Иван Козарев во историските документи е забележан како првиот македонски партизан поради акцијата од 27 јуни 1941 година, со што започнало партизанско движење не само во Пиринска Македонија и Бугарија туку и на Балканот
Од историските архиви: Седумдесет и девет години од загинувањето на Иван Козарев
Во близината на средното економско и правно училиште „Васил Антевски-Дрен“ во општината Кисела Вода, Скопје, се наоѓа улицата Иван Козарев. Многумина од помладите генерации не се запознаени со ликот и делото на личноста според која е именувана споменатата улица, иако станува збор за значаен македонски национален деец.
Иван Козарев потекнува од пиринскиот дел на Македонија, а во историографијата може да се сретнат податоци дека бил член на Бугарската комунистичка партија (БКП), ученик во Септемвриското востание од 1923 година во разлошкиот крај, еден од членовите на ВМРО (обединета) поради што бил прогонуван од страна на бугарските власти и од приврзаниците на Иван Михајлов. Останува запаметен како првиот македонски партизан поради акцијата од 27 јуни 1941 година, со што започнало партизанско движење не само во Пиринска Македонија и Бугарија туку и на Балканот.
Поради својата дејност тајно живеел на неколку локации во Софија, Сливен, Пловдив и во други градови. Но во 1935 година бил откриен од бугарските власти и осуден на робија. Во затворот се запознал со Никола Парапунов (македонски комунист и партизан од Пиринска Македонија.), негов подоцнежен соборец против бугарските фашистички власти. Во 1938 година излегол од затвор и учествувал во разгранувањето на македонското националноослободително движење за самостојна македонска држава.
На 7 февруари 1941 година, како курир на Окружниот комитет на БРП во Разлог, Иван Козарев донел илегална литература во Неврокопско. Во близината на селото Обидим полициски службеници се обидуваат да го уапсат и повторно станал илегалец. Во официјалниот полициски извештај за овој настан било наведено дека е разбојник, а тоа било причина Козарев да испрати едно писмо на 25 мај 1941 година до претседателот на Народното бугарско собрание. Во писмото било истакнато: „Полицијата преку својот билтен ме прогласи за разбојник, иако ништо не сум украл или присвоил, бидејќи тоа е спротивно на моите идеи и разбирање… Би сакал да обрнете внимание на моите барања и да се даде целосна и безусловна амнестија и легализација на Работничката партија“.
Во овие околности, на 27 јуни 1941 година, во близината на изградениот од него рибник во месноста Струго над Добриништа, при обид да биде уапсен од група полицајци, Козарев убива двајца од нив и со тоа се смета дека започнало партизанско движење не само во Пиринска Македонија и Бугарија туку и на Балканот. Тоа се случува четири дена по почетокот на војната на Германија против Советскиот Сојуз и два дена по решението од БРП за оружена борба. Оваа престрелка го претвори Козарев во легенда во Пиринско и од тој момент се смета за прв македонски, но и бугарски партизан.
Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја во Скопје вели дека нападот од фашистичка Германија врз Советскиот Сојуз придонел за зголемување на антифашистичкото расположение кај Македонците во пиринскиот дел, што претставувало дополнителна поволна околност за организирање на отпорот. Истиот ден, Обласниот комитет на БРП за пиринскиот дел на Македонија одржал состанок во Горна Џумаја на кој било донесено решение за почнување со забрзани подготовки за оружена борба.
Набрзо по овие настани била формирана првата партизанска чета во Разлошко. Односно на 26 јули 1941 година, Козарев заедно со Никола Парапунов ја создал првата партизанска чета во Пиринска Македонија и Бугарија, а тогаш го прифатил и партизанско име Балкан.
Бил прочуен како добар стрелец, како и по својата ладнокрвност и храброст при разни опасни ситуации, таквото негово држење го прославило низ Разлошко, а бил поставен и за командант на чета при партизанскиот одред „Никола Парапунов“.
Иван Козарев, кој многупати бил осудуван на смрт (во отсуство), загинал при чудни околностите во текот на ноќта на 31 март спроти 1 април 1944 година, во близината на своето родно село Добриништа. Имено, трагично загинал од куршум на близок пријател и јатак Александар Пицин од Банско, во близината на родното село. Неговото тело неколку дена било изложено на плоштадот во Разлог, по што било погребано во јама во близината на воените гробишта. Подоцна неговото тело било ексхумирано и повторно погребано со свечености од новите бугарски комунистички власти. Д.Ст.