Фото: Игор Бансколиев

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, деновиве излезе во јавноста со предлог како низ три чекори да се заштитат македонските национални интереси за да се спречи веќе започнатиот процес на демакедонизација на државата. Повеќето од соговорниците со кои контактираше нашиот весник се согласуваат со ставовите на академик Коцарев и нагласуваат дека за македонските политичари, и од власта и од опозицијата, прв и единствен приоритет треба да биде заштитата на интересите на државата и на граѓаните, зацврстување на нејзиниот карактер, а не распродавање на историските, националните и идентитетските обележја. Кои се трите чекори што наидоа на општ консензус кај стручната јавност?

ДО ПОЛИТИЧКИ КОНСЕНЗУС СО ЗАЕДНИЧКИ НАЦИОНАЛЕН ИМЕНИТЕЛ

На патот кон ЕУ, на Македонија ѝ беа испорачани редица барања од соседите, кои флагрантно ги загрозија македонскиот национален идентитет и белези и посебноста како нација и држава што имаат своја вековна историја, јазик, култура и други идентитетски обележја. Тие барања беа форматирани како ултиматуми и уцени и, за жал, спротивно на меѓународното право и принципите на ЕУ, беа јасно поддржани од голем дел од меѓународната заедница и институции.
Оттаму, клучното прашање што се наметнува во контекст на таквите политички околности е како да се заштитат и одбранат македонските национални интереси да не бидат жртва на „аргументите на силата и моќта на посилниот“, односно како заеднички да се спротивставиме на правењето нови и нови отстапки во име на некаква, очигледно, неизвесна европска иднина.

Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, предложи три клучни чекори со кои ќе се заштитат македонските национални интереси. Неговиот предлог доаѓа непосредно пред првата средба на посебната работна група, која треба да излезе со свои предлози во однос на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Академик Коцарев, со изострена диоптрија на врвен научник и аналитичар, сепак поинаку гледа на актуелните политички случувања и нуди решенија што ќе бидат во интерес на македонскиот народ и на државата.
– Како прв чекор, сите македонски пратеници, денес, но и во иднина, што значи засекогаш, едногласно да се изјаснуваат против уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија. Втор чекор: препораките на македонското-бугарската комисија за историски и образовани прашања да се маргинализираат, со образложение дека иако Македонија е за ЕУ и посветено работи на почнување на пристапните преговори, досегашните препораки сепак немаат научен, туку содржат уценувачки предзнак. И трет чекор: кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, тогаш да почне работата на мешаната комисија – без притисоци и без уцени, со објективно оценување на историските прашања и образовните предизвици – предлага академик Коцарев.
Притоа тој ги повика сите политички партии одлучно да застанат против неукоста, кусогледоста, властољубието и да престанат, еднаш засекогаш, да работат против државните интереси.
Со ставовите на академик Коцарев се согласуваат голем дел граѓани, но и стручната јавност во Македонија, па и пошироко.

