Помеѓу Бугарија и Северна Македонија постои механизам кој треба да придонесе за намалување на тензиите и за идентификување на појавите на омраза, кој е јасно наведен во Протоколот што лани го потпишаа министерствата за надворешни работи на двете земји, но тој не се спроведува, вели советничка за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков, Весела Чернева.
– Не можеме да кажеме дека нема доволно инструменти, вели Чернева во интервју за емисијата „Пред сите“ на Бугарското национално радио (БНР) – коментирајќи го најновиот развој на настаните меѓу Скопје и Софија.
Чернева потенцира дека последните месеци е видливо зголемување на тензиите во меѓусебните односи, додавајќи дека ваков тип на ескалации има секогаш кога ќе „замириса на избори“.
– Од двете страни на границата има партии кои ги користат тензиите за да го подигнат својот рејтинг – заклучува Чернева.
Таа смета дека во вакви услови обичните луѓе се наоѓаат во средини изложени на притисок на „екстремите од двете страни“ и стануваат жртви на таквиот притисок.
– Тоа се процеси кои не оддалечуваат од срцето на евроинтеграциите и не ставаат во маргинална позиција, затоа што се занимаваме со билатерални кавги. Квалитетот на нашето европско членство се повеќе слабее – додава Чернева.
Според неа, ваквото зголемување на тензиите „дополнително им го отежнува животот на Бугарите во Македонија“.
– Видовме како бугарски европратеник му се заканува на македонскиот претседател со атентат. Ваквиот тип на закани не треба да бидат дел од билатералните односи. Одржувањето на добар тон и пристојност ќе им помогне на Бугарите кои живеат во Северна Македонија многу повеќе од овој прилично неодговорен пристап – смета Чернева.
Таа нагласува дека повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје претставува „несоодветен гест“, бидејќи такви чекори се преземаат во „исклучителни ситуации“.
– Оваа ситуација почнува да ми изгледа како намерна. Многу е лесно да се предизвика надолна траекторијата во билатералните односи. Тешко е спротивното – да се создаде амбиент во кој нема да се случуваат такви работи – вели Чернева, додавајќи дека „по толку години непријателство“ работите не може да се остават да се случуваат сами од себе.