- Сега сме во некое „плато“ или стагнација. Една од причините е големата трагедија во Кочани, но мислам дека постои и доза на ран замор. За пофалба се неколкуте скорашни странски инвестиции. Ресорите транспорт и образование продолжуваат, но мислам со намалено темпо. МВР и министерот Тошковски се добро размрдани (искрено честитам) и даваат некаква реанимација во изгубената надеж на населението. Размрдано е и обвинителството. Оваа стагнација ќе оди полека до изборите и ќе се балансира само со специјални мерки – т.н. државна интервенција. Се знае кој ќе победи. Опозицијата е жално слаба, криминалитетот си постои (знаеме од каде). Можеби опозицијата ќе зајакне со инструкции од надвор
- Д-р Таравари – леле, леле, леле, леле… Тој стана холивудска ѕвезда, Том Круз во медиумите во последните две-три недели. Тој не е поставен заради медицината. Дали толку не можете да сфатите дека човекот си игра мајтап (како фудбалот на Груби) со Владата и со целата нација? Да кажам дека е тројански коњ е малку. Порано мислев дека е добар доктор, а лош политичар. Сега мислам дека е гениј и супергениј, кој сите нѐ прави будали и идиоти во лице!
Драги читатели, пријателите ме критикуваат дека сум тежок за разбирање и суров. Добро, ете ги прифаќам сите критики и сега ќе се обидам да бидам едноставен и „нежен“. Пред сѐ, сите овие пораки од постари луѓе како мене не се наши желби туку должности. Зборот „сенат“ значи „старци“ – мислењата на старците во Сенатот на Рим. Имаме релативно нова влада, навлеговме во трет триместер (трето полувреме) и должност ни е да направиме некаква ревизија, па и критика за тоа што е сторено и каде одиме понатаму. Демократијата не е само некакво „уживање“ туку должност за размислување на сите. Досега користев секакви информации – од обичниот човек, медиуми, пријатели експерти и суперексперти. Сега се потпирам исклучиво на медиумските информации, додека мислењата од чаршијата, кои ги вреднувам како најдрагоцени, едноставно ги изоставам, бидејќи стануваат многу жестоки и малигни. Постои огромно незадоволство, драги читатели, разочарување, депресија и гнев кај народот, кои не би сакал да ги пренесувам, барем засега. Но раководството го молам да го има предвид мислењето на народот, кое медиумите сега го форсираат, а властите традиционално го игнорираат. Темите што ќе ги допрам овде се следните: „забрзување-забавување“, антикорупциската комисија и проф. д-р Таравари. Ќе објаснам.
Најпрвин – „забрзувањето“. Кога сегашната влада дојде на власт, се почувствува пријатно забрзување и решавање на некои проблеми, што создаваше оптимизам. Темпото го држеа премиерот и три ресори – МВР, транспорт и образование. Медиумите интензивно ги изнесуваа нивните активности и успеси. Премиерот беше упорен и тогаш и сега и прави сѐ што е можно во тешката состојба на државата, а темите се (знаеме) – сиромаштија, инфлација, организиран криминал, надворешна политика (Бугарија, ЕУ, САД итн), долгови, стагнација на сите ресори, етношовинизам и иселување. Посебно вулнерабилни и „нефункционални“ се медицината (многу опасен ресор), земјоделството (жално што е запоставено, бидејќи тоа е единствен извор на пари) и правдата (законодавство што е за никаде – ама баш за никаде). Блиску до нефункционалните се сите други ресори – да не ги набројувам. Мислам дека досега сум јасен! Понатаму – за „забавувањето“. Сега сме во некое „плато“ или стагнација, поточно „стагфлација“, како што велат експертите. Една од причините е големата трагедија во Кочани, но мислам дека постои и доза на ран замор. За пофалба се неколкуте скорашни странски инвестиции. Но, ве молам, со две-три инвестиции од „лесна“ или „мува“ категорија не се прави развиена држава. Поместувања на држава се прават со милијарди евра. Јакоб Ротшилд велеше: „За да разговарам со вас мора да пружите најмалку десет милијарди“. Верувам дека сум јасен. Ресорите транспорт и образование продолжуваат, но мислам со намалено темпо. Барем така укажува пулсот во медиумите. Ако си оди министерката за образование (има разни притисоци и озборувања) – тогаш сме во „биг ши….