Желбите на битолчани со воз да патуваат за Лерин сѐ уште остануваат во чекалницата на железничката станица во Битола
По речиси повеќе од осум години од почетокот на реконструкцијата на железничката пруга, конечно од железничката станица во Битола денеска треба да тргне возот за индустриската зона „Жабени“. Утринава на работа во фабриката „Кромберг и Шуберт“, која се наоѓа во Жабени, со воз треба да патуваат првите патници.
Со тоа новата пруга, проектирана да сообраќа од Битола за Грција, наместо за меѓународен сообраќај, засега ќе служи само за превоз на патници од Битола до индустриската зона „Жабени“. Засега желбите на битолчани со воз да патуваат за Лерин сѐ уште остануваат во чекалницата на железничката станица во Битола.
Иако во неколку наврати беше најавуван почетокот на железничкиот превоз од Битола за Лерин, сепак засега Грците не покажуваат интерес да го реконструираат делот од пругата од грчка граница до Лерин, со што конечно би се реализирал проектот за патување со воз од Битола до Лерин и понатаму до Солун. Засега не помогнаа силните заложби и лобирања на македонските власти да ги (раз)убедат Грците да го пуштат во сообраќај возот Битола – Лерин, кој пред повеќе од 36 години сообраќаше на оваа релација.
За почеток на возот Битола – Лерин не помогна ни апелите испорачани од младите артисти со театарската претстава „Возот“, која пред неколку години, по идеја на културната организација од Грција „Дрежина“, од градот Верија, на железничката станица во Битола ја одиграа младите актери на Интимниот театар од Битола. Во играњето на претставата, која требаше да ги мотивира грчките власти да се ангажираат повеќе за пуштање на возот, покрај Битола беа вклучени уште седум града од Грција: Солун, Александрија, Негуш, Воден, Вртикоп, Суриовичево и Лерин.
Да потсетиме, истата вечер кога се играше претставата во Битола, во истиот час, но со еден час разлика по грчко време, такви претстави се играа и на железничките станици во сите други седум града во Грција.
Преку таа претстава, младите актери на симболичен начин се обидоа уште еднаш да испратат порака и да ги потсетат македонските и грчките власти за потребата конечно да почне да сообраќа возот на релацијата Битола – Лерин – Солун. Но, за жал, ни тоа не помогна.
Инаку, хроничарите запишале дека пругата Битола – Лерин – Солун, која почнала да се гради во 1891 година, била изградена до 1894 година, за само три години. По нејзината изградба, железничкиот сообраќај на релацијата Битола – Солун, сѐ до Балканските војни, функционирал редовно и мошне добро. Возрасните се сеќаваат дека до распаѓањето на Југославија, со одредени прекини, битолчани на шопинг во Лерин одеа со воз, кој сообраќаше на релацијата Битола – Лерин. Но по распаѓањето на СФРЈ, возот што сообраќаше на оваа релација беше ставен на спореден, а подоцна, по независноста на Македонија, на слеп колосек и оттогаш тој повеќе воопшто не сообраќа на оваа релација.
Пругата Битола – Кременица – Лерин се најавуваше десетина години. Претходната локална власт, кога градоначалник беше Владимир Талески, ја означи изградбата на оваа делница уште во јануари 2015 година. Со започнување на градежните работи се врати надежта дека битолчани сепак ќе можат со воз да патуваат од Битола за Лерин и Солун.
Тогаш на големи ѕвона беше најавено дека градежните работи на пругата ќе завршат до јули 2016 година. Но конзорциумот од бугарски фирми, кој го доби тендерот, изгради само еден километар пруга од делницата и без никакво објаснување прекина со работите, останувајќи им должен на фирмите подизведувачи околу еден милион евра. Работниците на кои конзорциумот не им исплати за сработеното ги прекинаа сите активности на пругата во август 2016 година.
