Фото: Игор Бансколиев

„Вие и вашето семејство, училиште и заедница можете да направите разлика со менување на начинот на кој ја користите, консумирате и управувате водата во вашите животи. Вашите обврски ќе бидат додадени во Агендата за акција за вода, која ќе биде лансирана на Конференцијата за вода на ОН во 2023 година – прв настан од ваков вид речиси 50 години. Ова е момент што се случува еднаш во генерација за светот да се обедини околу водата. Играјте ја вашата улога. Правете што можете“, се вели во пораката на Обединетите нации по повод одбележувањето на Светскиот ден на водата

ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ВОДАТА

Денес се одбележува Светскиот ден на водата за да се издигне свеста на државите и нациите низ светот за важноста на водата, како и за промоција за одржливо користење на овој ресурс, кој е суштествен за човекот, но и за постоењето на животот на нашата планета. Оваа година акцентот е ставен врз забрзување на промените за решавање на кризата со вода и санитација, затоа што водата влијае на сите и треба сите да преземеме акција.
Во пораката на Обединетите нации се вели дека „сите ние можеме да направиме разлика со менување на начинот на кој ја користиме, консумираме и управуваме водата во нашите животи“! Дека постојат сериозни проблеми покажуваат повеќе податоци според кои околу две милијарди луѓе во светот живеат без вода за пиење во своите домови.
Одбележувањето на овој светски ден на водата се совпаѓа со почетокот на конференцијата за водата на ОН во 2023 година, 22-24 март, во Њујорк.

Светот се соочува со недостиг од вода за пиење

Во 1993 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе одлуката за одбележување на овој ден за да се нагласи светскиот тренд на намалување на резервите на вода што се предизвикани од нерационалното користење на водниот ресурс.
Податоците покажуваат дека околу две милијарди луѓе во светот живеат без вода за пиење во своите домови, а околу четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг од вода во траење од најмалку еден месец во текот на годината. Податоците исто така покажуваат дека околу 200 милиони луѓе користат вода за пиење од реки, потоци и езера, а според светските експерти до 2030 година околу 600 милиони би можеле да се соочат со недостиг од вода.
Обединетите нации досега неколкупати посочија дека правото на безбедна и чиста вода за пиење и санитарни услови е човеково право, што е неопходно за целосно уживање во животот, односно дека човековото право на вода значи пристап на сите без дискриминација до вода за лична и домашна употреба, што вклучува вода за пиење, за лична хигиена, за перење облека, за приготвување храна и за лична и домашна хигиена.
Како причини за недостиг од вода се потенцираат негрижата за животната средина, климатските промени, порастот на населението, растечката урбанизација, како и војните. Дека климатските промени влијаат на снабдувањето со вода за пиење, но и на водните ресурси, посочуваат повеќемина познавачи и експерти.

Алармот е вклучен и во Македонија

И Македонија се соочува со овој глобален проблем, па експертите укажуваат дека се потребни системски мерки за превенирање и негово решавање пред тој да добие димензии што никој не ги посакува.
– Како резултат на зголемените просечни температури, се очекува да се намали и количеството на подземни води, кои се директно одговорни за снабдување со вода за пиење, но и количеството на површински води, значи водите во реките и езерата. Секоја година гледаме дека водостојот е понизок – вели Бојана Станојевска Пецуровска, претседателката на Центарот за климатски промени.
Според неа, за подобрување на состојбата се потребни активности, но во овој момент, освен подготовката на Законот за климатска акција, кој е во процедура на усвојување, немаме план за адаптација и за зголемување на отпорноста на климатските на овие сектори на државно ниво, како што нагласува Станојевска Пецуровска.

Ние сме сериозно надвор од вистинскиот пат

Оваа година, при одбележувањето на Светскиот ден на водата, акцентот е ставен врз забрзување на промените за решавање на кризата со вода и санитација, затоа што водата влијае на сите нас и треба сите да преземеме акција.
– Вие и вашето семејство, училиште и заедница можете да направите разлика со менување на начинот на кој ја користите, консумирате и управувате водата во вашите животи. Вашите обврски ќе бидат додадени во Агендата за акција за вода, која ќе биде лансирана на конференцијата за водата на ОН во 2023 година – прв настан од ваков вид речиси 50 години. Ова е момент што се случува еднаш во генерација за светот да се обедини околу водата. Играјте ја вашата улога. Правете што можете – се вели во пораката на Обединетите нации по повод одбележувањето на Светскиот ден на водата
Од Обединетите нации исто така посочуваат дека нерационалното користење на водата го поткопува напредокот на сите светски проблеми, како што се здравјето на луѓето, работните места, образованието, индустријата, но и светскиот мир. Оттаму исто така потсетуваат дека во 2015 година светот се обврза за одржлив развој како дел од агендата за 2030 година – ветувањето дека секој ќе има безбедно управување со водата и канализацијата до 2030 година. Но, како што се посочува од ОН, во моментов, ние сме сериозно надвор од вистинскиот пат. Милијарди луѓе и безброј училишта, бизниси, здравствени центри, фарми и фабрики се задржани затоа што нивните човекови права за вода и санитарни услови сè уште не се исполнети.
Од Обединетите нации апелираат дека се потребни забрзани промени и дека секоја држава треба да работи во просек четири пати побрзо за да се исполни агендата за 2030 година.
Глобалните проблеми околу водата за пиење ќе бидат разгледани на конференцијата за водата на ОН во 2023 година, која се одржува од денеска до петок во Њујорк.


Нивото на водата во македонските езера и реки сѐ уште под просекот, исклучок е Дојранско Езеро

Резултатите од вчерашните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека за еден сантиметар е зголемен водостојот на Охридско Езеро во споредба со завчера, а за исто толку е намален на Дојранско Езеро.
Сепак, и покрај тоа, нивото на Охридско Езеро е пониско од просечното за март, и тоа за 24 сантиметри. Понизок водостој за 1,98 метар од просечниот има и Преспанско Езеро, додека нивото на Дојранско Езеро е за 2,4 метри повисоко од повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Пониски од просечните се и водостоите на поголем дел од реките во земјава, но најчесто се блиску до просекот. Исклучок е реката Брегалница, на мерното место кај Берово, каде што нивото е за 5,5 пати пониско од просечното.
Овие информации ја дополнуваат претходната процена, според која, благодарение на врнежите од дожд изминатите седмица водостојот на Охридско Езеро пораснал за четири сантиметри, но сѐ уште е далеку под просекот за овој период од годината. Нивото на водата во нашето најголемо езеро вчера се наоѓаше на котата од 693,25 метри надморска височина, што е за 24 сантиметри пониско од просекот за март.
Иако изминатата седмица имаше врнежливи денови, генерално временските услови сѐ уште се неповолни, со мошне малку врнежи, што придонесува за нискиот водостој.
Температурата на водата во Охридско Езеро е 8 Целзиусови степени, што е во рамките на просекот, кој изнесува 7,8 степени.

Фото: Игор Бансколиев