“ (мислам ме разбирате). МВР и министерот Тошковски се добро размрдани (искрено честитам) и даваат некаква реанимација во изгубената надеж на населението. Размрдано е и обвинителството. Но да се разбереме – криминалот си вирее, дури и со „Ал Капоне стил“, а „ајкулите“ си остануваат, крими уживаат и растураат. Мислам дека знаете кои се „ајкулите“, да не правам тешки коментари и дигресии овде. Накратко – тие се убијци на Македонија! Дали се согласувате? Значи: оваа стагнација или стагфлација ќе оди полека до изборите и ќе се балансира само со специјални мерки – т.н. државна интервенција. Се знае кој ќе победи – да им даде Господ здравје и среќа, па и нам среќа. Ете, и јас ќе гласам за нив, оти алтернатива не гледам. Опозицијата е жално слаба, криминалитетот си постои (знаеме од каде). Можеби опозицијата ќе зајакне со инструкции од надвор. По изборите, по мое скептично и тескобно искуствено мислење – настапува забавување или можно паѓање. Единствено можно решение ќе биде реконструкција на Владата и оживување на оние ресори што ги дефиниравме како „нефункционални“. Многу едноставно – гледаш резултати и менуваш!
Антикорупциската комисија – накратко. Ако претседателката на комисијата оддавала податоци на обвинет, тоа по мене се вика криминал. Вели дека е тоа „пријателска“ комуникација. Ма немој! Ако има еден криминалец во таква комисија – целата комисија станува криминална. Дури и сомнение е многу (така велеа водачите на Француската револуција). Оваа комисија е единствена постојна контрола на обвинителството, правосудството, Владата, Собранието, претпријатијата и граѓаните во државата. Ако некој е таму корумпиран – целата нација оди во ендек! Сменете ја целата, веднаш, сега! Без разлика што повеќето се чесни членови, довербата е изгубена. Антикорупциската комисија е екстремно важен фактор во државата, совест на државата, сенка на државата и бара непогрешливост. Можеби некој сака баш таква нефункционална комисија за да има комодитет во роварењето („ајкулите“ мирно да си пливаат). Затоа е судството нефункционално, а Владата со нефункционални ресори. Тоа ме потсетува на еден цртан филм каде што глувците бараат држава што нема мачки. Ве молам – дали сум јасен досега?
Следува прашањето за д-р Таравари – леле, леле, леле, леле… Тој стана холивудска ѕвезда, Том Круз во медиумите во последните две-три недели. Тој не е поставен заради медицината. Дали толку не можете да сфатите дека човекот си игра мајтап (како фудбалот на Груби) со Владата и со целата нација? Да кажам дека е тројански коњ е малку. Порано мислев дека е добар доктор, а лош политичар. Сега мислам дека е гениј и супергениј, кој сите нѐ прави будали и идиоти во лице! Али Ахмети (царот на Македонија) генијално го мести да ја издрибла Владата и сите нас, да си ги „фризира“ изборите, а после неговите „ајкули“ ќе го средат докторот. А медицината? Медицината денес е трагедија! Морга! Смрт (се сеќавате ли на мелодијата „Knocking in the heaven’s door“?) Неколку мои другари умреа затоа што во државните болници „не можеа“ да ги лекуваат, а немаа пари за приватните. Јавниот здравствен систем денес е далеку помизерен од оној за времето на т.н. социјализам. Збирштина е од непотизам, етношовинизам, мафија, дефицити, лумпенприватизација, нехигиена, чекалници како логори, непочит кон човекот и многу друго. Во пазарната економија сѐ што оди на пазарот е стока (commodity). И пациентот и докторот и човекот и душата на човекот стануваат стока. Да не разглабам понатаму, оти повторно ќе бидам критикуван. Драги читатели, не мора за ништо да се согласите со мене, критикувајте ме, напаѓајте, но ве молам – проблемите сфатете ги најсериозно. Има и други проблеми, многу се, но за тоа другпат.
Професор д-р Самуел Садикарио Колономос