Карикатура: „Нова Македонија“

Потрошувачко цунами низ маркетите со истекот на антикризните мерки

По истекувањето на привремената мерка за ограничување на маржите во малопродажбата, како и во трговијата на големо, екипи на „Нова Македонија“ во текот на вчерашниот ден излегоа на терен да ја проверат фактичката состојба со цените на основните производи, откако престанаа да важат антикризните мерки со кои беа опфатени лебот, солта, брашното, маслото за јадење, сувомесните производи, свежото месо и млекото, како и на јајцата, тестенините, пченицата, сирењето, урдата, овошјето и зеленчукот. Владата во март донесе одлука за воведување антикризни мерки, со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните, кои предвидуваа продажба на основните прехранбени продукти со нула проценти ДДВ, додека ДДВ-то на горивата изнесуваше пет проценти. По предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи. Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергентите.
И покрај очекувањата и надежите на граѓаните, Владата не ги продолжи антикризните мерки, така што завчера во доцните попладневни часови реки граѓани буквално ги запоседнаа маркетите низ градот, во обид да дојдат до основните прехранбени производи по пониска цена.
Ваквото потрошувачко стампедо предизвика брзо празнење на рафтовите пред сè со брашно, масло за јадење, но и шеќер, со што уште еднаш се потврди старата македонска практика да се заштеди секогаш кога е можно.
Во текот на вчерашниот ден, уште од раните утрински часови репортерските екипи на „Нова Македонија направија обиколка низ маркетите, при што беше видливо вистинско шаренило, поточно дека промената не е навлезена насекаде. Имено, во дел од продажните објекти беа забележливи празните рафтови со овие основни продукти, додека во друг дел имаше и брашно и масло за јадење, но некои од нив беа или без цени или, пак, со новите, повисоки цени.
Зголемена динамика имаше и од страна на дистрибутерите што ја редеа новата стока на рафтовите, а на прашањето дали нивните производи ќе бидат со зголемени цени, само креваа со рамениците.

– Не знаеме ниту ние, чекаме што ќе ни кажат, па после ќе ги ставиме цените – велат тие.
Во целата ситуација најзасегнати се граѓаните, кои не знаат дали кога ќе застанат на каса ќе им бидат доволни парите со кои до вчера пазарувале.
– Купив стек, млеко и леб, но гледам дека сите овие производи се поскапени. Не ми се верува дека повторно дојдоа такви времиња да не може човек да ги купи и основните продукти. Не знам колку ќе се покачат цените, само знам дека мене пензијата ми е иста и се плашам дека тешко ќе ги издржиме овие кризи. И порано поминав низ слични кризи во поранешна Југославија, но сега, за разлика од тогаш кога немаше доволно продукти низ продавниците, барем ги има. Проблемот е што се скапи и, веројатно, уште ќе поскапуваат – вели Цвета Ангелевска, пензионерка од Скопје.
Она што репортерските екипи на „Нова Македонија“ го утврдија на терен беше големата шареноликост на цените, кои, веројатно, ќе бидат комплетни и прецизни во текот на денешниот и утрешниот ден бидејќи трговците сè уште ги прават пресметките.
Во текот на вчерашниот ден, цената на лебот беше повисока од два до девет денари, во зависност од видот на лебот, почнувајќи од 28 денари за најобичниот, 36 денари за белиот сечен леб, до 42 денара за типот „грахам“. Над 50 денари се продаваа другите типови леб наменети за тостови, сендвичи и други намени. Промени имаше и кај цените на млекото, кои, повторно во зависност од видот и масленоста на млекото, се продаваа од 63 до 90 денари.

Маслото за јадење што завчера се продаваше по цена од 135 денари, вчера во некои маркети достигна цена од 163 денари. Поскапе и брашното, па килограм брашно што со кризните мерки чинеше околу 35 денари, од вчера се продава за 60 денари. Килограм шеќер можеше да се најде за цена од 58 денари, солта за 25 денари, пакување ориз од 800 грама за 77 денари, додека јајцата во зависност од големината беа во опсег од 94 до 110 денари за пакување од 10 парчиња. Килограм вакумирано сирење достигна цена од 348 денари, додека тестенините се продаваа по цени меѓу 45 и 66 денари, но и поскапо ако се изработени од интегрално брашно.
Од земјоделските производи, килограм обичен домат чинеше 89 денари, краставиците 35 денари, пиперките 115 денари, карфиолот 80, брокулата 145, морковот 50, цвеклото 65, додека кромидот 35 денари.
Ова се дел од цените што вчера можеа да се затечат во дел од маркетите, но трговците и натаму ги калкулираат трошоците, така што не е исклучено во текот на денешниот ден да има промени и на овие цени. Така што на граѓанинот му останува само да причека и во наредниве денови да има појасна слика колку вистински ќе поскапат сите погоренаведени производи.


Владата најави мерки за амортизација на ценовниот шок

Вчера во попладневните часови, Владата излезе со пообемно соопштение, во кое ја информира јавноста дека со досегашните мерки и решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната економска и енергетска криза. Наедно, Владата соопшти дека со новиот ребаланс на буџетот продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки, кои ќе бидат попрецизно насочени, како што, всушност, се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светската банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни.
Набројувајќи ги сите досегашни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, Владата, меѓу другото во соопштението, апелира: „Со одговорно однесување на сите субјекти ќе ја надминеме и оваа криза, како што ја надминавме најголемата економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Од посебна важност е да не се потклекнува на лажните информации, кои предизвикуваат притисок на пазарот и на инфлаторните движења. Дезинформациите, без разлика од кого доаѓаат, вклучувајќи и одредени политички партии, не му користат никому, бидејќи само поттикнуваат дополнително продолжување на кризата“.