Илустрација: „Нова Македонија“

Во изминатиот период на тројца Македонци по потекло од Егејска Македонија, кои контактираа со нашата редакција, им беше забранет влезот во Грција. Ним им е ставен црн печат во пасошите и дадено им е ливче на кое пишува „непожељан“, односно дека се опасни за националната безбедност на Грција. Но, според нашето истражување, такви лица има многу повеќе. На некои од нив забраната им е со временски рамки од 30 години. Со тие печати Елада ги стигматизира македонските граѓани, квалификувајќи ги како престапници или криминалци, непожелни за влез во други држави, односно во ЕУ, па таквата појава сама по себе добива меѓународни димензии

РЕЖИМОТ НА МИЦОТАКИС ЗАПОЧНА СО НАЈАВЕНАТА КАНОНАДА ОД ТАЈНИ ОРУЖЈА

„По 15 години активизам за егејското прашање, вчера на моја огромна жал моето патување за Овчарани заврши на границата помеѓу Вардарска и Егејска Македонија. Без никакво образложение добив документ дека во наредните три години сум непожелен на територијата на Република Грција, колепката на демократијата“. Ова неодамна го објави Сотир Лукровски, активист, кој е на чело на македонското патриотско здружение „В’мбел Егеј“. И тој е само еден од десетината Македонци, сите по потекло од Егејска Македонија, на кои Грција им забранила влез во таа соседна земја. Тие не можат да заминат таму и да се видат со своите најблиски, да ги посетат домовите на нивните родители, да запалат свеќа за покојните. Тие луѓе се жив доказ дека Грција не ја сменила политиката кон нив, по потекло од Егејот, иако сме во 21 век и иако декларативно Грција вели дека е наш пријател. За чудо, и во Македонија има политичари, особено од претходната влада, што го тврдат истото тоа?! И покрај тоа што Преспанската спогодба е постигната за да се гради заемно добрососедство и да се градат врски меѓу двата народа. За Грција ништо од тоа не важи. Атина упорно за сѐ ја обвинува Македонија, па дури и се заканува со економски блокади, со вета, а еве и со забрана за влез на македонски граѓани.
И не е само Лукровски ставен на црната листа, во последниве месеци на тројца Македонци им е забранет влезот, на повеќето всушност таа мерка само им е продолжена. И никој нема разумно објаснување зошто е направено така. А, за таа забрана на казнетите им се дава и еден лист на кој на српско-хрватски јазик им стои „непожељан“. На властите во Атина ни на крај памет не им е да го употребат македонскиот јазик.
Дали по оваа серија тешки инциденти и прекршувања на правата на македонските граѓани за слободно движење ќе добијат одговор од македонската држава?

СЕДУМДЕСЕТ И ШЕСТ ГОДИНИ РЕПРЕСИЈА

„Се повторува репресијата врз моето семејство и по цели 76 години од убиствата и прогонот на моите дедовци, татко и чичковци, во модерна Европа во 21 век. Чемер и жал во душата што најверојатно никогаш повеќе нема да го видам мојот В’мбел, како и моите баба и дедо што починаа без уште еднаш да си го видат родното огниште, но горд сум и среќен што навремено им го покажав патот на стотици в’мблени до нивните корени, меѓу кои и моите деца. Тие ќе продолжат да се враќаат онаму каде што тежиме, тие ќе го одржуваат огнот на нашите гробови и црква. Вистинита за Егејот и В’мбел ќе живее сѐ дури нѐ има до последниот Љукра. Егејот е душата на Македонија“, објави на својата фејсбук-страница Сотир Лукровски.
Тој со право се сомнева дека за век и веков ќе му стои забраната за влез во Грција, зашто на оние лица што ни се познати забраната им трае со децении. Еден од нив е д-р Никола Јанков Костурски, кој на Лукровски му порача да „биде горд што го наградија грчките монархофашисти“.
– За мојата активност кај Македонците во Пиринска и Егејска Македонија, Бугарите ми забранија влез во Бугарија 7 година, а Грците од 1977 година и уште ми трае забраната. Тие забрани ме прават горд, затоа што тие две држави потврдуваат со документ за моите активности меѓу нашите Македонци во нивните држави – ни изјави Костурски.
Тој додава дека и во Републиката не му било подобро, бил следен од тајните служби според досие формирано од југословенска УДБ-а, а тој како пораз ја доживува одлуката на македонските власти во 1988 година да се угаси манифестацијата „Средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија“, која се одржуваше од 1982 година. Според него, тоа било направено затоа што тоа им пречело на Грците и за заемните односи.

Црн печат во пасошот на македонски државјанин што деновиве доби забрана од грчките власти

КОЛКУ Е ДОЛГА ЦРНАТА ЛИСТА?

