Словенските народи немале свој Цариград каде што со векови било собирано царското богатство, ама ние сме го имале Охрид, каде што се развивало нашето писмено, црковно и културно богатство. Затоа, Охрид е нашиот словенски дворец од каде што се развивал духовниот живот, а Свети Климент е првиот просветител што создал толку голем црковно-просветен центар во Македонија што се рамнел со најголемите
Единствено Свети Климент е наречен „вториот апостол Павле“, како што пишува во Житието за него блажениот Теофилакт Охридски, бидејќи она што бил апостолот Павле за Македонија, десет века потоа станал и Свети Климент Охридски. Библиска вистина е дека Бог го упатил Павле кон Европа, доаѓајќи најпрво во Македонија, како што бил повикан од „човек Македонец, кој го молеше и велеше: ,Премини во Македонија и помогни ни!‘“ (Дела 16,9). Тие два свети лика се нашиот почеток и сигурен од по светол пат кон усовршување во доброто (Матеј 5,48). Со апостол Павле започнуваат нашето охристовување и христијанизација, а со Свети Климента – нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сè. Такви се божјиот план и промисла: во Македонија да дојде апостол Павле, па Свети Кирил и Методиј од Македонија да отидат мисионери во Европа, а најдобрите нивни ученици Свети Климент и Свети Наум да се вратат во својата татковина, во Македонија. Големото апостолско и просветителско дело продолжило со дејноста на најмудриот и најдаровит Свети Климент Охридски. Македонија станала центар на словенската црковност, писменост, книжевност, култура, уметност и просвета. Во тоа време бевме први со наши народни црковни училишта на свој јазик, со своја црква, култура и развиена книжнина. Со Светата Библија в раце и со богослужбените книги оделе учените свештенослужители и учители од Охрид до Киев и Русија. Овде бил центарот на словенската писменост од каде што се распространи словенската литература и култура по цела Европа.
Свети Климент Охридски се вратил во Македонија како Христов апостол, пастир, мисионер и учител. Дошол за да го евангелизира овдешниот свој народ. Да го всади кај луѓето вистинското христијанство. Да ги збогати со евангелските вистини и со христијанскиот морал. Да го внесе Евангелието во нивниот живот. И успеал во тоа. Oбјаснувајќи го Светото писмо, му ги открил божјите вистини и вистинската вредност на човекот. И така „словото божјо растеше и се распространуваше“ меѓу народот во Македонија (Дела 12,24; 6,7; 19,20).
Истовремено, со евангелизирањето, Свети Климент пристапил кон просветување на луѓето. Знаел дека непросветениот народ е лесен плен на асимилаторски расположените соседи. Во Македонија Свети Климент го просветил својот народ со свое писмо, на својот јазик и со своја јерархија. Затоа, времето на Свети Климента се нарекува и златен век на нашата просвета, култура и писменост. Го формирал Охридскиот универзитет за да можат младите да се стекнат со образование. Тоа е првиот словенски универзитет и прв универзитет во Европа, а биле изучувани сите тогашни науки. Се создала книжевност од ораторската проза и црковната поезија. Во Европа влегла новата писменост на новиот јазик на Словените. Започнал нов период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, Свети Климент и неговиот универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала во Европа третата – словенската јазично-културна цивилизација.
Словенските народи немале свој Цариград каде што со векови било собирано царското богатство, ама ние сме го имале Охрид, каде што се развивало нашето писмено, црковно и културно богатство. Затоа, Охрид е нашиот словенски дворец од каде што се развивал духовниот живот, а Свети Климент е првиот просветител што создал толку голем црковно-просветен центар во Македонија што се рамнел со најголемите.
Светиклиментовиот универзитет е познат по тоа што во основа на сите научни дисциплини било Светото писмо – Библијата, христијанското учење и христијанската етика. Библијата била во рацете на секој наставник и ученик – основна книга и темел на сè. Со богомудрието се градело човекомудрие. Се образовале достојни богослужители и народослужители, книжевници и учители, лекари и аптекари, законотворци и правници, историчари и музичари, иконографи и фрескописци и сите учени луѓе. А тие правеле сè за да биде човекот човечен и устремен кон доброто и совршеното (Матеј 5,48).
Свети Климент ја пренесувал евангелската порака и велел дека не е доволно само да не правиме зло, туку треба да правиме и добро. Како што рекол Христос: „Прави го она што сакаш тебе да ти го прават другите“ (Лука 6,31; Матеј 7,12). Ги учел на добродетелен живот и тоа го покажувал со личен пример. Поучувал не само со зборови туку и со живот. Како што рекол Христос: „Поучете се од Мене“ (Матеј 11,29). Ги советувал на богољубие и братољубие, според Божјата заповед: „Сакај го ближниот како себеси“ (Матеј 22,37-40).
Учител каков што бил Христос за апостолите, така и Свети Климент бил пример за учениците. А во тоа е тајната на неговиот зачудувачки голем успех. Другарувал со нив. Живеел со нив. Со кротост и со љубов татковска се однесувал кон нив, а тие му возвраќале со послушание и синовска оддаденост, како што се вели во житието: „Го слушаа како татко“. Свети Климент љубел со срце, не – со уста. Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и духовното влијание многу значело во нивното оформување како личности. Тие ги гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност и строгиот подвижнички живот на својот учител. И затоа запишале: „Ние никогаш не го видовме да е без работа“.
А и тој бил од истиот народ и го сакал и го знаел по душа, а ако бил некој дојденец, Елин или Латин, Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи, ниту, пак, тие ќе можеле да го сметаат за свој и толку близок.
Целиот живот им го посветил на Бога и на народот. А секој народ има таков учител од Бога испратен за негово спасение. Нашиот најголем учител и духовен пастир е Свети Климент Охридски – божји светител и народен просветител.
Просветител со полно значење на зборот просвета – prosvyÃenie.
По седумгодишната учителска дејност, во 893 господово лето, Свети Климент бил поставен за епископ велички и станал прв словенски епископ во чија епископија се богослужело, се проповедало, се читало и се пишувало на старомакедонски словенски јазик. Организирајќи ја својата епископија, станал организатор на црквата кај нас, со наша народна јерархија, та во Охрид ги поставил темелите за подоцнежната Охридска архиепископија, од која произлезе Македонската православна црква – вистинската и доследна нејзина наследничка и продолжителка на Сетиклиментовото дело.
Свети Климент Охридски бил епископ со: вера и љубов кон Бога и кон луѓето, жртва за народот и со живот според Евангелието. Никогаш не понизил никого – „епископствувал апостолски“. Притоа, негова најблиска поткрепа бил Свети Наум Охридски, основоположникот на монаштвото во Македонија. И двајцата биле од Бога повикани и „избрани од светот“ за да се издигнат високо над светот (Јован 15,19). И секогаш први го правеле она што ќе побарале да го прават и другите, та сведочеле со личен пример. Го надживеале времето и се вградиле во вечноста и светоста.
Нам, пак, ни останува како достојни чеда Светиклиментови да бидеме вистински следбеници, та да ги чуваме и негуваме со љубов и грижа придобивките од памтивек наши: и верата и црквата, и народот и татковината, и јазикот и писмото, и просветата и книжевноста, и минатото и иднината…