“. Првиот услов, како што се наведува, е дека нашата црква треба да се именува исклучиво како Охридска црква. Вториот наведен услов е дека не смее да се користи име изведено од именката Македонија, ниту во комуникација со другите помесни цркви, кои нè признаваат како Македонска православна црква. И третиот – Цариград, односно Вселенската патријаршија условува дејствувањето на нашата црква да се ограничи само на територијата на Република Македонија, што значи откажување од дијаспората.
Реакциите во „световната“ јавност во Македонија на црковно-политичките бранувања се во насока на препознавање на истото сценарио со надворешните политички притисоци врз домашните политички елити за потпишување на Преспанскиот договор, со кој се смени старото уставно име на државата, а и актуелните „препораки“ од меѓународните фактори за спроведување на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав… Според аналитичарите, тоа се премногу коинциденции за целиот „случај“ да биде третиран како коинциденција.
Исти се потконтекстот и матрицата на условувањата
– Ист е контекстот на условувањата за признавањето на црквата, т.е. Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со томос на Вселенската патријаршија од Цариград, со политичките условувања (повеќе уцени) за меѓународното признавање на Македонија. Условот уцена и во двата случаја е промена, односно бришење на името Македонија. Она што сега се бара од МПЦ-ОА е во насока на демонтирање на последниот бастион на државноста на Македонија и именувањето на македонскиот национален идентитет. Дури и извршителите се исти: истите надворешни центри на моќ и марионетските политички структури во домашната власт, кои ја суспендираа волјата на народот на двата референдума и го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се промени името на државата со сите последици врз именувањето на македонскиот идентитет, на кои сега сме подложени. Македонското црковно прашање е целосно затворено со томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од Српската православна црква – Пеќска патријаршија (СПЦ-ПП) од 5 јуни 2022 година, во кое покрај сите небулози што немаат стварноправна важност бидејќи не може да му давате некому нешто што не е ваша сопственост, а се води за сопственост на друг во Катастарот на недвижности на странска држава. СПЦ-ПП за првпат во својата историја: (1) ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА како сестринска црква, (2) декларира дека МПЦ „е наследничка на древната и славна Охридска архиепископија“, (3) ги прифати името МПЦ-ОА и титулата на нејзиниот поглавар – архиепископ охридски и македонски, и (4) прифати неограничена јурисдикција на МПЦ-ОА врз македонските православни епархии и црковни општини надвор од границите на државата Македонија во светот! Гркоправославната патријаршија на Истанбул е антипод на ова!… Гркоправославната патријаршија на Истанбул не е вселенска црква, ниту има статус на Ватикан, ниту цариградскиот патријарх е папа! Гркоправославната патријаршија на Истанбул нема никакво право да определува име, статус и достоинство на која било црква, тоа е антиисториски, антихристијански и антицивилизациски! – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Името на нашата Мaкедонска православна црква била одредувачка компонента во формирањето и одржувањето на македонскиот национален идентитет!
Прашањето на црковната припадност и низ историјата била одредувачка компонента во формирањето и одржувањето на македонскиот национален идентитет. Се чини дека таквиот континуитет на испреплетеност (понекогаш и изедначување) на религиозната со народносната идентификација на Македонците, прави прашањето на статусот на МПЦ-ОА да биде и денес суштински важен дел за потврдување и одржување како на државноста на Македонија така и на посебноста на македонскиот национален идентитет.
– Случувањата во црквата се апсолутно од истото сценарио за разнебитување на Македонците. Македонската православна црква првично се залета кон Цариград, сигурно под силен притисок од политичарите. Промената се случи, благодарение на Српската православна црква и добро е што (како што се чини) поголем дел од нашите владици се откажаа од томосот на Вселенската патријаршија. Во нашиот синод има предавници како и во политичкиот врв и борбата таму изгледа продолжува. Но впечатокот е дека црковно Нивици нема да има и на тоа мора да се опстои. Со промената на власта во државата може да се очекува и поддршка на патриотските сили во МПЦ-ОА. Позицијата на црквата е исклучително важен дел од националното прашање на Македонците – вели амбасадорот Ристо Никовски.