Потоа Министерството за транспорт и врски го раскина договорот поради неисполнување на условите, а државата почна судски спор со бугарскиот конзорциум. На новиот тендер во 2017 година беше избрана австриската компанија „Страбаг“, која доби рок да ја заврши пругата до октомври 2018 година. По речиси две години застој и прекин на работите, во 2019 година тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги најавија скорешното завршување на железничката пруга Битола – Лерин и нејзиното пуштање во употреба.
Тогаш дури беше речено дека битолчани на дочекот на Нова година во Лерин ќе можат да одат со воз.
– Сите проблеми се надминати, изградбата на пругата целосно е завршена, сега останува уште поставување на електричните столбови, што треба да се реализира наскоро. Веднаш штом дозволи времето и тоа ќе заврши. Пред неколку дена инспекции од Европската Унија извршија надзор, од наша страна беше презентиран прогресот на активностите пред нив и тие заминаа задоволни. Денеска извршивме увид на градежните активности што се одвиваат тука на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор за исклучително важен капитален проект, не само за Битола туку комплетно и за Пелагонискиот Регион, вклучувајќи и за Република Македонија. Јас се надевам дека овој пат, како што сум информиран, роковите за изградба на пругата ќе бидат испочитувани од изведувачите. Во согласност со роковите, очекувам дека до крајот на ноември, овој проект да биде комплетно завршен со цел да направиме поврзување на Пелагонискиот Регион со Солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на овој регион, вклучувајќи и на индустриската зона „Жабени“, преку овозможување полесен транспорт на стоки и услуги на сите компании што ќе бидат во самата зона – изјави тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески.
Минатата година, со рок најдоцна до ноември 2022 година, пуштање на возот од Битола до Лерин најавија и премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Македонски железници инфраструктура, „Хари Локвенец“. Беше изготвен и возниот ред.
– Го направивме возниот ред, за брзо време ќе се објави таа траса и веќе имавме состанок со колегите од грчка страна да ја ставиме пругата во сообраќај. За максимум еден месец пругата ќе биде ставена во сообраќај со патнички воз. Железници – инфраструктура неодамна ја доби и употребната дозвола за пругата издадена од Министерството за транспорт и врски – нагласија тогаш од Железници – инфраструктура.
Но како што е вообичаено кај нас и тогашните предвидувања и ветувања не се исполнија. Возот и сега, по неколку години од изградбата на пругата, сѐ уште стои на слеп колосек.
Причините за новото пролонгирање на пуштањето на возот било, наводно, затоа што сѐ уште не бил направен технички прием на пругата. Во меѓувреме, и покрај тоа што се подобрија временските услови и пругата од страната на Битола целосно е изградена, возот сѐ уште не е тргнат за Лерин. Иронијата да биде поголема, иако е изградена, сѐ уште официјално во употреба не е предадена ни железничката станица во Битола.
Откако функционерите се изгореа на неколкуте дадени оптимистички изјави, сега никој не сака да прогнозира кога од железничката станица во Битола ќе тргне патничкиот воз за Лерин и за Солун.
Сепак, битолчани не ја губат надежта и веруваат дека сега, кога се пушти железничкиот сообраќај за Жабени, македонските и грчките власти конечно ќе се договорат да ја доизградат и да ја пуштат во употреба и железничката пруга Битола – Лерин – Солун, што во голема мера ќе ги израдува не само граѓаните на Битола и Пелагонискиот Регион туку и на соседна Грција, особено од Лерин и околината.
Инаку, пругата е проект за кој се издвоија пари од државниот буџет и средства од европските фондови. Проектот чини 17,2 милиони евра, а е финансиран со грант од Европската Унија (шест милиони евра) и со средства од државниот буџет (11 милиони евра).
Железничката пруга од Битола до пограничното село Кременица, на самата гранична линија со Грција, е во должина од 17 километри. Еден крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“, кој денес ќе биде пуштен во сообраќај.