САД против ЕУ: Доналд Трамп во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер

Дали „единственото нешто за Европа“ што ѝ се нуди како излез, потсетува на „единственото нешто што и нам ни се нуди за влез“ – уставни измени за Македонија?!

Иницијативите од новиот американски претседател Доналд Трамп упатени кон Брисел со кои тој бара од ЕУ да купува уште повеќе американски гас и нафта започнаа уште за време на предизборната кампања. Тие иницијативи полека се трансформираа во негови ставови по неговата изборна победа на почетокот на ноември. Медиумите пишуваа дека можеби некој мисли на почетокот дека Трамп се шегува, но деновиве, по неговата инаугурација, новиот американски претседател излезе со цврст став дека „воведувањето царини за Европската Унија зависи од тоа дали сака да го зголеми увозот на американски енергетски производи“.

Брисел тврди дека се соочува со притисоци и барања и со уцена од Трамп

Реномираниот „Политико“ наведува дека ЕУ очекува да разговара со претставници на САД за, како што велат од Брисел, „притисоци и барања од Трамп – а, всушност, и со уцена“.
– Приоритет е да разговараме, да се ангажираме рано, да разговараме за заедничките интереси и потоа да бидеме подготвени за преговори – изјави во вторникот портпаролката на ЕУ, Ана-Каиса Итконен, одговарајќи на прашање на „Политико“ во тој контекст.
„Политико“ потсетува дека овие изјави се реакција на „брзото целење на Европската Унија од страна на Трамп“, проследени со пораката што тој ја испрати само неколку часа откако ја положи заклетва за втор мандат како претседател на САД:
– Единственото нешто што Европејците можат да го направат е брзо да ги купат нашата нафта и гас – рече Трамп.
Портпаролката на ЕУ, Итконен, реагирајќи на оваа изјава, одговори дека „иако самата извршна власт на ЕУ не купува или продава ЛНГ или кое било друго гориво, нејзиниот персонал би разговарал со претставниците на Трамп“.
– Треба да стапиме во контакт со нив и да видиме како понатаму. Но, конкретно, не почнуваме од нула – ова е нешто за што ЕУ и САД разговараа на највисоко ниво во врска со ЛНГ. Она што го направивме во текот на годините на страна на ЕУ е да се осигуриме дека инфраструктурата за ЛНГ е поставена за компаниите да можат да го купат тој ЛНГ – рече Итконен.
САД веќе се втор најголем снабдувач на гас во ЕУ и најголем извор на ЛНГ. До 2025 година земјите од ЕУ увезуваа повеќе од половина од својот ЛНГ од Америка.

Германскиот вицеканцелар Хабек: Принудувањето на компаниите да купуваат ЛНГ од САД, наместо каде што е најевтино, е „спротивно на пазарната економија“

Сепак, европскиот увоз на течен гас од Русија исто така се зголеми во последните недели, во услови на студен бран низ Европа, достигнувајќи рекордно високо ниво за првата половина од јануари. Точно е дека претседателката на Европската влада (ЕК), Урсула фон дер Лајен, ја поддржа идејата за купување повеќе американско гориво за да се елиминира руската алтернатива од ЛНГ.
– Зошто да не го замениме рускиот со американски ЛНГ – изјави таа, додавајќи дека „тоа е нешто за што можеме да влеземе во дискусија“.
Говорејќи на конференција за медиумите во вторникот, германскиот вицеканцелар Роберт Хабек рече дека е малку веројатно неговата земја да може да купи многу повеќе ЛНГ, со оглед на тоа што околу 90 отсто од нејзиниот увоз веќе доаѓа од американски извори.
– Не можеме да направиме многу повеќе – рече тој, додавајќи дека Германија теоретски би можела да размисли „да купи помалку гас од норвешкиот гасовод, но тоа ќе направи сè поскапо“.
Според Хабек, принудувањето на компаниите да купуваат ЛНГ од САД, наместо каде што е најевтино, е „спротивно на пазарната економија“.

Слободата има цена?!

Натаму, на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, во вторникот, 21 јануари, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека независноста на ЕУ од енергетските извори од Русија ја чинела Унијата – скапо!
– Нашиот увоз на гас од Русија е намален за речиси 75 отсто, ние купуваме само 3 отсто од нашата нафта, а не јаглен од Русија. Но слободата има цена. Европските потрошувачи и бизниси забележаа вртоглаво зголемување на цените на енергијата, кои за многумина допрва треба да паднат – рече Урсула фон дер Лајен.
Според неа, Европската Унија за рекордно време ја намалила својата зависност од Русија, а во исто време ја обвинува Русија за намалување на снабдувањето и уцена.
– И сега нашата конкурентност зависи од пониските цени и нивната стабилност. Чистата енергија е среднорочно решение. Тоа создава работни места и ја зајакнува нашата независност – рече Урсула фон дер Лајен и повика на инвестиции и развој на технологии за чиста енергија, вклучувајќи и енергија за нуклеарна фузија и нови геотермални технологии.
За потсетување е дека изјавите на претседателката на Европската комисија се јасно мотивирани од високите цени на бензинот во Европа, кои настанаа поради прекинот на украинскиот транзит на руски гас на почетокот на годинава, како и поради постудената зима (а и без ветерот во Северна Европа, кој е есенцијално потребен за тамошните ветерни електроцентрали, за што пишувавме во вчерашното издание на весникот). Поради тоа, цената на бензинот сега е околу 500 долари за илјада кубни метри, што е 2,7 пати повисока од просечните цени на германските берзи во периодот од пред кризата пред пет години. Р.Н.М.