Фото: ЕПА

Парадоксално и апсурдно е што меѓународната заедница ѝ дава право на Бугарија да ја ревидира својата национална историја, а и балканската. Демократска Европа го завртува погледот од Бугарија и не сака да види како таа го ретушира своето минато, овој пат во однос со Русија. Софија се дистанцира со методи на уништување и демонтирање споменици и артефакти. А истата таа Бугарија, и на Македонија ѝ наметнува наратив за историски ревизионизам, со кражба на македонската историја и наметнување на т.н. „заедничка историја“, при што тоа ѝ служи и како аргумент да ги блокира македонските евроинтеграции. А тие наметнати бугарско-европски услови кон Македонија се недвојбено криминални! Тие се засноваат на фалсификувани историски наративи, исто како што е криминално и бугарското затскривање на историските траги дека во своето минато официјална Софија била тесно поврзани и со фашизмот и со сталинизмот…

Демонтажата на споменикот на Црвената (советската) армија во Софија како повод

По интензивни полемики во бугарската јавност, минатата недела започна демонтажата на споменикот на Црвената (советската) армија во Софија. Поставувањето на скелињата околу споменикот беше своевиден аларм за мобилизирање на група од 60 до 70 демонстранти, меѓу кои и пратеници во бугарското собрание, кои се обидуваа да го спречат уривањето на споменикот, кој треба да ги потсетува Бугарите како и со кого се извлекоа или го „победија“ нацифашизмот во својата држава во Втората светска војна. Сепак, официјално, споменикот не се урива, туку софиските власти предвиделе „демонтираните фигури да бидат сортирани, опишани и транспортирани до местото каде што ќе се складираат, за потоа да бидат изложени во Музејот на социјалистичката уметност“?! Наводно, се разгледува и нов терен, каде што би бил поставен споменикот, но тој во моментов се испитува. Но таквите објаснувања за преместување на споменикот не придонесоа многу демонстрациите за негова „одбрана“ да не прераснат во насилни и да има повредени во акцијата.

Факт е дека Бугарија била секогаш на погрешната страна на историјата, но тоа не значи дека и денес треба да ги задржи недемократските средства и методи

Во бугарската јавност, овој споменик во Софија некако се наметна како најсимболичен пример за т.н. заедничко минато на Бугарија со Русија, иако низ целата земја има повеќе од 400 т.н. „руски споменици“. Во контекст на актуелниот геополитички наратив, тоа „заедничко минато“ на Бугарија со Русија денес се нарекува „руско влијание“, што е одредена непријатна позиција за земја членка на ЕУ и на НАТО. Иако лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјавил дека од медиумите разбрал дека почнало демонтирањето на споменикот и дека не го одобрува, пред само неколку месеци, во февруари, Борисов беше категоричен дека споменикот треба да се отстрани. Потоа им наредил на општински советници од ГЕРБ во Софија да ја активираат процедурата. На почетокот на годината, негов аргумент за демонтирање на споменикот беше руската агресија во Украина.

Бугарски синдром за историски ревизионизам

Во Бугарија не е непозната практичната примена на ревизионистичката матрица, според логиката – „го менуваме минатото за да ја промениме сегашноста и да ја контролираме иднината“. Заради геополитичка „коректност“ и, секако, интерес, Бугарија во овој миг настојува да се дистанцира од блиската поврзаност со Русија, и тоа не толку одамна во минатото.
– Колку и да уриваат или демонтираат споменици, Бугарија и Бугарите не можат да побегнат од сопствената историја и нивната колективна меморија. Во контекст на нивната заедничка историја со Русија денес сведочат повеќе од 400 споменици на бугарска територија, посветени на оваа земја и руски дејци од различни периоди, важни за бугарската историја. Впрочем, царска Русија во 1878 г. и ја создаде Бугарија како држава, а најголем дел од тогашното бугарско население практично не ни знаеше дека има држава. Ни ден-денес не може да се најде ниту еден правен документ со кој би се покажало дека барем еден Бугарин учествувал во создавањето на бугарската држава. Со никаков ревизионистички инженеринг не можат да докажат дека и во Втората светска војна, царска Бугарија не беше на погрешната страна на историјата, во нацифашистичката коалиција, а токму Русија (односно Советскиот Сојуз) одигра најголема улога за некаква бугарска историска рехабилитација од тоа нацифашистичко минато. Таквата помош ги одведе во друга крајност на „најверен советски сателит“, од што сега сакаат да се ослободат со талибански методи, како што талибанците ги уриваа спомениците во Авганистан – вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов.

Бугарските историски комплекси како уцена за Македонија и нејзините евроинтеграции

Парадоксално и апсурдно, се чини дека меѓународната заедница ѝ дава право на Бугарија да ја гради/ретушира сопствена историја и да се дистанцира од заедничкото минато со Русија. Но истата таа Бугарија ѝ наметнува на Македонија теза за заедничка историја (да прави ревизија на македонската историја) и да ги блокира македонските евроинтеграции со услови што се практично криминални, односно се засноваат на фалсификувани историски наративи.
– Тоа е тој ист ревизионистички синдром и толерирана практика. Бугарија смета дека има право да бега од сите работи што не ѝ се допаѓаат во сопствената историја и да ги менува според актуелните (гео)политички услови и интереси. Како што ја менува сопствената историја, се поставува во позиција и на другите, т.е. на Македонија да ѝ ја наметнува како „заедничка“ својата бугарска историска фантазија. Бугарија бега од својата историска улога во холокаустот во Втората светска војна! Бега и од фактот дека била окупаторска сила и власт во Македонија во таа војна и од злосторствата што ги извршила врз македонското население! Бега од фактот дека во Втората светска војна била на страната на нацифашизмот! Тие свои бегства од историската вистина, Бугарија денес настојува, со уцени за македонските евроинтеграции, да ги претвори во историски заборав, наложувајќи ѝ на Македонија да ги брише сведоштвата од своите споменици за „бугарскиот фашистички окупатор“. Но историјата не може да се поништи со уривање споменици и уценувајќи ги другите да ги бришат вашите грешки и лоши претстави во нивната колективна меморија. Бегајќи од заедничката историја со Русија, Бугарија својот историски комплекс сака да ѝ го наметне на Македонија, принудувајќи ја на некаква непостојна „заедничка историја“. Уривањето споменици во Бугарија и уцената за бришење споменици во Македонија, сепак не ја менуваат историската вистина и бугарската политика треба да се соочи со тоа и да се извини за своите историски грешки – вели историчарот Тодор Чепреганов.