Во моментов претставниците на здруженијата од Егејот што се активни во Македонија немаат прецизна информација колку луѓе се наоѓаат на црната листа. Некои велат десетици, некои оперираат со цифра од околу 70, а некои, пак, истакнуваат дека таа е подолга од 100. На неа се и Македонци што се стекнале со пасоши во Америка, САД, Канада, Австралија… И во нивните пасоши е ставен црниот печат, па така, им се прави сериозен проблем при патувањата, затоа што се обележени како „опасни за националната безбедност на Грција“.
– Повеќе од десет години сум на таа листа, а Грција само ми ја продолжува, за плус седум, па плус пет и така. Првиот пат кога влегов со мојот американски пасош и кога ми ја удрија забраната, се обратив до Амбасадата на САД во Атина. По извесно време добив одговор од Стејт департментот дека таквата одлука е суверено право на секоја држава. И, што да правам? Каде да ги барам моите права – вели М.С.
Освен Лукровски и Костурски, на листата се и Ташко Јованов и неговиот син, а од неодамна и на Димитар Љоровски Вамваковски од Институтот за национална историја му е продолжена забраната.
И покрај ваквите нецивилизациски мерки, собирот во Овчарани за одбележување на Илинден се одржа. Таму се собраа многу Македонци, а во црквата „Св Злата Мегленска“ во С’ботско отец Никодим Царкњаз одржа литургија. Сепак, нашите соговорници истакнуваат дека намерата на Грција е да го спречува на секој начин создавањето врски и соработка на Македонците од Егејот и тие што како потомци на децата бегалци живеат во Македонија или во други земји. Исто така, се прават и семејни проблеми, зашто ако на пример сопругот е на црна листа, тоа значи дека и другите од семејството се казнети, па се случуваат и семејни расправии.
– Сето ова е дел од специјалната војна, ова се тие тајни оружја со кои се фали Мицотакис. И утре сите ќе кажат – за сѐ се виновни Егејците. Тоа е дамнешна стратегија за која мора да се подготвиме и соодветно да одговориме – истакнува еден наш соговорник.


Интернационализација на деградирачките политики на Атина

Премиерот Христијан Мицкоски уште невлезен во својот кабинет беше цел на грчки закани, пред сѐ од неговиот колега Мицотакис. Тој дури и ги пречекори сите добри практики на коректно однесување, па пласираше доверливи информации од состаноците на македонскиот премиер во Вашингтон на самитот на НАТО, кои беа затворени за јавноста. Тоа исто така е дел од специјалната војна, според нашите соговорници, затоа што и Нова демократија како владејачка партија само декларативно е против содржината на Преспанската спогодба, но во суштина и ним многу им се допаѓа зашто целосно го брише македонскиот идентитет.
– Нивната намера е во старт да се спречат какви било обиди за ревизија или за поништување на таа спогодба, а знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка сила што може да го стори тоа и да добие подршка од народот за тоа. Од тие причини тие нема да се колебаат да употребат сѐ што им стои на располагање, па дури и да ги пречекоруваат црвените линии, како што е мерката за забрана за влез, мерка што не им се изрекува ниту на познати криминалци – вели наш соговорник.
Лукревски нѐ информира дека остварил кратка средба со претставник на македонското МНР. Според неговата изјава, откако го запознал со неговиот случај, од МНР го информирале дека ќе се разговара и со други луѓе што се на црниот список. Лукровски додаде дека заедно со другите здруженија ќе се собираат податоци за да се направи регистар на сите што имаат забрана за влез во Грција и оти прашањето ќе го интернационализираат и во Европа и во САД, пред сѐ во Обединетите нации.


Граѓаните ја актуализираа старата македонска изрека „поарно сто турски стапа да те удрат, отколку грчко пенкало да те запише“

Откако Сотир Лукровски објави за неговата казна, на неговата фејсбук-страница имаше многу реакции. Ќе пренесеме дел од нив:
Ирена Борисовска: Нашите егејски баби велеа „поарно сто турски стапа да те удрат, отколку грчко пенкало да те запише“… За да бидеш демократ, треба да си Македонец. Ние точно знаеме што е тоа.
Ташко Јованов: Јас убаво напишав во една книга – ако Грк ве запише во тефтер, никогаш нема да ве избрише, ако во турски затвор влезеш, никогаш нема да излезеш од затвор, јас имам забрана од 2013, сѐ до денес немам право да го посетам мојот роден крај во Егејска Македонија. И синот има забрана од 2018 и сега не му дозволуваат да влезе во родниот крај на татко му во Егејска Македонија. На овакви држави не им е местото во ЕУ.
Даница Леонидова: Прогонство што сѐ уште трае! Во 21 век во „лулката на демократијата“, па ова е невидено! Ќе продолжи да живее Егејот, тој е душата наша, на нашите предци, на Македонија! Не си сам во борбата, многу сме!
Никола Мишев: Мислевме дека андартите се дел од нашата крвава и тешка историја, но еве ги и во ова ново време, во кое треба да има толеранција меѓу народите во целиот свет, тие сѐ уште се живи и се хранат со омразата кон нас Македонците. Борбата за македонската вистина ќе ја продолжиме и ќе ја шириме секаде каде што сме и ќе бидеме. Не си сам, Соте, нѐ има многу.