Повеќето наши соговорници се едногласни дека за македонските политичари, и од власта и од опозицијата, прв и единствен приоритет треба да биде заштитата на интересите на државата и на граѓаните, зацврстување на националниот и унитарен карактер на државата преку највисокиот правен акт, а не распродавање на националните и идентитетските обележја.
Во однос на мораториум на работата на мешаната комисија, сѐ до нашето зачленување во ЕУ, мислењето на експертите е дека тоа е сосема логично и легитимно да се побара, бидејќи бугарските претставници го користеа ова тело само и единствено како политичко орудие за притисоци и уцена. Според аналитичарите, таквата практика несомнено ќе продолжи и во иднина, што Македонија ја става во многу подредена улога.
Професорот Гале Галев, кој своевремено беше и министер за образование, во целост се согласува со предлозите на претседателот на МАНУ.
– Не треба секогаш да се истрчуваме напред, си правиме штета самите себеси. Не треба некој однадвор да ни кажува што да правиме. Премногу ја истрошивме Македонија и ја подјадовме нејзината национална супстанција – вели професорот Галев, додавајќи дека е крајно време да се заштитат македонските национални интереси.
Професорот Љубомир Цуцуловски прашува зошто никој, или речиси никој, не го поставува, макар било и реторички, прашањето што ќе добие Македонија со евентуалниот влез во ЕУ, меѓутоа и што загуби досега, благодарение на нејзината мономанична обземеност да се влезе во ЕУ по секоја цена, бидејќи цената може да биде нејзино целосно/дефинитивно згаснување – како во државна, така и во национална/етничка смисла.
За дел и од странските аналитичари ваквите бугарски барања, кои повеќе од очигледно се на штета на македонските национални интереси, се преседан во меѓународната политика.
Историчарот за источноевропски истражувања Урн Брунбауер од институтот „Лајбниц“ од Ретенсбург токму примерот со Македонија и бугарските барања ги нарекува „опасен преседан“ и смета дека кога билатерален спор за прашања што немаат врска со приемните критериуми станува составен дел од пристапните преговори, тогаш тоа е „случај на опасен преседан“.
Нема сомнение дека од осамостојувањето до денес наша стратегиска цел била и останува членството во Европската Унија.
Но исто така не би требало да има никакво сомнение ниту за тоа дека како држава и народ ние имаме и своја национална цел, а таа е дека во Европската Унија сакаме да влеземе како Македонци од Македонија, кои зборуваат свој македонски јазик, имаат своја вековна македонска историја, свој зачуван македонски идентитет и целосно одбранети национални интереси.


Само два вистински консензуса во македонската историја

На домашната политичка сцена безброј пати досега за најразлични цели се употребува поимот политички консензус. Сепак ретки се случаите кога тоа вистински профункционирало и во реалноста. За многу суштински прашања сиве изминати години сме имале крајно спротивставени гледишта од партиите што биле на власт или во опозиција. Така беше и за Преспанскиот договор и за договорите за добрососедство, кои поминаа со многу контроверзии и поделени мислења меѓу политичарите. Истото тоа се случува и сега во однос на прашањето на евроинтеграциите и новите отстапки што се очекуваат од Македонија.
– Вистински национален консензус за ЕУ, за жал, кај нас сè уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што досега во најголем дел од времето бил само декларативен. Многу е едноставно сите да бидеме за Европската Унија, но сега навистина е потребно да се покаже дека сите сме за Европската Унија – смета Бојан Маричиќ, заменик-претседател за европски прашања.
И додека Маричиќ се надева на консензус на патот кон ЕУ, со еден новинарски поглед наназад може да се воочи дека во 32-годишната историја на Македонија веројатно како единствени примери за широк граѓански и политички консензус може да посочат само референдумското изјаснување за независна и суверена Македонија во 1991 година и гласањето на собраниската резолуција за одредување на македонските црвени линии во преговорите со Бугарија. Значи, за 32 години како независна и самостојна држава сме имале само два консензуса во однос на прашања од национален интерес. Во контекст на актуелните политички состојби, токму гласањето за резолуцијата во Собранието, која ја поддржа огромно мнозинство од македонските пратеници од сите пратенички групи, е особено интересно, од неколку аспекти.
-За македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност немало, нема и никогаш нема да има преговори. Не може да се преговара за тоа што е неоспорен факт. Денес за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик – пишува во резолуцијата усвоена во 2021 година, кога практично и се засилија притисоците од Бугарија.
Иако оваа собраниска резолуција на прв поглед дејствуваше како зацементирана македонска позиција и гарант дека како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен од никого и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна влада, претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања, се испостави дека тоа не е така. За жал, истиот собраниски состав што ја усвои оваа резолуција подоцна гласаше и за прифаќање на францускиот предлог, со кој практично се погази сѐ што претходно беше поставено со резолуцијата. Зашто од нас денес се бара да се откажеме од јазикот, историјата, посебноста и што ли уште не.
Со тоа практично како да се поништи или претопи овој втор консензус во македонската историја. И, за жал, уште еднаш се потврди болната реалност дека консензусот каков што вистински го посакуваат граѓаните и стручната јавност и оној што го замислуваат и предлагаат политичарите се две сосема различни нешта и често немаат заеднички национален именител.

[email protected]